Достапни линкови

 
Северна Македонија ги сака и стратешкиот партнер САД и стратешката цел ЕУ

Северна Македонија ги сака и стратешкиот партнер САД и стратешката цел ЕУ


Знамињата на ЕУ и САД (фотоархива).
Знамињата на ЕУ и САД (фотоархива).

Дали САД може да помогнат за преговорите со ЕУ, е прашање кое Мицкоски вели дека треба да им се постави ним. За Русија и Украина, тврди власта, нема промена на ставот – руската страна е агресор, но време е за дипломатија и мир. Од МНР велат дека државата не е подготвена во овој момент да испраќа војници во Украина.

Стратешката цел на Северна Македонија е полноправно членство во ЕУ, но исто така и САД се стратешки партнер на државата.

Вакви се ставовите и на премиерот Христијан Мицкоски и на високите претставници на македонската дипломатија, за тоа како земјава се позиционира на глобалната политичка сцена – прашање кое се наметна поради различните ставови и односот помеѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со Европската Унија, пред сè, кога станува збор за војната во Украина и плановите за мировен договор

„Најголемиот дел од европските лидери ќе бараат средба со претседателот Трамп и начин како да се стави крај на овој конфликт предизвикан од руската агресија во Украина. Јас сум убеден дека ние како држава треба да се позиционираме заедно со нашиот стратешки партнер, убедени сме во владата дека тоа е правецот во кој ние како држава треба да се држиме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 7 март.

Можат ли САД да помогнат во спорот со Бугарија?

За земјава, пак, прашање е дали во ваква ситуација САД може да помогнат за македонско-бугарското прашање.

„Може треба ним (на САД) да им го упатите како прашање. Дека јас ја користам секоја прилика каде и да одам да побарам поддршка и да ги презентирам нашите аргументи, тука да немате никаква дилема“, вели Мицкоски.

Високи извори во МНР се согласни дека постои неусогласеност меѓу европејците и американските на глобалната сцена, но се оптимисти дека ќе се најде решение. За евроинтеграциите, пак, немаат дилема дека тие се во интерес и на Соединетите држави.

„САД имаат стратешки интерес да се движиме кон членство во ЕУ. Историјата на проширување на Унијата покажува дека Соединетите држави секогаш го поддржувале тој процес“, сметаат од МНР.

Во моментов, како што истакнуваат од Министерството, кон спорот со Бугарија односно одблокирање на евроинтеграциите се насочени најголем дел од дипломатските напори на земјава.

Но, велат, државата „сè уште не е во ситуација да има јасна слика дека во иднина ќе нема билатеризација на преговорите со Европската Унија (ЕУ) и од тие причини останува на ставот да има уставни измени со одложено дејство“.

Северна Македонија и Албанија во јули 2022 ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ во пристапни процеси за членство во ЕУ, но за Скопје да ја одржи и втората, односно да отвори поглавја, треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Поради неисполнување на условот, земјава остана заглавена на патот, додека Албанија продолжи со преговорите.

Од МНР, пак, се оптимисти дека кога би се случило отворањето на поглавјата Северна Македонија може да се најде понапред и од Албанија и од Црна Гора, која важи за земја што предничи пред останатите од регионот на патот кон ЕУ.

Високи извори од Министерството тврдат дека „има разбирање“ кај земјите од ЕУ, како и кај САД за позициите на Северна Македонија. А, како пример за стравувањата дека Бугарија понатаму може повторно да условува од Министерството го посочуваат и последното соопштение на бугарското МНР по средбата на шефовите на дипломатиите на двете држави Тимчо Муцунски и Георг Георгивев, во кое, според толкувањата на македонската страна, бугарската „јасно кажува дека уставните измени се услов само за отворање на преговорите“.

Се напушта ли концептот на евроинтеграции

Зачувување на процесот на евроинтеграциите и паралелното сојузништво со САД или заземање страна, изминатиот период беше една од главните теми и во јавноста.

Како треба да се позиционира државата, за РСЕ зборуваше и универзитетскиот професор и поранешниот вицепремиер и ексамбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, според кого „нашата позиција треба да се бара некаде меѓу ставовите на САД и ЕУ“.

„Доколку Македонија ги имаше започнато преговорите за членство, тогаш самата ЕУ ќе можеше да изврши притисок Македонија да се усогласи со нејзините ставови, но во оваа ситуација тешко е да се каже дали воопшто постои единствен став на целата Европска Унија за клучните прашања, знаејќи дека добар дел од членките на ЕУ не се конзистентни во своите ставови“, посочи Наумовски.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, пак, зборувајќи за последните дипломатски активности и позиционираност на државата, е на став дека „има импулс за нов курс за врзување на една нова трансверзала во односите со суверенистички земји и лидери“, односно напуштање на концептот на европските интеграции“. Пред сè, како што посочува, поради условот за вметнување на бугарската заедница што македонската влада не може да го исполни.

„Премиерот многу пати јавно изјавил дека додека е тој премиер и неговата партија владејачката под ’вакви услови и ултиматуми од Софија, анахрони од 19-тиот век‘, тој не прифаќа Македонија да ги води напред преговорите со ЕУ стравувајќи од нови барања од официјална Софија, што значи, овие пробиви во надворешната политика може и да се толкуваат како свртување за 180 степени во официјалната македонска надворешна политика до сега“, рече Атанасовски за РСЕ.

Русија останува агресор за Северна Македонија

Дискусиите на оваа тема беа подгреани и со коспонзорството и поддршката на Северна Македонија за американската резолуција за Украина во Обединетите нации за што македонската дипломатија тврди дека не е несогласување со ЕУ и тоа не значи дека како државата не е усогласена со надворешната и безбедносна политика на Унијата.

Од МНР велат дека Северна Македонија не е подготвена во овој момент да испраќа војници во Украина и оти во моментов како земја-членка на НАТО „не смееме да дозволиме било каков безбедносен вакуум од регионална гледна точка“. Дополнително, дека фокусот на Северна Македонија во следниот период мора да биде на „нашиот регион и на источното и јужното крило на НАТО“.

За потсетување, македонската влада на 22 февруари беше коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за ставање крај на војната во Украина во која Русија не беше спомената како агресор.

Сепак, гласаше воздржано откако Советот на безбедност направи измени и ја наведе Русија како агресор. Значи ли тоа дека е променет ставот на Северна Македонија?

„Ставот на државата е јасен. Русија има спроведено воена агресија врз Украина, но сега сметаме дека е дојдено време за дипломатија и мир“, уверуваат високи извори во МНР.

Воздржаното гласање оттаму го правдаат со тоа дека земјите што биле коспонзори принципиелно се договориле така доколку има „каква било измена на содржината на резолуцијата“.

Паралелно, Северна Македонија во ОН гласаше воздржано и за европската резолуција за Украина.

Премиерот Мицкоски, пак, смета дека гласањето во ОН било исправно.

„Дека нашиот став беше испратен потврда стигна и со гласањето во Советот на безбедност кој носи конечни одлуки. Голем дел од постојаните земји членки на Советот, а се дел и од ЕУ, но и оние кои се повремени членки и се дел од ЕУ, не гласаа ’против‘ туку воздржано. Ако беа против, можеа да гласаат и така да ја блокираат. Со тоа, резолуцијата стана обврзувачка, тоа е правецот кој треба оваа влада да го цени и цениме дека траен одржлив мир е нешто што и е потребно и на САД и на ЕУ“, смета Мицкоски.

Премиерот изминатиот месец беше во две посети на САД – прво на инаугурацијата на Трамп, а потоа и на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC).

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG