Достапни линкови

Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?


Емануел Макрон, претседател на Франција
Емануел Макрон, претседател на Франција

Проширување на ЕУ до 2030, според претседателот на ЕС, Мишел или „Европа со повеќе брзини“ на францускиот претседател Макрон, истовремени изјави, збунувачки за земјите кандидати. Домашните аналитичари гледаат исто барање - прво внатрешни реформи во ЕУ, но дали тоа пак ќе го одложи проширувањето?

Надеж дека земјава до 2030 година ќе стане дел од ЕУ, но и страв од ново закочување на евроинтеграцискиот пат на земјава во иднина, предизвикаа пораките од европските лидери кои пристигнаа изминатиот викенд.

Многу дилеми отвори изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон кој рече дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“, откако претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел им порача на земјите од Западен Балкан дека проширување на ЕУ ќе има до 2030.

Макрон одржаа речиси двочасовен говор по годишниот состанок со француските амбасадори во кој опфати и повеќе важни теми за Унијата, а зборуваше и за неопходните реформи кои треба да се направат пред да се случи процесот на нејзино проширување.

„Ризично е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа и е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки, со 32 или 35 членки нема да биде полесно. Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и „Европа со повеќе брзини“, рече Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори.

Оваа негова изјава пак, која ги врати сеќавањата за француското вето за Северна Македонија веднаш откако беше сменет Уставот по потпишувањето на Преспанскиот договор, дојде по само неколку часа во текот на вчерашниот ден откако претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, од стратешкиот форум во Блед за ново проширување на Унијата до 2030 година.

„Верувам дека мора да бидеме подготвени, од двете страни, до 2030 година за проширување“, изјави Мишел.

Тој предложи и уште една новина за идните членки на Унијата.

„Треба да се погрижиме минатите конфликти да не се внесуваат во ЕУ. И се користи за блокирање на пристапот на нивните соседи и идните земји-членки. Еден начин може да биде да се додаде таканаречена „клаузула за доверба“ во пристапните договори, за да се осигура дека земјите што штотуку, се приклучија не можат да ги блокираат идните земји-членки“.

Што овие изјави значат за Северна Македонија?

Сите овие пораки од надвор пак доаѓаат во време кога дома пратениците од власта се во трка по двотретинско мнозинство за да се усвојат уставните измени. Веќе започнаа и со кампања „Ние сме Европа“ вредна 80 илјади евра, со која преку најразлични теми на граѓаните им се објаснуваат придобивките од пристапувањето во ЕУ.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции во владата на Никола Грувски, Васко Наумовски, оценува дека изјавата на Макрон е во контекст на претпазливост од внатрешните промени со проширувањето, но тоа секако ќе значи негово одложување.

„Оваа релативно нова иницијатива на францускиот претседател Макрон е дел од нивната намера да се одолжи политиката на проширувањето и на тој начин да се остави простор за дополнителни внатрешни реформи во ЕУ. Имено, секој круг на проширување носи промени во внатрешниот начин на функционирање на Унијата, па како и во претходните циклуси и сега ЕУ треба да мине низ процес на внатрешни реформи и да го зголеми својот апсорпционен капацитет за да прими нови членки“, изјави Наумовски за РСЕ.

За разлика од Наумовски, поранешниот амбасадор на земјава во НАТО, Нано Ружин, коментирајќи ја изјавата на Макрон, за РСЕ вели дека ова не значи оти францускиот лидер има нешто против прием на нови членки во Унијата.

„Она што е посебно интересно е како Макрон гледа на европската интеграција - Тој буквално кажа вака - „Потребно е повеќе интеграција во однос на клучните политички прашања со кои се соочува ЕУ“. Претпоставувам дека тука се мисли на државите членки на ЕУ, значи повеќе интеграција, наместо оној слоган кога зборуваше пред неколку години дека се потребни прво реформи потоа проширување, овојпат тој не покажа одредено чувство на антипроширувачки процеси на ЕУ и не покажа одреден евроскептицизам од проширувањето, туку само кажа дека ЕУ денеска функционира многу тешко и многу тешко наоѓа одредени заеднички точки на функционирање и менаџирање со 27, а вели што ќе биде кога таа ќе стане заедница со 32 или 35 членки? Оттука, погрешно е толкувањето дека практично Макрон со ова го доведува во знак на прашање проширувањто на ЕУ, туку напротив реалистички гледа дека таа ќе се прошири“, оценува Ружин.

Тој смета и дека со фразата „Европа со повеќе брзини“ всушност Макрон бара поголема функционалност во внатрешноста на самата Унија.

„Втората димензија што произлегува од овој говор е тоа дека Макрон на извесен начин бара поефикасна Европска Унија, затоа инсистира на аспектот на менаџирање или повеќе би рекол хиерархиско одлучување во ЕУ и тука го додава она што кај нашите аналитичари создава одредени сомнежи, а тоа е дека е потребна „Европа со повеќе брзини“. Односно да се направи хиреархија во носењето одлуки, бидејќи како што знаеме многу држави ја кочат ефикасноста на Унијата“, потенцира Ружин.

За власта врата за ново проширување, за опозицијата уште нема доволно гаранции

Владата оптимистички гледа на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Говорот на претседателот на Европскиот совет го гледам како една сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето, бидејќи за првпат после претходното проширување имаме временска одредница којашто официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување“, изјави за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Сепак, од власта не ја коментираа изјавата на Макрон.

За разлика од владата пак, опозицијата става акцент на говорот на Макрон, за кој велат покажува дека нема гаранции оти и со веќе направени отстапки Северна Македонија ќе стане дел од Унијата.

„Тоа е само потврда за она што го говориме дека нема никакви гаранции, дека дури и да се направат овие отстапки Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ. Грешка на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања кои сега не може да ги исполни“, велат од опозицијата во однос на идејата на Макрон за „Европа со повеќе брзини“.

Покрај овие пораки, на бледскиот стратешки форум во Словенија што се одржа изминатиот викенд и каде учествуваа и наши функцонери, одново беше истакнат непроменетиот став на позициите на Бугарија кон Северна Македонија.

Па така, бугарскиот премиер Николај Денков, рече дека она што сега останува е Северна Македонија да ги исполни обврските во преговарачката рамка.

Премиерот Димитар Ковачевски пак зборуваше за тоа дека македонските граѓани се проевропски ориентирани и дека на Македонија и се потребни уставни измени бидејќи заслужува да биде дел од европското семејство.

Инаку, седницата за уставните измени во Собранието, преку кои треба да се овозможи вклучување на Бугарите и други малцинства во преамбулата, се одржа на 18 август, кога 70 пратеници гласаа за усвојување на дневниот ред, но седницата по првите излагања потоа беше прекината и гласањето за уставните измени дополнително ќе биде закажано, или според спикетот талат Џафери, во момент кога ќе биде озбебзедено двотретинско мнозиство.

Во меѓувреме во посета на земјава дојде и помошник-заменик државниот секретар на САД Габриел Ескобар, кој разговарапе за уставните измени со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Ковачевски, а оствари средби и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Сепак, и покрај оваа средба на Ескобар со Мицкоски, опозицијата соопшти дека се уште нема промени во нивниот став против уставните измени.

За да се изгласаат уставните измени пак, потребно е двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници да гласаат „за“.

XS
SM
MD
LG