Американскиот претседател Доналд Трамп, уште од стартот на мандатот, интензивно работи на мировен договор со Русија за запирање на војната во Украина. Но, не на сите им се допаѓа неговиот стил на решавање на проблемите.
По телефонскиот разговор на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин следуваше и Минхенската безбедносна конференција, на која американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги критикуваше европските сојузници
„Заканата што најмногу ме загрижува кога станува збор за Европа не е Русија. Тоа не е Кина, ниту некој друг надворешен актер. Она што ме загрижува е внатрешната закана. Повлекувањето на Европа од нејзините најфундаментални вредности“, изјави Венс.
Европа беше затечена и шокирана, а уште повеќе кога веднаш по Минхен, се одржаа првите американско – руски преговори за војната во Украина, без Украина и без Европската Унија.
Францускиот претседател Емануел Макрон набрзина свика самит во Париз на неколкумина европски лидери, на кој дојде и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, за да се договорат за заеднички став за Украина, пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да преземе дополнителни чекори. Беше оценето дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
Во интервју за неколку француски регионални медиуми, Макрон оцени дека „американскиот претседател Доналд Трамп може да иницира корисен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но истовремено создава стратешка двосмисленост, што му овозможува на Путин да ја искористи неизвесноста за вршење притисок“.
Сепак, со поинакви тонови неделава, Макрон беше во Вашингтон на средба со Трамп. Главна цел му беше да ги донесе и европејците на преговарачката маса за Украина. Иако имаа и различни позиции за некои прашања, имаше и точки кои звучеа како напредок. Трамп нагласи дека борбите во Украина би можеле да завршат за неколку недели. „Нашиот фокус е да постигнеме прекин на огнот што е можно поскоро и конечно траен мир“, рече Трамп.
Макрон пак, оцени дека со промената на власта во САД има „нов контекст“, и се повика на „заедничките интереси“ на САД и Европа: „Секој има своја улога. Но, ние имаме европско-американско единство“, истакна францускиот претседател.
Промена на курсот на ЕУ и договорот за украинските минерали
Она што помина помалку забележано од средбата, е најавата на Трамп дека ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да обезбеди пристап до украинските суровини: „Мораме да склучиме договор со Украина за важни минерали и ретки метали“, рече американскиот претседател.
Средбата со Зеленски може да се случи уште неделава.
А токму тој договор е еден од клучните за мир во Украина, вели во анализата, уредникот во РСЕ, Стив Гутерман. Договорот ќе го опфати заедничкиот развој на клучните украински минерали и други природни ресурси, како што се нафтата и гасот, според повеќе медиуми.
Станува збор и за ретките, повеќе од 17 минерали - вклучувајќи итриум, цериум и лантан - кои се наоѓаат низ површината на Земјата. Тие се во зголемена побарувачка за употреба во производи како што се батерии, компјутери, паметни телефони и високотехнолошки електрични автомобили и оружје.
Официјален претставник на украинската влада, цитиран од АП, рече дека Киев се надева дека потпишувањето на договорот ќе обезбеди континуирана воена поддршка на САД што итно и е потребна на Украина.
За ретките минерали во Украина е заинтересирана и Европската Унија.
Во услови на тензии меѓу САД и ЕУ околу Русија и војната во Украина, агенцијата АФП објави дека претставник на ЕУ рекол дека Брисел предложил посебен договор меѓу ЕУ и Украина за време на посетата на Киев на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 24 февруари, на третата годишнина од почетокот на инвазијата.
Сепак, портпаролот на Европската комисија Томас Регние на 25 февруари нагласи дека „нема предлог“ од ЕУ, додавајќи дека Унијата има партнерство со Украина за критичните минерали од потпишувањето на меморандумот за разбирање во 2021 година.
Зборувајќи за РСЕ под услов да остане анонимен, висок функционер на ЕУ рече дека би бил „изненаден“ доколку Фон дер Лајен и Европската комисија „сакаат да им се спротистават на САД за ова прашање“.
Каква е позицијата на македонската влада во односите меѓу новата американска администрација и ЕУ?
Македонската влада недвосмислено застана на страната на Трамп, иако тоа можеби не им се допадна на некои од европските сојузници.
Премиерот Христијан Мицкоски, еден од ретките од Европа, беше на инаугурацијата на претседателот Трамп.
Тој беше и еден од ретките кои „аплаудираа“ на говорот на американскиот потпретседател Венс на Минхенската конференција, а минатата недела тоа го потврди и при учеството на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон. Мицкоски порача дека оттаму „доаѓа новото нормално“ и оти тој сака прв да фати место.
„Од друга страна, мора да кажеме и која е нашата фрустрација и болка. Ако некому му смета тоа што го кажа (потпретседателот Џеј Ди) Венс и мене ми пречи што 20 години не можам ни милиметар да се мрднам, не зашто не сум добар, туку зашто некој треба да решава прашања од 10 – 11 век“, рече Мицкоски алудирајќи на историските спорови со соседите во евроинтеграциите на Северна Македонија.
Американската амбасадорка, Анџела Агелер, порача дека тие не даваат гаранции за патот на Северна Македонија кон ЕУ бидејќи тие не се членка на ЕУ, но е задоволна од посетите на Мицкоски во Вашингтон.
„Фактот што тој [Мицкоски] е неколку пати таму откако ја презема неговата позиција како премиер, исто како и многу други министри, само зборува за близината на нашите односи. Очекувам таа соработка да биде зајакната“, изјави Агелер на 19 февруари.
Македонските аналитичари со кои разговаравме сметаат дека е добар потег зајакнувањето на македонско – американското партнерство, од кое можат да се очекуваат економски бенефити за државата. Но, поделени се мислењата околу можноста САД да го поттурнат зачленувањето во ЕУ.
Брисел, пак, барем според изјавите на евроамбасадорот во Скопје, Михалис Рокас, нема ништо против од американска помош во евроинтеграциите. Како што рече Рокас, тоа е добредојдено.
И на крајот повторно за Украина
Македонската влада во Обединетите Нации беше коспонзор на американската резолуција за Украина, а не на европската. Двете резолуции беа слични – за прекин на војната во Украина, но со една клучна разлика, во американската не се спомнува Русија како агресор.
На крајот, американската резолуција помина во Советот за безбедност и е обврзувачка, а европската на Генералното собрание и не е обврзувачка.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче изјави дека ќе било помудро да гласаме за двете резолуции, што ќе ја зајакнело нашата позиција и со ЕУ и со САД бидејќи, притоа, како што оцени, тие две резолуции не се косат една со друга, туку се надополнуваат.
Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на Филипче потсети на обвинувањата од опозицијата дека се анти-НАТО и анти-Америка, односно оти се проруски, а според него, сега им пречи што имаат исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.
-------------
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org