Достапни линкови

 
Странски лидери во Киев - поделеност меѓу САД и Европа за крајот на војната

Странски лидери во Киев - поделеност меѓу САД и Европа за крајот на војната


Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс, првата дама на Украина, Олена Зеленска, украинскиот претседател Володимир Зеленски, финскиот претседател Александар Стуб и литванскиот претседател Гитанас Наузеда во Киев
Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс, првата дама на Украина, Олена Зеленска, украинскиот претседател Володимир Зеленски, финскиот претседател Александар Стуб и литванскиот претседател Гитанас Наузеда во Киев

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утринава на социјалните мрежи им испрати порака на Украинците по повод третата годишнина од почетокот на руската инвазија.

„Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутен херојство на Украинците. Горд сум на Украина. Им благодарам на сите кои ја бранат и поддржуваат. Сите што работат за Украина. И нека е вечниот споменот на сите оние кои ги дадоа своите животи за нашата земја и народ“, напиша Зеленски.

На 24 фебруари во Киев допатуваа и претседателите на Европскиот совет, на Европската комисија и на Европскиот парламент, Антонио Кошта, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода на третата годишнина од почетокот на руската инвазија.

Претседателот Володимир Зеленски им посака добредојде на повеќе од десет странски лидери во Киев за да ја одбележат третата годишнина од војната предизвикана од руската инвазија во контекст на обновените поделби меѓу САД и Европа за тоа како да се стави крај на конфликтот.

„За лидерите кои пристигнаа во Украина, го започнавме овој ден со оддавање почит на нашите војници кои ги дадоа своите животи за нашата земја“, рече Зеленски на самитот „Поддршка за Украина“ во Киев.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина, што се одржа во украинскиот главен град, кажа дека нема да има кредибилни и успешни преговори и нема да има траен мир без Украина и без Европската Унија и само Киев може да одлучи кога ќе бидат исполнети условите за почеток на мировни преговори.

„Мирот не може да биде едноставен прекин на огнот. Тоа треба да биде траен договор. Мирот не треба да го награди агресорот. Треба да ги научиме лекциите од минатото, од договорите од Будимпешта и Минск. Само конкретни и силни безбедносни гаранции ќе обезбедат сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и во цела Европа“, нагласи Кошта.

Според него, Русија претставува закана за меѓународниот поредок заснован на правила, а нејзиниот претседател Владимир Путин сака „да не подели“, па затоа со денешното свое присуство во Киев, европските претставници покажуваат дека поддршка на ЕУ за Украина е силна, единствена и непроменета.

Нова поддршка за Украина

Во говорот на Самитот што се одржува на третата годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина, претседателка та на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен оцени дека никој не сака мир повеќе од народот на Украина, но дека до праведен и траен мир се доаѓа само преку сила.

„Европа е тука да ја зајакне Украина во овој критичен момент и веќе во март ЕУ на земјата ќе и исплати дополнителни 3,5 милијарди евра помош. Ќе презентирам и сеопфатен план за тоа како да ги зголемиме нашето европско производство на оружје и нашите одбранбени способности. И Украина, исто така, ќе има корист од тоа“, рече таа.

Финансиски средства и воена опрема Украина ќе добие и од Канада, соопшти премиерот Џастин Трудо, кој исто така е во посета на Киев. Тој најави дека неговата земја ќе ги пренесе првите пет милијарди долари од замрзнатите руски средства на Украина.

Тој, исто така, рече дека Канада ќе и даде на Украина 25 борбени возила ЛАВ II, четири симулатори на летот Ф-16 и системи за слетување и муниција.

Улогата на САД

Новата дипломатска иницијатива на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за тоа како да се стави крај на војната, исто така додаде нов елемент на конфликтот.

Преговорите меѓу САД и Русија минатата недела во Саудиска Арабија ги зголемија стравувањата дека Киев и европските престолнини би можеле да бидат настрана и да им се наметне решение кое ќе ја фаворизира Русија.

Оваа загриженост беше потврдена во изјавите на европските лидери по повод годишнината од војната.

Трамп ги вознемири традиционалните американски сојузници во Европа со неговата подготвеност да ги обнови дипломатските односи со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за крај на војната во Украина, предизвикувајќи загриженост дека Европа, па дури и самиот Киев – ќе бидат настрана во процесот.

Путин се обиде да ја оправда руската инвазија тврдејќи дека Украина нема вистински национален идентитет или традиција на државност, додека Москва тврди дека дејствувала за разоружување и „денацифицирање“ на Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека е невозможно да се реши војната во Украина доколку сите страни не ја разберат нејзината основна причина и дека Русија во овој момент не гледа потреба од обновување на дијалогот со Европската унија.

Што мислат Русите за американско-руските преговори за Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

За време на посетата на Турција на годишнината од војната, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва останува отворена за преговори, но дека нејзината воена кампања ќе заврши само доколку исходот е задоволителен за Русија.

Лавров додаде дека верува оти многу земји станале „пореални“ во ставот за војната и дека неодамнешната средба во Саудиска Арабија поттикнала надеж за нормален дијалог меѓу Москва и Вашингтон.

Разговорите во Ријад и можноста за нормализирање на односите меѓу Русија и САД отворија нови дипломатски пукнатини меѓу Вашингтон и неговите европски сојузници, поради што европските лидери се обидуваат да комуницираат со Вашингтон.

„Ако ги погледнете пораките што доаѓаат од САД, јасно е дека рускиот наратив е многу силно претставен таму“, рече шефицата на европската надворешна политика Каја Калас за новинарите во Брисел. Таа треба да отпатува за Вашингтон на 25-ти февруари и да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио.

Дипломатска битка за Украина, исто така, се наѕира подоцна во текот на денот во Обединетите нации во Њујорк, каде што САД предложија нацрт-резолуција која користи помалку критички јазик за руската инвазија од нацрт-резолуцијата предложена од Европската унија и Украина.

Американскиот нацрт, предложен на 21 февруари, изразува жалење за „трагичната загуба на животи за време на руско-украинскиот конфликт“, повикува на негов брз крај и на траен мир. Сепак, не се споменува територијата окупирана од Русија и не се споменува Москва како извор на конфликтот.

Спротивно на тоа, нацрт-резолуцијата на Европската унија и Украина зборува за „општа инвазија на Украина што ја започна Руската Федерација“ и бара итно и безусловно повлекување на сите руски сили.

Украинско-европскиот текст ја нагласува потребата да се удвојат дипломатските напори за завршување на војната оваа година, истовремено обвинувајќи ја Русија за инвазијата и посветеноста на „територијалниот интегритет“ на Украина.

Во него се потсетува и на потребата од спроведување на сите претходни резолуции на ОН „усвоени како одговор на агресијата врз Украина“.

XS
SM
MD
LG