Достапни линкови

Проширување на ЕУ: изјави и толкувања кому како одговара


Њузлетер 01.09.2023 - Изјави и толкувања кому како одговарa. Што разбраа домашните политичари? Ќе ја реформираат ли прeобемната државна администрација? Почна новата учебна година со старите проблеми со учебниците. Ќе има ли одговорност?

Брзините на Европа и бавноста на Балканот

„Верувам дека мора да бидеме подготвени, од двете страни, до 2030 година за проширување“, изјави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, од стратешкиот форум во Блед.
Истовремено, многу дилеми отвори изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон кој рече дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“.
Макрон одржаа речиси двочасовен говор по годишниот состанок со француските амбасадори, на кој зборуваше и за неопходните реформи кои треба да се направат во ЕУ, пред да се случи процесот на нејзино проширување.
Оваа негова изјава ги врати сеќавањата за француското вето за почеток на преговорите со Северна Македонија веднаш откако беше сменет Уставот по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Ден по пораките на Макрон и Мишел, дообјаснување од француската министерка за Европа, Лоренс Бун. Според неа, следното проширување на Европската Унија со нови земји членки може да се случи и пред 2030 година, а дотогаш ЕУ треба да се реформира. Промени се потребни и кај земјите кандидати.
Од Европската комисија, пак го корегираа Шарл Мишел. Проширувањето е приоритет за овој состав на Европската комисија и кога станува збор за проширување ќе се заснова на заслуги, изјави на прес-конференцијата портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант. Таа рече дека Европската комисија не е фокусирана на датумот на следното проширување, туку на работа со земјите да бидат подготвени за влез во ЕУ.
Кажаа што имаат да кажат некои од клучните луѓе во ЕУ, а толкувањата на македонските политичари одат од краен оптимизам до краен песимизам, нормално проследени со меѓусебни обвинувања за погрешно толкување на изјавите. Секој го чита она што сака да го види или да го претстави..

Но, што е заедничко во пораките од Блед, Брисел, Париз...
1. Очигледно е дека Французите инсистираат на реформи на начинот на функционирање на Европската Унија пред да се случи какво и да е проширување. Кога тоа ќе се случи, не се знае.
2. Од земјите кандидати за членство се бараат реформи на сите полиња и приближување до стандардите на ЕУ. Од напредокот во реформите ќе зависи и брзината на зачленување за секоја држава посебно.

Внатрешните реформи во Северна Македонија се посебна приказна. Моментално, целата енергија е фокусирана само на уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот. Но, што потоа? Засега, како да нема политичка волја за внатрешни реформи.

Реорганизација на државната управа со зголемување на бројот на институции?

Како да се толкува фактот што Владата одлучи да отвори 8 нови национални установи годинава, додека во јавноста тврди дека работи на проект за реорганизација и намалување на бројот на институции. Во изминативе седум години пак, се отворени 74 нови институции, покажуваат извештаите на Министерството за информатичко општество.

Само под капата на Министерството за култура годинава се отворени седум нови национални установи за кои министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ќе треба да назначи в.д. директори и членови на управни одбори, да одвои имот за да се сместат и пари од буџетот.
Во 2016 година вкупниот број на институции во јавниот сектор изнесувал 1.291, додека заклучно со декември 2022 оваа бројка порасна на 1.354 институции, покажуваат извештаите на МИОА.

Општините и Градот Скопје се јавуваат како основачи на најголем број институции во јавниот сектор. Имено, од вкупно 1.354 институции на јавниот сектор, 821 се основани од општините и Градот Скопје, што претставува 60,7%.
Според последниот скрининг извештај од ЕУ, објавен во јули годинава, еден од проблемите во спроведувањето на реформата за реорганизација на државата управа лежи во отпорот на неколку функционери. Кои, не е прецизирано.
„Во Македонија има институции, кои не ни знаат кои се нивните должности, какви услуги даваат!“ – изјави Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација во интервју за Клан ТВ.

Инфорграфика - Колку институции и вработени има во јавниот сектор?
Инфорграфика - Колку институции и вработени има во јавниот сектор?


Нова школска година и нови проблеми со учебници

Според законот, учениците треба да добијат бесплатни учебници за основно и за средно образование. Но, и оваа школска година нема да има учебници за сите.
Учениците кои нема да добијат учебници, ќе може да учат од заменски материјали, но во електронска форма. За наставниците ќе има прирачници, и тие ќе бидат достапни само електронски, оти Министерството за образование годинава не планира да ги достави во печатена форма. Училиштата, пак, доколку сакаат ќе може да си ги испечатат „привремените учебници“.
И минатата учебна година учениците не ги добија сите учебници, а по некои предмети учениците немаа книги до крај на школската година. За привремени „учебници“ лани државата потроши над 640.000 евра, пари позајмени од Светска банка.

Министерот за образование Јетон Шаќири, на крајот на ноември минатата година, во интервју за Гласот на Америка, рече дека ако и следната учебна година доцни доставата на учебниците, некој ќе треба да одговара, почнувајќи од него.
Од Министерството за образование не одговорија на нашите прашањата дали министерот ќе понесе одговорност што и годинава ќе доцни испораката на одредени учебници. Од таму не одговорија ниту на прашањето зошто годинава не се достапни во печатена форма привремените материјали за учење.

Инфографика - Семејниот буџет и стартот на учебната година
Инфографика - Семејниот буџет и стартот на учебната година


Во Франција учебници има, но има и нови правила за начинот на облекување во државните училишта

Франција забранува верски обележја во државните училишта, а тоа се однесува и на начинот на облекување. Во 2004 година беше забрането носење шамии на училиште.
Сега, се најавува и дополнителна мерка, забрана за носење абаја, која наидува на поделени реакции.
Ако на муслиманките во Франција им биде забрането да ја носат широката и долга наметка што го покрива целото тело - абаја, во државните училишта, тие ќе се чувствуваат уште постигматизирани. Вака социологот Агнес де Фео ја коментира најавата на францускиот министер за образование, Габриел Атал.

Каков ефект ќе има забраната за носење абаја во француските училишта?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00


Дали ќе „процвета“ порно индустријата во Украина?

Украински пратеници предлагаат нова легислатива со која ќе се укине законот од 2001 година, со кој, порнографијата е забранета, велејќи дека сегашните правила ги криминализираат нормалните луѓе и ја отвораат вратата за полициската корупција.
Креаторите на порно филмови, кои ја поддржуваат промената, помогнаа да се соберат 850.000 долари воена помош за Украина, нудејќи откривање фотографии во замена за добротворни донации.
Околу 1.200 обвиненија поврзани со порно се поднесуваат секоја година во Украина и секој што има голи фотографии од некого на својот телефон, технички е предмет на кривично гонење. Казните се движат и до 3 години затвор.

Декриминализација на порното во Украина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG