Достапни линкови

 
Граѓани бараат правда за Фросина и одговорност од институциите

Граѓани бараат правда за Фросина и одговорност од институциите


Граѓаните палат свеќи и и оддаваат почит на Фросина Кулакова која беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“, Скопје, 31 јануари 2025
Граѓаните палат свеќи и и оддаваат почит на Фросина Кулакова која беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“, Скопје, 31 јануари 2025

„Уште колку, а“? пишуваше меѓудругото на еден транспарент на кој беа наведени имињата на три млади девојки кои токму на булеварот „Партизански одреди“ прерано ги загубија своите животи.

Во среда вечерта згасна животот и на дваесет и двегодишната Фросина Кулакова, која беше прегазена од 20-годишен возач без возачка дозвола, додека минувала на пешачки премин.

Случајот предизвика реакции во јавноста, откако беше обелоденето дека возачот возел под дејство на алкохол и ја прегазил младата девојка и покрај тоа што семафорот покажувал црвено светло.

Од местото каде што почина младата Фросина, граѓаните побараа правда и построги санкции за несовесните возачи.

„Да се распушти судството и обвинителството. Да се формира ново. Повторно да се воспостави позорната служба на полицијата, сообраќајната служба на полицијата да се воспостави на улиците и на раскрсниците, да не седат по канцелариите“, изјави еден од учесниците на протестот.

Повик за протест има и во родниот град на починатата Кулакова и тој ќе се одржи на градскиот плоштад Неготино.

Во објава на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски напиша дека МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесирала сторителот, „тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази“.

Сепак Тошковски порача дека одговорност треба да понесат сите инволвирани во системот.

„Ниту едно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние кои веќе еднаш покажале дека се опасност за другите.
Гневот е разбирлив, недовербата во институциите е оправдана, но ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност“, напиша министерот Тошковски.

Инаку, Јавното обвинителство соопшти дека возачот, кој ја усмрти Фросина возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и со огромна брзина поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. Одреден му е притвор од 30 дена.

Протест на граѓаните поради несреќата во која загина Фросина Кулакова, 31 јануари Скопје
Протест на граѓаните поради несреќата во која загина Фросина Кулакова, 31 јануари Скопје

Обвинителството информираше дека претходно тој бил обвинет и за други кривични дела-неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката за овие дела, обвинетиот бил во притвор, а скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово.

Учесниците на протестот побараа одговорност и за судијата кој му го укинал притворот на 20-годишниот возач В. Ј. кога го осудил за поседување на дрога.

Граѓаните преку транспаренти испратија пораки и побараа одговорност од институциите на системот
Граѓаните преку транспаренти испратија пораки и побараа одговорност од институциите на системот

Освен кривична пријава за дрога, за која наместо во притвор неколку месеци бил во воспитно поправен дом, В.Ј имал кривична пријава и за уште една сообраќајка која ја направил во 2022 година, соопшти Обвинителството. Жената тогаш се здобила со полесни повреди и Јованов платил 18 илјади денари.

Протестот има за цел да испрати јасна порака за потребата од одговорност и заострување на казнената политика за вакви случаи.

Според полицијата, годишно, повеќе од 140 луѓе ги губат животите во сообраќајни несреќи во нашата држава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG