Вести
На грчките плажи од денеска дозволена музика и алкохол

Од денеска во Грција се отвораат внатрешните делови на кафулињата и угостителските објекти, како и рестораните што се во рамките на хотелите, додека пак на организираните плажи дозволено е да се постават маси, да се пушта музика и да се служат алкохолни пијалаци, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, од денеска, по речиси тримесечен прекин, почнува грчкото фудбалско првенство.
Дополнителното олабавување на мерките е во рамките на планот на грчката Влада за постепено враќање на земјата во „новата нормалност“.
Во внатрешниот дел на кафулињата и угостителските објекти, дозволено ќе биде едно лице на 2.2 метри квадратни, растојанието меѓу масите треба да биде 90 сантиметри, едно метро и 20 сантиметри или едно метро и 80 сантиметри во зависност од поставеноста на столиците.
За рестораните во хотелите е предвидена шведска маса, тогаш ќе има задолжен келнер или вработен во хотелот што ќе ги послужува гостите, а ќе треба да има и заштитен плексиглас. Гостите, задолжително ќе треба да одржуваат растојание од еден и пол метар.
Со исклучок на неколку конкретни бизниси и активности, Грција, до почетокот на следниот месец се очекува целосно да се врати во „новата нормалност“, откако ќе се спроведат и новите фази од планот на грчката Влада за дополнително олабавување на мерките.
Од понеделник почнуваат со работа ноќните клубови и коцкарниците, од 15 јуни фитнес центрите и музеите, од 1 јули е дозволено одржување конференции и концерти, а сите ќе работат под конкретни правила и прописи.
Од денеска до 1 јули, на работа ќе се вратат 13 отсто од вработените, односно 89 илјади лица, а одново ќе се отворат 63 илјади бизниси.
види ги сите денешни вести
За инцидентите по масовниот протест во Атина приведени над 200 лица

За инцидентите што се случија вчера (28 февруари) во центарот на Атина по завршувањето на еден од најмасовните протести во последните години, грчката полиција привела 220 лица. За време на немирите, над 60 лица биле повредени, јави дописничката на МИА.
Во Грција вчера се одржа 24-часовни демонстрации преку кои граѓани побараа кривично гонење на одговорните за железничката несреќа што се случи пред точно две години кај Темпи февруари пред две години, а во која загинаа 57 лица.
Од грчката полиција соопштија дека околу 700 лица, „искористувајќи ја големината на собирот, се здружија во групи и се собраа пред споредниот влез на грчкиот парламент, каде жестоко ги нападнаа полицајците и другите лица кои беа во дворот“.
„Нападот беше со употреба на молотови коктели, камења, мермери, димни бомби, како и метални и други предмети, со што се создаде голема опасност за физичкиот интегритет и животот на граѓаните кои учествуваат на собирот. Полицајците, откако се погрижија да ги заштитат граѓаните кои мирно протестираа, отстранувајќи ги во безбеден правец, пристапија кон употреба на неопходните и соодветни средства за задржување и деескалација на нападите“, соопштија од грчката полиција.
Вчера, меѓународните и домашните летови во Грција беа прекинати со штрајк на контролорите на летање кои им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во еднодневниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Фирмите и културните институции се затворени.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, исто така повика на штрајк за, како што рече, да се спроведе владеењето на правото.
Инциденти за време на демонстрациите од пред парламентот во Атина брзо се проширија и на околните улици и траеја подолго време, а полицијата одговори со солзавец, шок бомби и топови со вода.
„Вкупно, како од превентивно, така и за време на нападите, полицијата приведе 220 лица, од кои 73 се уапсени. Паралелно, во нападите беа повредени 29 полицајци, а причинета е штета на објекти и возила“, наведе полицијата.
На 28 февруари 2023 година, патнички воз се судри со товарен воз во близина на клисурата Темпи во централна Грција, а неодамна објавените аудиоснимки покажаа дека околу 30 патници кои го преживеале судирот потоа починале од задушување или изгореници.
Како што пренесе Ројтерс, две години подоцна, истрагата не е завршена и никој не е осуден за несреќата.
Десничарската влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која беше реизбрана по несреќата во 2023, се соочува со критики од роднините на жртвите кои бараат парламентарна истрага за политичка одговорност.
Грчката влада, пак, негира дека има неуспеси и наведува дека на судството е да ја истражи несреќата.
Зеленски вели дека односите со САД може да се спасат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека верува оти односите со Белата куќа може да се спасат и покрај остриот јавен судир со американскиот претседател Доналд Трамп, што ги наруши разговорите за ставање крај на руската војна против Украина.
Средбата со Трамп на 28 февруари заврши тензично по напнатиот разговор во Овалната соба, при што Зеленски брзо си замина, а Трамп рече дека украинскиот лидер не го почитувал и дека може „да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.
Зеленски, кој треба да се сретне со европските лидери во Лондон за време на викендот – каде што веројатно очекува подобар прием – ја напушти Белата куќа без да го потпише договорот за минерали со Трамп што беше главната цел на состанокот, а заедничката прес-конференција беше откажана.
Во својот прв јавен коментар само неколку часа по тензичниот состанок, Зеленски во интервју за Фокс њуз рече дека го почитува Трамп и „се разбира“ верува дека односите може да се поправат бидејќи Украина не сака да го изгуби својот партнер.
Американскиот државен секретар Марко Рубио подоцна излезе со нови опомени кон Зеленски, повикувајќи го украинскиот лидер да се извини што средбата во Белата куќа ја претворил во „фијаско“.
Рубио за Си-ен-ен рече дека Зеленски треба „да се извини што си го трошел времето на состанок што заврши така како што заврши“. Зеленски претходно во интервју за Фокс њуз рече дека не чувствува дека има за што да се извини.
Развојот на настаните покрена нови прашања за континуираната поддршка на САД за Украина во нејзината одбрана од руска инвазија.
„Денеска имавме многу значаен состанок во Белата куќа. Се разбраа многу нешта што не можеше да се разберат без разговор под таков оган и притисок. Неверојатно е што може да се покаже преку емоции и јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи чувствува дека нашата вклученост му дава голема предност во преговорите“, напиша Трамп во објавата на неговата платформа „Truth Social“.
Тој додаде дека не сака предност, туку мир, а на Зеленски му порача дека „може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.
Зеленски за Фокс њуз изјави дека на Украина ќе и биде тешко да ја запре воената моќ на Кремљ без американска поддршка, но рече дека Киев нема да влезе во мировни преговори со Москва додека не добие безбедносни гаранции дека ќе нема уште една руска воена офанзива.
„Украина сака мир, а ние ќе имаме мир“, рече тој, додавајќи, сепак, дека тоа мора да биде „праведен и траен мир“ и дека „мора да бидеме во силна позиција“ за преговарање.
Во коментарите пред новинарите додека заминуваше од Белата куќа кон својот имот на Флорида, Трамп рече дека Зеленски не изгледа како човек кој сака мир и дека „претерал“ на нивната средба во Белата куќа.
„Сакам прекин на огнот сега… веднаш“, рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа.
На прашањето на новинарите дали размислува да ја прекине воената помош за Украина, Трамп едноставно рече дека „не е важно што размислувам“.
На состанокот Зеленски изврши притисок за безбедносните обврски на САД и рече дека „не треба да има компромиси со убиец“, јасно мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин, додека Трамп рече дека Украина ќе треба да направи отстапки и оти Киев треба да биде поблагодарен за поддршката на САД.
На нивната прва средба откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, двајцата лидери разменија ладни поздрави пред камерите, кревајќи го гласот и оживувајќи го спорот што Трамп го предизвика пред една недела кога ја обвини Украина за војната и го нарече Зеленски „диктатор“.
Трамп му рече на Зеленски и дека не се однесува „воопшто благодарно“.
„Се коцкате со Трета светска војна, а тоа што го правите е многу непочитување кон оваа земја која ве поддржа многу повеќе отколку што многу луѓе велат дека требаше“, рече Трамп.
Како што може да се види и на видеоснимка од Овалната соба, Трамп и Зеленски се прекинуваа меѓусебно, а американскиот претседател му рече на својот посетител: „Твојата земја е во голема неволја. Ти не победуваш… Имаш проклето добри шанси да се извлечеш од ова благодарение на нас… Картите не се во твои раце“.
Состанокот внимателно се следеше за знаци околу тоа дали Соединетите Држави ќе се обврзат да обезбедат дополнителна помош за Киев или ќе ветат какви било конкретни безбедносни гаранции против понатамошна руска агресија како дел од каков било прекин на огнот или мировен договор.
Се очекуваше двајцата претседатели да потпишат рамковен договор за пристап на САД до минералните ресурси на Украина. Договорот, беше извор на расправии меѓу Трамп и Зеленски на почетокот на овој месец бидејќи тие не се согласуваа околу вредноста на договорот и отсуството на конкретни безбедносни гаранции.
Пред конфронтацијата, Зеленски им рече на новинарите во Белата куќа дека се надева оти договорот за минерали ќе биде чекор напред за Украина и рече дека сака подетално да разговара со Трамп за тоа што САД се подготвени да направат за неговата земја.
Трамп рече дека договорот со Киев ќе биде „многу фер“ и дека примирјето во руската војна против Украина е „прилично блиску“. Тој рече дека Украина ќе мора да направи компромиси.
Откако го отфрли повикот на Трамп за компромис, Зеленски му покажа на американскиот претседател слики од наводни руски злосторства.
Покрај средбата со претседателот Трамп, Зеленски соработуваше со клучни американски законодавци, влијателни религиозни фигури и тинк-тенкови за да ја зајакне поддршката за Украина, особено во Републиканската партија на Трамп.
Зеленски се состана со двопартиска делегација од Сенатот, каде Украина ужива силна поддршка, за да побара континуирана воена помош. Тој се сретна и со Френклин Греам, евангелистички лидер кој има влијание во Републиканската партија.
ОЈО Скопје издаде насоки за итно постапување при сообраќајки

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје издало конкретни насоки за поефикасно постапување во ситуациите кога има загрозување на безбедноста во сообраќајот и има основ за кривично гонење на сторителите.
Информацијата ја објавија од прес-службата на обвинителството од каде велат дека одржале координативен состанок со скопската полиција откако изминатиот период Министерството за внатрешни работи (МВР) речиси секојдневно објавува податоци кои укажуваат дека има зачестеност на прекршоци и кривични дела од областа на сообраќајот.
Насоките кои ги дале од ОЈО Скопје, како што се наведува во соопштението, налагаат задолжително итно постапување кога при сообраќајка ќе биде откриено дека возачот немал возачка дозвола, поминувал на црвено светло на семафорот, возел со прекумерна брзина, бил пијан, возел во спротивна насока и поминувал двојна полна линија.
„Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица. Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши проценка дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија“, велат од ОЈО Скопје.
Обвинителите бараат и задолжително полицијата да им доставува целосна прекршочна и кривична евиденција за осомничените лица со цел да имаат увид во сите досегашните сообраќајни прекрпоци и казни што ги имале возачите. Исто така, бараат кривичните пријави што во иднина ќе ги поднесува МВР да содржат повеќе детали.
„Кривичните пријави да содржат колку што е можно попрецизни, детални и точни податоци за сведоци, пријавени и оштетени со телефонски броеви и адреси од лични карти, но и моментални адреси на престојување. Со особено внимание да се обезбедуваат докази и да се фотодокументираат сообраќајните знаци кои се во важност на локацијата каде се случила сообраќајна несреќа“, велат од ОЈО Скопје.
Во изминатиот период на улиците во Скопје евидентно е зголеменото присуство на сообраќајната полиција, а МВР речиси секојдневно информира за напишани стотина казни на дневно ниво. На пример, на 25 февруари полицијата напишала 773 казни од кои најмногу – 225 за непрописно паркирање, 120 за брзо возење, 51 за непропуштање пешаци итн. Стотици казни беа напишани за возење без возачка дозвола.
Зачестените сообраќајни контроли, како и последните насоки од обвинителството за итно постапување следуваат откако на 29 јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје беше прегазена 22-годишна девојка Фросина Кулакова. Таа загина додека поминуваше на пешачки премин. За случајот осомничен е 20-годишен возач од Скопје кој немал возачка дозвола, возел пијан и поминал на црвено светло.
Случајот предизвика револт кај јавноста што доведе и до одржување неколку протести во Скопје и родниот град на Кулакова, Неготино, на кои демонстрантите бараа казни, неселективно постапување на надлежните органи и поголема безбедност во сообраќајот.
Сиљановска-Давкова и Радев имале телефонски разговор

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова вчера (28 февруари) имала телефонски разговор со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев.
За разговорот информираа од кабинетот на Радев наведувајќи дека двајцата разговарале за „важноста на конструктивниот дијалог на високо ниво меѓу двете земји, вклучително и во мултилатералните формати“.
„Овој дијалог е од особено значење и за градење стабилна основа за развој на билатералните односи и за справување со регионалните и глобалните предизвици поврзани со обезбедување на безбедноста, борбата против тероризмот и борбата против илегалната миграција“, соопштија од кабинетот на Радев.
Од кабинетот на Сиљановска-Давкова, засега не се огласија за разговорот.
Двајцата последен пат одржаа средба во ноември 2024 на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербејџан.
Претходно во септември, неколку месеци откако во мај лани Сиљановска-Давкова ја презеде функцијата, имаа средба во Софија. Македонската претседателка тогаш беше во посета на Бугарија каде од публика го следеше настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди во Софија.
За време не престојот, таа имаше средба со Радев, но настанот предизвика контроверзии бидејќи бугарскиот претседател ја пречека и се фотографираа пред знамињата на Бугарија и ЕУ, а без македонско знаме. Тоа беше причина властите во Скопје да испратат и протестна нота до Софија.
Односите меѓу двете соседски земји во последните години се затегнати. Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Меѓутоа, владата во Скопје, која беше формирана по изборите во мај 2024 и ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, бара гаранции дека во иднина нема да има други условувања од бугарска страна. Меѓу предлозите кои се прифатливи за неа и беа лиферувани во јавноста се и уставни измени со одложено дејство – да се изгласаат сега, но да важат од членството на земјата во ЕУ предводена од ВМРО-ДПМНЕ по изборите.
Бугарија, пак, беше во политичка криза – за четири години одржа седум парламентарни избори бидејќи ниту една партија не можеше да формира влада. Во јануари годинава, во Софија конечно се формираше политичка влада, меѓутоа и нејзините ставови се дека не е можно репреговарање на договорените услови за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.
Ниш под 18-часовна блокада од студенти и граѓани

Во 9 часот утрото на 1 март, во Ниш, најголемиот град на југот на Србија, започна блокада на централните градски улици.
На протест повикаа студентите, а во претпладневните часови им се придружија и други граѓани. Планирано е блокадата да трае 18 часа, односно да заврши во 3 часот по полноќ.
Центарот на градот е затворен за сообраќај, а граѓаните на Ниш од утрово поставија штандови со храна и пијалаци за учесниците во демонстрациите.
Блокадата се одржува на точно четири месеци по несреќата во Нови САД каде падна бетонската настрешница од реконструираната Железничка станица при што загинаа 15 лица, а две беа повредени.
Падот на настрешницата предизвика бран протести на кој студентите и граѓаните бараат да се утврди кривична и политичка одговорност за несреќата.
Курдската работничка партија прогласи прекин на огнот со Турција

Забранетите курдски милитанти денеска (1 март) прогласија прекин на огнот со Турција откако затворениот лидер на Курдистанската работничка партија (ПКК), Абдула Оџалан, повика групата да се распушти.
Ова беше прва реакција од ПКК откако Оџалан претходно оваа недела повика на распуштање и побара групата да го остави оружјето по повеќе од 40 години борба против турската држава.
„Со цел да го отвориме патот за имплементација на повикот за мир и демократско општество, од денеска прогласуваме прекин на огнот“, соопшти извршниот комитет на ПКК, а пренесе новинската агенција АНФ која важи за наклонета кон ПКК.
Седиштетот на партискиот комитет е во северен Ирак, а во соопштението оттаму посочуваат и дека се согласуваат со содржината на повикот за прекин на огнот и потенцираат дека ќе го следат и спроведат.
„Ниту една од нашите сили нема да преземе вооружена акција доколку не биде нападната“, наведува комитетот.
ПКК, која е прогласена за терористичка организација од Турција, САД и Европската унија, води бунт од 1984 година со цел да создаде татковина за Курдите, кои сочинуваат околу 20 отсто од 85-милионскиот народ што живее во Турција.
Откако Оџалан беше затворен во 1999 година, имаше повеќе обиди да се запре крвопролевањето, кое однесе повеќе од 40.000 животи.
По неколку состаноци со Оџалан во островскиот затвор каде тој се наоѓа, прокурдската партија ДЕМ во четвртокот го пренесе неговиот апел ПКК да го остави оружјето и да свика конгрес за да се прогласи распуштање на организацијата.
ПКК соопшти дека е подготвена да свика конгрес како што сака Оџалан, но „за тоа да се случи, мора да се создаде соодветна безбедна средина“ и Оџалан „мора лично да го насочи и води состанокот за конгресот да биде успешен“.
Исто така, од групата порачаа дека затворските услови на Оџалан мора да се подобрат, додавајќи дека тој „мора да живее и работи во физичка слобода и да може да воспостави непречени односи со кого сака, вклучително и со неговите пријатели“.
Откако пропадна последната рунда мировни преговори во 2015 година, нови контакти немаше се до октомври кога тврдокорниот националистички сојузник на претседателот Реџеп Таип Ердоган понуди изненадувачки мировен гест доколку Оџалан го отфрли насилството.
Додека Ердоган го поддржува приближувањето, неговата влада го засили притисокот врз опозицијата, апсејќи стотици политичари, активисти и новинари.
Тој во петокот оцени дека апелот на Оџалан е „историска можност“.
Ердоган рече дека Турција „будно ќе следи“ за да се осигура дека преговорите за ставање крај на бунтот се „доведени до успешен крај“.
„Кога ќе се елиминира притисокот на тероризмот и оружјето, просторот за политика во демократијата природно ќе се прошири“, вети Ердоган.
Ирак го поздрави повикот на Оџалан, велејќи дека тоа е „позитивен и важен чекор кон постигнување стабилност во регионот“.
Присуството на ПКК во Ирак е постојан извор на тензии меѓу Багдад и Анкара.
Групата има позиции во автономниот регион Курдистан во Ирак, каде и Турција има воени бази и често спроведува копнени и воздушни операции против курдските милитанти.
Ердоган: Нашите односи се цврсти како и Камениот мост во Скопје

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска (28 февруари) во Истанбул, Турција, потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво помеѓу Турција и Северна Македонија.
На заедничката прес-конференција, Ердоган изјави дека ова е многу значаен чекор со кој „можеме да ги подигнеме на уште повисоко ниво односите меѓу нашите две земји во трговијата и економијата“.
„Минатата година ние имавме околу една милијарда долари трговска размена и мислам дека во првата прилика мораме да ја донесеме двострано. Помеѓу двете земји постои Спогодба за слободна трговија која треба повторно да се ревидира. Денеска посебно се осврнавме и на односите кои што ги имаме во воената област и во сферата на одбранбената индустрија. Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Северна Македонија. Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, рече Ердоган.
Македонскиот премиер рече дека целта на Советот е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво.
„Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар“, додаде македонскиот премиер.
Тој образложи дека основите на декларацијата се содржани во темелниот документ „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година.
На средбата станало збор и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството, а размениле мислења и за регионалните и глобалните геостратешки прашања како што е конфликтот во Украина и во Газа.
Ова е прва официјална посета на Мицкоски во Турција.
Руските сили од областа Курск го нападнаа регионот Суми, соопшти Киев

Украинските власти објавија дека руските сили го нападнале пограничниот украински регион Суми од соседната руски регион Курск, чиј дел беше заробен од украинската армија минатото лето.
„Русите се обидуваат да ја нападнат границата со пешадиски групи, без возила. Засега нема пробиви, борбите продолжуваат“, соопшти Украинскиот центар за борба против дезинформации.
Борбите се водат во близина на украинското село Новенка во близина на Судја, руски град кој го држи украинската армија во областа Курск, пренесе АФП.
Украинската армија влезе во Курск во август 2024 година и држи неколку стотици квадратни километри, што Киев се надева дека ќе ги искористи за можна размена во случај на преговори со Москва.
Русија, која окупираше околу 20 отсто од територијата на Украина, ја отфрли можноста за територијална размена.
Руската војска со месеци води контраофанзива за од областа Курск да ги истера украинските сили, кои се помалубројни од руските сили и во голема мера се повлекоа.
Украинските власти кон средината на февруари објавија дека контролираат 500 квадратни километри во тој регион на Русија, додека на почетокот на офанзивата во август окупираа 1.400 квадратни километри.
Киев и неговите сојузници тврдат дека Русија испратила илјадници севернокорејски војници во регионот да и помогнат на руската војска, но Москва не го потврди тоа.
Договор со САД за минералите
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (28 февруари) имаат средба во Вашингтон, во услови на нови американски разговори за можен крај на војната меѓу Украина и Русија што Кремљ ја започна во февруари 2022 година.
Трамп оцени дека напорите за постигнување мир се одвиваат доста брзо.
Неговата администрација претходно ги одржа првите разговори со Москва во февруари откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од три години.
Зеленски најави дека ќе се обиде да добие одредени безбедносни гаранции за Украина од Белата куќа кои треба да го поддржат потенцијалниот мировен договор.
Најавено е дека Зеленски и Трамп ќе потпишат договор со кој на САД ќе им се овозможи пристап до украинските ресурси на ретки метали. Трамп посочи дека присуството на американски рударски компании во Украина би можело да дејствува како пречка за идни руски напади.
Москва го анектира украинскиот полуостров Крим на Црното Море во 2014 година и ги поддржа проруските сепаратисти во борбите во источна Украина. Конфликтот ескалираше во отворена војна кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.
Димитриеска Кочоска: Темата со пратеничката Петровска за мене е завршена

Темата за инцидентот со пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска е затворена за Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска. Таа на денешната (28 февруари) прес-конференција во Владата рече дека веќе изразила жалење за целиот контекст и дека се фокусира на својата работа.
Оваа изјава уследи по вчерашниот конфликт меѓу пратеничката и министерката кои за време на пратеничките прашања во Собранието имаа вербален судир.
Пратеничката Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината млеко што треба да ја конзумира едно семејство.
Во одговор на тоа Димитриеска-Кочоска ја праша Петровска „врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши“.
„Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“, рече Министерката.
Таа денеска потенцираше дека народот има поважни теми како и дека немала никогаш намера да навреди никого, напротив, како што рече „таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва“.
Според министерката, реакциите во јавноста следуваат, откако, „се координирале да прават тема од ова“, како и дека нема да возвраќа со навреди.
Од Социјалдемократскиот сојуз денеска побараа оставка од министерката за финансии поради изречени навреди кон пратеничката Петровска.
На прес-конференцијата пред Министерството за финансии, пратеничката Јованка Тренчевска истакна дека искажаните зборови од министерката не биле навреда само кон Петровска, туку кон секоја жена и човек што некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден.
„Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас, тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност. Наместо извинување и признание на грешката, Кочоска и ДПМНЕ продолжија со нападите врз Славјанка Петровска. Наместо да покажат барем трошка почит и човечки да се извинат, тие одлучија да ја нападнат Славјанка уште повеќе, ја обвинија дека глуми жртва“, истакна Тренчевска.
Од СДСМ Најавија дека ќе побараат итна седница на Комисијата за дискриминација на која ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и за поширокиот проблем на дискриминација во институции врз основа на полова припадност.
„Исто така, ќе иницираат законски измени или кодекс што ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено од високи функционери“, посочија оттаму.
За вчерашното обраќање на министерката за финансии кон пратеничката на СДСМ денеска коментираше и претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите, порачувајќи дека тој е на страна на пратениците, а Владата треба да биде внимателна како се однесува кон нив.
„Кога се случуваат пратенички прашања треба да знаат министрите и владата дека доаѓаат да одговараат на пратенички прашања и треба да знаеме да се почитуваме и какви ингеренции има секоја институција. Собранието има надзорна функција над Владата, пратеничките прашања се алатка за постигнување на тој ефект и затоа мислам дека особено Владата треба да биде внимателна во Собрание како се однесува кон пратениците“, рече Гаши.
Тој вчера не ја водеше седницата со пратенички прашања туку со неа претседаваше потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, од партијата ЗНАМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ. Во разговор со новинарите, Гаши не го коментираше директно тоа што вчера немаше реакција од Бендевска туку рече дека „кој и да ја води седницата, кога има перцепција дека некој навредува некого, треба да реагира“.
Зборувајќи општо за политичката култура, претседателот на Собранието порача дека тој секогаш повикува таа да се подигне на повисоко ниво и да се почитува етичкиот кодекс меѓу пратениците.
Mинистерката се огласи и на социјалните мрежи каде кажа дека немала намера да ја навреди Петровска, но оти „почитта мора да се заслужи“. Димитриеска-Кочоска изрази жалење што нејзините зборови биле погрешно разбрани.
Најмалку четворица загинати во експлозија во верско училиште во Пакистан

Најмалку четири лица загинаа во силна експлозија во проталибанско верско училиште во северозападниот дел на Пакистан, меѓу кои и еден висок имам, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик (РСЕ).
Локалните власти објавија дека меѓу загинатите е и Хамид ул-Хак Хакани, пакистански политичар и заменик-шеф на верското училиште во џамијата Хаканија во областа Акора Катак во провинцијата Хајбер Пахтунхва.
Шефот на провинциската полиција Зулфикар Хамид изјави за новинарите дека првичните докази сугерираат дека експлозијата била предизвикана од бомбаш самоубиец кој конкретно го таргетирал Хакани.
Билал Фаизи, портпарол на локалната служба за вонредни состојби, изјави дека најмалку 20 лица се повредени во експлозијата.
Талибанците, кои се вратија на власт во Авганистан во 2021 година, во соопштение рекоа дека „остро го осудуваат“ нападот врз верското училиште. Ниту една група не презеде одговорност за инцидентот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете