Со триминутен молк за последните три девојки кои беа прегазени на скопскиот булевар „Партизански одреди“ низ градот се одржа граѓански протест против системските пропусти со кои им е „прогледано низ прсти“ на возачите кои ги прегазиле. Последната жртва беше 22 годишната Фросина Кулакова која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин од 20 годишен пијан возач без дозвола.
Демонстрантите со транспаренти во рака на кои пишуваше „Сакаме правда “ и „Ова не е несреќен случај, ова е убиство“ повикуваа по скопските улици да им се приклучат случајните минувачи.
Пред Основниот суд Скопје 1 демонстрантите со еден вид перфоманст испратија порака до судиите „Крвави ви се рацете“ барајќи казнивост за „бесните возачи“ на скопските булевари.
Протестот се оддржуваше под силно полициско обезбедување. Демонстантите порачаа дека бараат правда и дека нема оправдување за судските одлуки со кои, како што велат, судиите ги пуштаат на слобода „бесните и пијани возачи “.
„Сакаме да изградиме систем, систем кој што сите ќе ги третира еднакво. Доста молчиме,“ изјави еден од демонстрантите.
Случајот предизвика реакции во јавноста, откако беше обелоденето дека 20-годишниот возач возел под дејство на алкохол и ја прегазил младата девојка и покрај тоа што семафорот покажувал црвено светло.
Протестот започнаа на скопскиот булевар „Партизански одреди“ каде што граѓани запалија свеќи за загинатата 22-годишната Фросина Кулакова.
Оттаму граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Обвинителството и Кривичниот суд. Пред Собранието беше скандирано „Бараме решенија и одговорност“, каде што демонстрантите посочија дека не може една година на улиците да има камери, но тие да не функционораат, затоа што пратениците не изгласале законските измени.
„Фросина може да биде секој од нас. Фросина е жртва на системот, жртва затоа што во државата не постои казнивост“, рече претставник на Студенскиот сојуз кој говореше на протестот.
Протест имаше и во родниот град на починатата Кулакова на градскиот плоштад во Неготино. Стотици нејзини сограѓани запалија свеќа и положија цвеќе пред поставената фотографија на младата девојка.
Јавното обвинителство соопшти дека возачот, кој ја усмрти Фросина возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и со огромна брзина поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. Одреден му е притвор од 30 дена.
Тошковски : Загинувањето на Фросина не е само несреќа, туку резултат на пропусти во системот
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски граѓаните со право прашуваат како е можно лице кое е со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот.
Тој на социјалните мрежи се огласи со став дека ова не е само несреќа, додавајќи дека таа е резултат на пропусти во системот што „дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите“.
„МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам“, пишува Тошковски во објава на неговиот профил на социјалната платформа Фејсбук.
Мицкоски: Револтот на граѓаните е оправдан
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за протестот на граѓани поради сообраќајната несреќа во која загина 22 годишната Фросина Кулакова изјави дека дека револтот на граѓаните е оправдан. Тој најави ригорозна ригорозна казнена политика на санкционирање на дивеењето со автомобили.
Според него наскоро системот „Безбеден град “ ќе биде ставен во функција и ќе може да се справи со автомобилското дивеење по скопските улици.
„МВР тоа како постапка го спроведува, и наскоро ќе имаме еден таков систем којшто ваков тип на дивеење ќе санкционира. И тоа мора да се случи. Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика која што ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме сме ја постигнале целта“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека понеодговорно е „однесувањето на одделни политичари со некрофилска политика кои се обидуваат на ваков начин преку пораки коишто згрозуваат да привлечат политичко внимание и да добијат политички поен“.
Кои се официјалните информации за сообраќајката
Фросина Кулакова беше прегазена ноќта на 29 ноември на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Животот го загуби на лице место.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје следниот ден отвори истрага против возачот В.Ј., 20-годишно момче во Скопје, за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Според официјалните информации, автомобилот со кој ја прегази девојката бил „пежо 207“, сопственост на неговиот татко. Момчето немало возачка дозвола, а лабораториските анализи покажаа и дека имал 0,82 промили алкохол во урината. Фросина ја удрил поминувајќи на црвено.
„Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента“, гласеше официјалната информација од Обвинителството.
Осомничениот возач има досие со кривични дела
Ова не е прво кривично дело за кое се гони младиот 20-годишен скопјанец. Тој веќе има досие со кривични дела поврзани и со сообраќајот и со дрогата, а неколку месеци поминал и во притвор.
Според официјални информации, Министерството за внатрешни работи (МВР) водело прекршочна постапка против момчето за возење без возачка дозвола.
Во текот на 2024 година против него до Обвинителството имало поднесено и две кривични пријави.
На 30 март полицијата му поднела кривична за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Од ОЈО Скопје наведуваат дека уште истиот ден отвориле истрага и дале предлог за притвор. В.Ј. тогаш не бил достапен за органите, а кога станал достапен – на 2 април 2024, веднаш завршил во притвор.
Истрагата била завршена за помалку од два месеци и на 21 мај било поднесено обвинение, а притворот му бил продолжен до 21 јули лани. Тогаш, Основниот кривичен суд Скопје изрекол пресуда, но го третирал обвинетиот како „помлад полнолетник“ и наместо затворска казна се одлучил за воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во Тетово и предлог да му се продолжи притворот.
„На 30.09.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка“, велат од ОЈО Скопје.
Покрај овој случај со кривична постапка, во архивите на обвинителството е забележана уште една пријава против В.Ј. која била поднесена на 1 февруари 2023 година, а се однесувала на сообраќајка што се случила во ноември 2022 година. Тогаш момчето учествувало во сообраќајна незгода во која била повредена една жена.
Меѓутоа, според тврдењата на ОЈО Скопје, постапка била спроведена, но оштетената дала согласност и било донесено решение момчето да не се гони кривично туку да плати да уплати 18.000 денари во државниот буџет.
Кривичниот суд со дополнително објаснување
Од Основниот суд Скопје 1 во писмено соопштение објаснуваат дека судот за две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“ донел осудителна пресуда за момче кое немало полни 20 години.
„Упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 ст.3 и ст.4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се заметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година. Согласно Законските одредби од ЗКП по досудена Заводска мерка, Мерката притвор не може да опстојува, заради што Јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. Предметот на 07.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде сеуште не е вратен на евентуално извршување“, се вели во соопштението од Судот.
Оттаму велат дека според евиденцијата на судот, осомничениот не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. До сега не е процесурана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на Сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир, посочуваат од судот.
„Како суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа“, се вели во соопштението од судот.
Најмалку три жртви за десет години на „Партизанска“
Сообраќајката во која беше прегазена Фросина Кулакова не е прва која предизвикува бурни реакции и гнев кај граѓаните за дивеењето по улиците. Само на истиот булевар, „Партизански одреди“, изминатите години згаснаа неколку млади животи.
Во 2015 беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач возач кој исто така беше под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената.
24-годишната Викторија Николова од Радовиш во јануари 2022 година, беше прегазена на истиот булевар, но кај трговскиот центар Сити мол. 22-годишниот возач, според Обвинителството, тогаш возел со поголема брзина од дозволената.