„Пациентите се жалат дека нема доволно лекари, нема доволно термини, што го прави здравството неквалитетно. Сепак, државата не им обезбедува базични работи не само на приватните специјализанти туку на младите лекари воопшто“, вели за Радио Слободна Европа, студентката на Медицинскиот факултет, Рита Ајдарага.
Дваесет и тригодишната скопјанка има уште две години до дипломирањето, а потоа сака да специјализира Патологија. Вели тоа е медицинската гранка која ја влече најмногу, но остварувањето на овој сон за неа е неизвесно, бидејќи не знае дали воопшто е исплатливо.
„Многу е дискутабилно дали јас ќе специјализирам по моите студии или ќе работам како општ лекар во примарно здравство бидејќи не знам дали вреди целиот стрес и целото жртвување за специјализација во однос на време, труд и финансии“, додава Рита.
По многу протести минатата година прашањето за вработувањето на приватните специјализанти се најде на владина седница неполни три месеци по изборите кои се одржаа на осми мај. Тогаш и новоназначениот министер, Арбен Таравари и премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи се „пофалија“ дека ќе има 600 нови вработувања на приватни специјализанти за потребите на јавните здравствени установи.
Таравари информираше дека до крајот на 2024 ќе се вработат 300, а идната година уште 300 приватни специјализанти. Но тоа уште не се случува.
Од Владата на прашањата на Радио Слободна Европа одговорија дека ќе има нови вработувања, а за таа цел во тек се измени на систематизациите во јавните здравствени установи.
„Очекуваме во најскоро време оваа административна постапка да биде завршена. Во меѓувреме, во тек е постапка за добивање согласност од Министерство за финансии за установите во кои има слободни работни места во систематизациите“, се вели во писмениот одговор од од Владата.
И министерот за здравство Таравари денеска на 10 февруари изјави дека се очекува да бидат вработени сите специјализанти, но не прецизираше кога.
Протест и штрајк, но празни ветувања
Тоа значи дека приватните специјализанти и натаму платата од 26 илјади денари ја добиваат врз основа на договор на дело, што значи дека без решен статус за вработување, не им тече ниту стаж. Тоа значи дека работат во здравството но самите немаат здравствено осигурување, а не им следува ниту платено породилно отсуство.
Ваквите проблеми минатата година ги извадија приватните специјализанти на протест.
Од Здружението на лекари специјализанти побараа платата да им биде усогласена со просечната плата во државата. Меѓу оние кои протестираа пред ресорното министерство беше и д-р Христина Илиоска-Чешларовска, чија приватна специјализација е во областа на интерната медицина. Вели тоа ја интересира највеќе бидејќи таму се опфатени низа дијагностички методи, но иако го учи и работи она што го сака, сумата од 26.000 денари е демотивирачка.
„Очигледно желбата за доедукација и специјализација кај мене и моите колеги е голема, но тешко се издржува со оваа сума. Приватната специјализација е голем финансиски предизвик, сепак станува збор за шест години“, вели д-р Христина за РСЕ.
Таа е една од 600 лекари кои специјализација ја плаќаат од свој џеб, а во исто време работат и добиваат плата малку поголема од минималецот. Со месечна плата од 26.000 денари тие всушност треба да ја платат шестгодишната специјализација, од која секоја година чини по 1500 евра.
Потсетува дека овие, но и барањето за здравствено осигурување беа испорачани и на ланскиот протест, но како што вели ситуацијата не е променета.
Специјализантите почнаа и генерален штрајк на 15 април. Ден подоцна, Владата на седница сепак одлучи дека нивниот статус ќе се решава по изборите со предлог законски решенија.
Алармантен одлив на лекари
На протестот под мотото „Пет до 12 за македонското здравство“ специјализантите симболично излегоа со куфери за да доловат дека се подготвени да ја напуштат државата во борбата за подостоинствен живот. Податоците на Македонското лекарско друштво покажуваат дека јавното здравство годишно го напуштаат околу 250 доктори.
Студентката Рита Ајдарага за Радио Слободна Европа вели дека ова често е тема на дискусија меѓу колегите. Лично таа би сакала да остане но не ја исклучува можноста да се исели од овде.
„Јас лично сум дете на оваа држава и би сакала да останам. Јас сакам да придонесам тука каде што пораснав и каде што го стекнав моето образование. Но, ако државата мене не ме сака и не се потруди да ме задржи, јас ќе морам да излезам за мојата иднина и друга животна перспектива“, порачува Рита.
Лекарите кои специјализираат приватно почнаа да добиваат месечен надомест во 2018 година за време на мандатот на Венко Филипче. Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување во септември таа година одлучи дека надоместот ќе го добијат оние кои ја почнале специјализацијата со конкурсот распишан во јануари.