Достапни линкови

Амнестија на „вистината“ за крвавиот четврток


Инциденти во Собранието на 27 април 2017
Инциденти во Собранието на 27 април 2017

Милост за обвинетите, а не ослободителна пресуда. Вака накусо судот ја образложи одлуката за амнестија на организаторите на „крвавиот четврток“. Се отвора прашањето што со Никола Груевски кој беше меѓу организаторите? Амнестија добија генералите, војниците се во затвор, коментираат адвокатите на дел од осудените.

Последната одлука на Кривичниот суд да се амнестираат петтемина обвинети за организирање на упадот во македонското собрание што се случи на 27 април 2017 година ја затвори можноста да се дознае дали токму тие учествувале, дали се виновни или не за инцидентите во законодавната институција.

Амнестирани се поранешни министри, претседател на Собрание и директор на УБК и тоа 6 години по носење на законот за амнестија. На слобода судот ги пушти поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри во владата на ВМРО ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Минатата недела судијата од Кривичниот суд Скопје кој ја донесе конечната одлука, Илија Трпков им порача дека се слободни, но не дека не се виновни.

„Некој побара од државата да биде амнестиран. Лично јас сметав дека обвинетите ќе одат до крај и ќе докажат дека не се вмешани, но тоа е нивна одлука и треба да се почитува, изјави Трпков.

Упадот во собранието се случи на 27 април 2017 година, при промената на власта на ВМРО ДПМНЕ и избор на нов собраниски спикер, а повредени беа неколкумина тогашни пратеници на СДСМ, меѓу кои и тогашниот лидер на партијата Зоран Заев.

Заев во крв, пратениците од СДСМ и други нападнати во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Уште кога Собранието го донесе законот за амнестија на учесниците во „крвавиот четврток“ реакциите на дел од обвинетите кои не ги опфаќаше законот беа дека тој дели селективна правда.

Во него е пропишано дека амнестијата не може да ги опфати лицата кои кога учествувале во терористичко загрозување на уставниот поредок биле со прикриен идентитет и употребиле физичка сила, кои носеле оружје и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело.

Со тоа не беа амнестирани луѓето од патриотските здруженија, луѓето со фантомки и оние кои учествувале во насилство.

Амнестирани беа тогашните пратеници на ВМРО ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски кои ги отворија вратите на Собранието, а после неколку денови од слободата гласаа за уставни измени за промена на името на државата. Позитивни оценки за амнестија добија и водачите на протестите од „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски – Бетмен, Владо Јовановски и Борис Дамовски.

Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Во овој судски предмет за упадот во Собранието беа обвинети 33- ца, од нив 15 беа амнестирани, со законот за амнестија од 2018 година. Сите имаат испратено барање за амнестија, освен Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ.

Што со бегалците Никола Груевски и Никола Бошковски?

Во истрагата за организаторите на крвавиот четврток беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и вработениот во УБК Никола Бошковски. Но, поради тоа што тие не беа достапни за обвинителството односно беа во бегство тоа ја стопираше постапката за нив.

Радио Слободна Европа во последното интервју со државниот обвинител Љупчо Коцевски го праша дали доколку и овие двајца осомничени побараат амнестија и тие би добиле позитивно мислење од неговото обвинителство?

„На такви прашања во моментов не можам да одговорам, за тоа што тоа е друг предмет и јавното обвинителство нема задолжение да дава во моментов такво мислење за нив“, рече Љупчо Коцевски во интервју на 29 декември 2024 година.

Државниот обвинител не очекува да го разрешат и покрај незадоволството на Мицкоски
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 1080p
  • 720p

No media source currently available

0:00 20:46 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 1080p
  • 720p

Инаку амнестијата на организаторите доаѓа откако обвинителството даде позитивно мислење за сите освен за Атанасовски. Но судот одлучи да го амнестира и него и покрај негативното мислење. Коцевски за РСЕ рече дека во носењето на одлуката не учествувал само обвинителот кој е на предметот туку колегиум од дури 17 обвинители.

Дали се почитувани роковите за барањата за амнестија?

Она што исто така може да се отвори како прашање е рокот за барање на амнестија кој го пропишува законот. Во него беше пропишано дека сите кои сакаат да бидат амнестирани имаат рок од 5 денови од носењето на законот да ги достават барањата за амнестија. Од истата невладина сметаат дека токму тоа е пропуст на законодавецот.

„Проблемот е во законот што воопшто предвидел да се поднесува барање и е даден рок за оваа постапка. Судот тоа го работи по службена должност, за тоа што тоа е негова обврска кога се работи за амнестија, помилување и апсолутна застареност“, вели Дарко Аврамовски, Коалиција сите за правично судење.

Интересно е што истрагата за организаторите беше отворена на 20 февруари 2019 година односно речиси два месеци од носењето на законот за амнестија. Ваквата состојба ја увидел и Апелациониот суд Скопје кој во решението по жалби на организаторите нотирал дека барањата за амнестија не се во законскиот рок, но тој самиот не донел конечна одлука туку предметот го вратил повторно кај првостепениот Кривичен суд.

„Кривичниот суд не расправал, не испитувал и не утврдувал дали обвинетите знаеле и дали можеле да поднесат барање за амнестија по законот каде е ограничен периодот на поднесување на барање бидејќи обвинението е поднесено на 31.05.2019, истрагата започнала на 20.02.2019 а законот е донесен на 18.12.2018 та година, па следствено дали треба да се применат“, пишува во решенитето на Апелациониот суд кој ги прифатил жалбите на организаторите, а каде потпис ставил судијата Ѓоко Ристов.

Инаку Апелациониот суд Скопје ја одигра главната улога во носењето на позитивното мислење за амнестијата за организаторите. Тој во два наврати со одлуки по жалби од обвинетите порача дека судот не посветил доволно внимание на барањето за амнестија на обвинетите организатори.

И покрај тоа што и апелација имаше законска можност да одлучува по овие барања сепак тоа го препушти на првостепениот суд. Во одлуките на апелација имаше насоки и за обвинителството па обвинителот Коцевски правдајќи го позитивното мислење кое го дадоа рече дека ги почитувале упатствата кои биле многу конкретни, а дадени од Апелациониот суд.

Во предметот за организаторите за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, беше досудена првостепена пресуда од шест и пол години казна затвор за Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор. Но, Апелациониот суд по нивна жалба го врати предметот на повторно судење. По ова тие добија амнестија.

„Генералите“ амнестирани, „војниците“ затворени

Селективна правда под притисок на политиката, коментираат адвокатите на осудените за кои се во затвор за истото дело и за истиот настан поврзан со упадот во македонското Собрание. Не им се лутат на организаторите за кои велат дека им е поклонета амнестијата, но кај останатите кои се во затвор одлуките на судството предизвикуваат горчина.

„Очигледно кога се постапува во судски постапки не сите се еднакви пред законот. Очигледно е дека кога има партиска припадност и висока партиска позиција судовите поинаку судат. Тоа е селективност на обвинети. Еве да потсетиме дека и при пресудата за нашиот случај, каде што се судеа „војниците“ казните беа од 12 до 18 години, а таму каде што се судеа „генералите“ односно оние кои ги даваа напатствијата за што овие да прават беа изречени казни од 5 до 6 години. Епа сега видете какви казни добија политичарите а какви оние кои немаат врска со политика“, вели адвокатот Драган Пешевски кој беше бранител на осудениот Горан Анѓелов – Ќосето.

Инаку во овој случај беа осудени 16 луѓе, од кои најдолга е казната за Чавков, 16 години, а најкратка за Абдуљфета Алими (6 години) и за Александар Василевски-Нинџа(7 години).

За сега не откриваат дали ќе поднесат барање за повторно судење иако во неколку наврати се спомнуваше дека поседуваат нови докази. Во меѓувреме многумина од нив користат различни погодности кои им ги овозможува законот, а дел од нив и со месеци се на прекин на затворската казна поради боледување.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG