Достапни линкови

Преговорите со банките заглавија кај каматата за унгарскиот кредит


Изјава на премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Македонската банкарска асоцијација, 17.11.2024
Изјава на премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Македонската банкарска асоцијација, 17.11.2024

Има волја за учество и јасен став околу грејс периодот и рокот на отплата на унгарскиот кредит, ама останува нејасен делот околу каматата. Ваков е епилогот по денешната средба на премиерот Мицкоски со Македонската банкарска асоцијација.

Под кои услови и со која каматна стапка банките ќе го нудат унгарскиот кредит на бизнисмените, се уште не е дефинирано, затоа што владата не постигна договор со Македонската банкарска асоцијација на денешната (17 ноември) средба.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пред да се зборува за проценти, треба да се доближат ставовите, а преговорите продолжуваат.

„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела, и ќе видиме, очекувам дека до крајот на следната недела во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и со тоа би го заокружиле сето ова. Во моментот се доближуваат ставовите, еве би се задржал на таа формулација“, изјави Мицкоски по средбата во Министерството за финансии.

Средба на премиерот Христјан Мицкоски со банкарската асоцијација, 17 ноември 2024
Средба на премиерот Христјан Мицкоски со банкарската асоцијација, 17 ноември 2024

Премиерот истакна дека банкарската асоцијација несомнено сака да учествува во процесот.

„Од двете страни има изразена волја ставовите да бидат доближени и усогласени“, рече тој.

Според него, ставовите на владата и банкарите се доближени во делот на рочноста, односно согласни се да се користи формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата.

„Целта е каматата што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Сега, реално има трошоци коишто ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, ова зависи и од политиките на централната банка“, додаде Мицкоски.

Меѓу условите кои ќе се бараат од фирмите што ќе сакаат да земат дел од колачот, според најавите, е тие да имаат раст на производството и вработеноста.

Каматната стапка на унгарскиот заем што го зема Северна Македонија е 3,25 проценти со тригодишен грејс период и 12 години рок на отплата.

Но, неодговорено прашање засега останува која ќе биде провизијата што комерцијалните банки ќе ја земаат со оглед дека преку нив државната Развојна банка ќе ги пласира парите до компаниите.

Опозицијата во изминатиот период и забележуваше на власта дека нема јасни критериуми за тоа како ќе се распределат позајмените пари, ниту јасно утврден систем за контрола за трошењето на парите, но и прашуваше која ќе биде политичката цена што ќе ја плати државата.

Северна Македонија се задолжи за 500 милиони евра од Унгарија. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.

Тие 250 милиони евра преку Македонската инвестициска банка ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.

Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО во Вашингтон, во јули годинава.

Пред да бидат финализирани техничките обврски околу кредитот македонската опозицијата обвинуваше дека зад него стојат кинески пари.

Орбан при неговата последна посета на Охрид на 27 септември таквите тврдења ги негираше.

Орбан: Заемот за Северна Македонија не се кинески, туку европски пари
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Пред да се потпише договорот за кредитот на 8 октомври, во Собранието на 17 септември беше изгласан и Закон за унгарскиот заем.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG