Достапни линкови

Тензична средба меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа


Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнаа во Овалната соба на Белата куќа, 28 февруари 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнаа во Овалната соба на Белата куќа, 28 февруари 2025

Украинскиот претседател Володимир Зеленски си замина без да потпише договор за пристап до украинските минерали со американскиот претседател Доналд Трамп, што беше главната цел на нивниот денешен (28 февруари) состанок во Вашингтон, а заедничката прес-конференција беше откажана.

Клучната средба меѓу претседателите се чини дека заврши жестоко по тензичната размена на ставови во Овалната соба, при што Трамп во објава на социјалните мрежи рече дека Зеленски „може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.

Ваквите случувања покренаа нови прашања за понатамошната поддршка на САД за Украина во нејзината одбрана од целосната инвазија на Русија.

„Денеска имавме многу значаен состанок во Белата куќа. Се разбраа многу нешта што не можеше да се разберат без разговор под таков оган и притисок. Неверојатно е што може да се покаже преку емоции и јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи чувствува дека нашата вклученост му дава голема предност во преговорите“, напиша Трамп во објавата на неговата платформа „ Truth Social“.

„Не сакам предност, сакам МИР. Тој не ги почитуваше Соединетите Американски Држави во Овалната канцеларија. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, рече американскиот претседател.

Ова се случува по состанокот на кој Зеленски изврши притисок за безбедносните обврски на САД и рече дека „не треба да има компромиси со убиец“, јасно мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин, додека Трамп рече дека Украина ќе треба да направи отстапки и дека Киев треба да биде поблагодарен за поддршката на САД.

Според САД, договорот требаше да биде важен чекор кон ставање крај на руската војна против Украина.

Откако се ракуваа за време на денешната (28 февруари) средба, за прв пат откако Трамп ја презеде функцијата минатиот месец, двајцата лидери се поздравија пред камерите, подигнувајќи го својот глас и оживувајќи го спорот што Трамп го започна пред една недела кога ја обвини Украина за војната и го нарече Зеленски „диктатор“.

„Воопшто не се однесувате благодарно. Тоа не е убаво нешто“, рече Трамп, кој имаше тешки односи со Зеленски откако беше избран во 2019 година. „Ќе биде многу тешко да се договориме“, додаде тој.

„Се коцкате со животите на милиони луѓе“, рече Трамп. „Се коцкате со Третата светска војна, а она што го правите е многу непочитување кон...оваа земја која ве поддржува многу повеќе отколку што многу луѓе велат дека би требало“.

На видео снимка од Овалната соба, Трамп и Зеленски се прекинуваа меѓусебно, а американскиот претседател му рече на својот посетител: „Твојата земја е во голема неволја. Ти не победуваш... Имаш проклето добри шанси да се извлечеш од ова поради нас... Картите не се во твои раце“.

Состанокот внимателно се следеше за знаци околу тоа дали Соединетите Држави ќе се обврзат да обезбедат дополнителна помош за Киев или ќе ветат какви било конкретни безбедносни гаранции против понатамошна руска агресија како дел од каков било прекин на огнот или мировен договор.

Се очекуваше да потпишат рамковен договор за пристап на САД до минералните ресурси на Украина. Договорот, беше извор на расправии меѓу Трамп и Зеленски на почетокот на овој месец бидејќи тие не се согласуваа околу вредноста на договорот и отсуството на конкретни безбедносни гаранции.

Зеленски им рече на новинарите во Белата куќа дека се надева оти договорот за минерали ќе биде чекор напред за Украина и рече дека сака подетално да разговара со Трамп за тоа што САД се подготвени да направат за неговата земја.

Трамп рече дека договорот со Киев ќе биде „многу фер“ и дека примирјето во руската војна против Украина е „прилично блиску“. Тој рече дека Украина ќе мора да направи компромиси.

Посетата на Зеленски на Вашингтон имаше за цел да ја поддржи американската помош за одбивање на рускиот напад во време кога Трамп го смени политичкиот став на Белата куќа за да стави крај на повеќе од тригодишната изолација предизвикана од неиспровоцираната инвазија на Кремљ.

Пред да пристигне во Белата куќа, Зеленски се состана со двопартиска делегација од Сенатот, каде Украина ужива силна поддршка, за да изврши притисок за продолжување на воената помош.

Војната на зборови на Трамп со Зеленски го натера американскиот лидер да го критикува својот украински колега за неговото справување со војната, што кулминираше со објава на социјалните мрежи на 19 февруари во која тој го нарече Зеленски „диктатор“ кој ризикува да ја изгуби својата земја ако не дејствува брзо за да прифати мировен договор.

Трамп ја намали важноста на коментарите, користејќи многу помек тон на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер во пресрет на посетата на Зеленски, велејќи: „Дали го кажав тоа? Не ми се верува дека го кажав тоа“.

Тој, исто така, рече дека има „голема почит“ за Зеленски, додавајќи дека Украинците „се бореа многу храбро“.

Американскиот претседател изјави дека договорот ќе им овозможи на Соединетите држави да повратат дел од помошта што ја испратија на Украина во изминатите три години, истовремено стимулирајќи го украинскиот економски раст.

XS
SM
MD
LG