Достапни линкови

„Политички брз воз“ Скопје – Белград – Будимпешта


Можна ли е паралелна брза пруга кон ЕУ, која води преку Будимпешта, со помош на САД, или ќе води во друг правец? Њузлетер 07.03.2025

„Политички брз воз“ Скопје – Белград – Будимпешта
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:08 0:00
Директен линк

Новата македонска влада, на чело со премиерот Христијан Мицкоски, уште од стартот соопшти дека е неприфатлив условот од ЕУ: внесување на Бугарите во Уставот, па почеток на преговорите за членство во Унијата.

Мицкоски бараше измена – внесување на Бугарите во Уставот, но, со важност на крајот од преговорите, односно, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Не доби позитивен сигнал ниту од Брисел, ниту од Софија, кои беа децидни дека не се можни измени на таканаречениот „Француски предлог“.

Македонската надворешна политика сега го смени курсот и тргна по друг пат - во обиди за сојузништво со поединечни држави. Цврсто застана зад новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, иако на некои евро-амбасадори тоа не им се допадна. На многумина европејци не им се допадна ни, од претходно, блиската соработка со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на повеќе полиња има различни ставови од оние на Европската Унија.

Добри релации има сегашната македонската влада и со српскиот претседател Александар Вучиќ, на кого со месеци му се случуваат масовни протести, како и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

И претходните македонски влади имаа добри односи со Србија и со Турција, одамна сме стратешки партнери со Соединетите Американски Држави, а единствено Орбан не им беше толку близок пријател.

Што се смени во нашата надворешна политика?

И новата македонска влада е на став дека останува посветена на главната цел – членство во Европската Унија. Но, смета дека досегашниот пристап не даде резултати, па презема поинакви дипломатски чекори. Меѓу другото, игра на картата на Трамп.
Со стапувањето на должност на новиот американски претседател Доналд Трамп, во светот се случува гео-стратешко прегрупирање. Заедничката надворешна политика на Европската Унија, со исклучок на некои земји членки, веќе не е докрај иста со онаа на САД, како на пример за начините за окончување на војната во Украина.

Македонската влада, се стави на страната на САД, а конкретен пример беше коспонзорството на американската резолуција за војната во Украина во Обединетите Нации.

За време на посетата на Будимпешта, Мицкоски, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан изјавија дека „заедно ќе ја поттикнат Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е и во полза на украинските пријатели, но и на самата Европа“.
А Орбан изјави: “Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротивставуваме на оние држави од Европската Унија, кои се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Продолжувањето на војната е лошо, погрешно и е грешка.“

Ваквиот став на Орбан не е во согласност со лидерите на ЕУ, но, Унгарија е членка и дејствува одвнатре. Македонија не е, па добива препораки од евро-амбасадори дека, како земја кандидат, треба да ја следи заедничката надворешна политика.

Дали и ЕУ има вина за „застранувањето“ поради предолгото чекање пред вратите на ЕУ?

Според Орбан, да. „Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Северна Македонија, туку ние, членките на Европската унија. Затоа ние го поддржуваме зачленувањето на Северна Македонија“, изјави Орбан.

Сепак, Орбан признава дека Унгарија сама тоа не може да го смени, па најави потесна соработка и заеднички регион во кој влегува и Србија. Најавени се договори влада со влада во делот на инфраструктурата, воената соработка, образованието, културата, земјоделството...

Орбан е на став дека Северна Македонија, Унгарија и Србија припаѓаат на иста економска регија, простор што може да биде заедничка економска зона која може да донесе огромен економски потенцијал. Но, според него, бидејќи Северна Македонија и Србија се надвор од ЕУ, тоа единствено може да се премости со интензивни билатерални односи меѓу земјите.

Македонците се возат со воз 20 км/час, сонуваат за 200 км/час
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00


Ќе даде ли резултат суверенистичката филозифија на дејствување?

Суверенистички блок е одредена, понекогаш и неформална, политичка алијанса на партии или поединци кои се фокусираат на заштита и зајакнување на националниот суверенитет.

Зачестените посети и средби на Мицкоски со политичари од Вашингтон, Будимпешта, па и Истанбул, универзитетскиот професор за меѓународни односи, Ненад Марковиќ ги гледа во рамките на суверенистичката филозофија на делување.

Марковиќ забележува дека во тој политички блок постои одреден вид на координација или договарање за заеднички наредни чекори. За него тоа е очекувано, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски го сигнализираа тоа уште пред изборите.
„Очигледно се прегрупираат кампусите политички на глобално ниво, и ние фаќаме приклучок, со некој сосема поинаков кампус, на начин кој е до сега прилично нов и неиспитан. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите“, вели Марковиќ.

Според поранешниот амбасадор во Вашингтон и универзитески професор Васко Наумовски, македонската стратешка цел е европската интеграција, но во меѓувреме владата се обидува да води поавтономна надворешна политика, затоа што формално не ги започна преговорите за членство во ЕУ.
Тој смета дека односите кои што земјата ги има со ЕУ, треба да си продолжат во рамките на проширување на Унијата, но во поглед на надворешно политичките прашања, приближувањето до позициите на САД ќе значи дека државата ќе има став кој што не секогаш ќе биде компатибилен со поголемиот дел од земјите членки на ЕУ.

Како тоа ќе се рефлектира во ЕУ, засега никој не може да предвиди. Брисел моментално има многу поголеми проблеми за решавање од евентуалното проширување.

-----------
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG