Од само симболична поддршка од САД до економски бенефит, но и поддршка од Вашингтон во евроинтеграциите на Северна Македонија, кои се блокирани поради условот за вметнување на бугарската заедница во Уставот на земјава.
Ова се рамките во кои се движат очекувањата на македонските аналитичари откако Христијан Мицкоски се врати од своето трето патување во Вашингтон, по преземањето на премиерската функција во јуни 2024 година.
По учеството на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон, Мицкоски порача дека оттаму „доаѓа новото нормално“ и тој сака прв да фати место.
„Запоседни го теренот па потоа кој и да дојде, втор, трет. се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања. Од друга страна, мора да кажеме и која е нашата фрустрација и болка. Ако некому му смета тоа што го кажа (потпретседателот Џеј Ди) Венс и мене ми пречи што 20 години не можам ни милиметар да се мрднам не зашто не сум добар, туку зашто некој треба да решава прашања од 10 – 11 век“, рече Мицкоски алудирајќи на историските спорови со соседите во евроинтеграциите на Северна Македонија.
Претходно, во јануари македонскиот премиер присуствуваше на инаугурацијата на Доналд Трамп, а во Вашингтон беше и на почетокот на неговиот мандат предводејќи ја делегацијата што учествуваше на Самитот на НАТО.
Колку Северна Македонија и регионот се на радарот на САД?
Меѓутоа, она што во моментов може да го пружи САД кога е во прашање патот на земјава кон ЕУ, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, е само симболична поддршка.
„Политичката позиција на Трамп е во блиски релации со ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека симболично може да очекуваме некаква декларативна поддршка. Но, во смисла на евроинтеграции мислам дека не треба да очекуваме спектакуларни решенија и помош од неколку причини. Прво, САД под администрација на Трамп се во тензија со ЕУ и каква било помош на САД може да донесе контрареакција од ЕУ“, вели Арсовски за Радио Слободна Европа (РСЕ).
За ваквиот негов став, тој го наведува и тоа што, според него, Западен Балкан сега не е „на радарот“ на САД бидејќи администрацијата на Трамп има поголеми проблеми во моментов.
Аналитичарот Милан Стефановски, пак, препознава знаци дека САД ќе имаа проактивна улога како во регионот, така и за евроинтеграциите на Северна Македонија. Како примери, тој ги посочува јавно искажаните гледишта на Ричард Гренел – американскиот претседателски пратеник за специјални мисии, за политичката состојба во Косово, како и писмото на Трамп кон српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Овие примери укажуваат во некој среден рок, проактивна политика на САД во решавањето на нерешените равенки на Балканот – Косово, Босна и Херцеговина, но и продор кон евроинтеграциите на Македонија и Србија. За нас е доволно ЕУ да се врати на познатите принципи и критериуми за влез во ЕУ, без двојни стандарди, без уцени и условувања. САД несомнено можат многу да помогнат во овој случај“, потенцира Стефановски за РСЕ нагласувајќи дека „веќе ништо нема да е исто во геополитиката“.
Колку посетите во САД и во други држави, ќе вродат со плод, Мицкоски засега не може да гарантира. Тој вели дека не знае дали ќе се смени нешто и додава „но, јас ќе се борам“.
Економски бенефит
Соединетите држави се стратешки партнер на Северна Македонија.
Во јуни 2022, владата предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски започна стратешки дијалог со САД. Во контекст на ваквото партнерство, покрај посетите во Вашингтон, аналитичарот Арсовски потенцира дека земјава треба да зацрта јасни цели за тоа што го сака.
„Можеме да очекуваме подобар бенефит, но треба да знаеме што да побараме. Ние во моментов од стратешкото партнерство, не сме направиле ни список што ни се конкретните барања од тоа партнерство. За тоа треба малку посериозна стратегија и малку повеќе да направиме внатрешен консензус за тоа што е она што ќе побараме од новата администрација“, вели Арсовски.
Ако се гледа стратешки, според Стефановски, добро е што Мицкоски за краток временски период неколку пати патувал во САД во ситуација кога стратегијата на Вашингтон е да го дизајнира и редефинира светот според гледиштата на Трамповата политика. Посетите, посочува, ќе помогнат да се зацврсти надворешната политика на земјава, но и се можност државата да се информира за новите економски правила што ги најавува Трамп.
„Македонските граѓани сигурно дека во некое догледно време ќе ги почувствуваат бенефитите во смисла на мир, безбедност и стабилност во овој свет кој се прекројува, а во втора фаза и економски бенефити. САД е најмоќната економија во светот, секој политички контакт ќе се структурира и во економски контакт. Трамп и неговиот тим имаат сериозни планови да инвестираат во регионот во големи енергетски потенцијали“, вели Стефановски.
САД не даваат гаранции, помошта за ЕУ е добредојдена
Релациите на македонските власти со новата администрација во Вашингтон, но и американската улога во евроинтеграциите, изминативе денови ја коментираат и нивните дипломати во Скопје.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, порача дека тие не даваат гаранции за патот на Северна Македонија кон ЕУ бидејќи тие не се членка на ЕУ, но задоволна е посетите на Мицкоски во Вашингтон.
„Фактот што тој [Мицкоски] е неколку пати таму откако ја презема неговата позиција како премиер, исто како и многу други министри, само зборува за близината на нашите односи и на многу начини покажува дека ние како САД и Северна Македонија билатерално може да соработуваме. Очекувам таа соработка да биде зајакната“, рече Агелер на 19 февруари коментирајќи го последното патување на премиерот во Вашингтон.
Брисел, пак, барем според изјавите на евроамбасадорот во Скопје, Михалис Рокас, нема ништо против од американска помош во евроинтеграциите. Како што рече Рокас, тоа е добредојдено.
„ЕУ ги смета САД за еден од главните партнери коишто ги имаме во светот, така што самата посета на вашиот премиер на САД сметам дека покажува оти САД ако се во можност да дадат свој придонес во забрзувањето на евроинтегративниот процес или европскиот пат на вашата земја, тогаш таквите напори се повеќе од добредојдени“, порача Рокас од Струмица на 21 февруари.
За евроинтеграциите Мицкоски вели дека земјава добива „поддршка од сите страни“. Покрај во Вашингтон, тој смета дека „мора да почнеме да победуваме“ и во Брисел, Берлин, Париз, Рим, Лондон … Во тој контект, тој најави дека денеска и утре ќе учествува на владина конференција во Будимпешта, Унгарија – земја чиј премиер Виктор Орбан важи за близок до владејачката партија во Северна Македонија и од која владата на Мицкоски зеде кредит од една милијарда евра. Во петок, пак, Мицкоски најави дека ќе оди на приватен ручек во Истанбул со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Северна Македонија и Албанија во јули 2022 ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ во пристапни процеси за членство во ЕУ, но за Скопје да ја одржи и втората, односно да отвори поглавја, треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се залага за одложено дејство на уставните измени.
Бугарија, пак, по политичката криза и седумте изборни процеси во изминатите четири години, во јануари доби Влада, а новиот шеф на дипломатијаа Георг Георгиев по средба со министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски во Минхен месецов порача дека не е можно повторно преговарање на договореното.