Достапни линкови

Што има, а што нема во договорот за минерали меѓу Украина и САД?


Минералите од ретки земји, како овие извлечени во Тексас, се користат во низа високотехнолошки производствени и обновливи енергетски производи
Минералите од ретки земји, како овие извлечени во Тексас, се користат во низа високотехнолошки производствени и обновливи енергетски производи

Мислите дека договорот објавен меѓу Киев и Вашингтон во врска со вредните ретки минерали во Украина е голема работа?

Читајте меѓу редови. Или во фуснотите. Или и во двете.

Договорот, кој е технички рамка за договор, а не вистински правно обврзувачки договор - беше поздравен од американскиот претседател Доналд Трамп како „многу голема работа“ и тој рече дека ќе „поврати“ дел од милијардите долари оружје и помош што Вашингтон и ги обезбеди на Украина во нејзината одбрана од сеопфатната инвазија на Русија.

Од своја страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски кој треба да биде во Вашингтон на 28 февруари за да ги потпише документите, го опиша како „рамковен договор“ и рече дека ќе помогне да се обезбеди поддршка на САД за континуираната борба на Украина.

„Овој договор може да биде голем успех, или може да помине тивко. И големиот успех зависи од нашиот разговор со претседателот Трамп“, рече Зеленски на прес-конференција на 26 февруари.

„Важно е за мене и за сите нас во светот да не биде запрена помошта на Америка“, рече тој.

Во содржината на договорот со 17 клаузули, четири страници на англиски и украински, потписи на американскиот секретар за финансии Скот Бесент и првиот заменик премиер на Украина Јулија Свириденко - е предложен заеднички фонд, кој ќе се финансира од идните приходи од екстракција на вредни минерали во подземјето на Украина.

Но, договорот е само намера за формирање на фондот, а не негово вистинско правно основање, забележаа експертите. Не е јасно кога точно ќе се случи тоа. Тоа исто така значи дека сè уште има многу простор за маневрирање за тоа како всушност ќе изгледа.

Рамката, исто така, зборува за идните приходи, наместо за тековните приходи, што се чини дека ги разделува приходите од ентитети како Нафтогас. Државниот енергетски гигант придонесува со дури 15 отсто од буџетот на владата.

Тој, исто така, предвидува дека Киев се очекува да придонесе во фондот со 50 отсто од приходите од идните државни проекти за ресурси.

Парите од фондот ќе бидат наменети за проекти во Украина: „да се зголеми развојот, обработката и монетизацијата на сите јавни и приватни украински средства, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, наоѓалишта на минерали, јаглеводороди, нафта, природен гас и други материјали што може да се извлечат, инфраструктура, пристаништа и државни претпријатија“.

Тоа е промена од претходните нацрти, во кои првично беше кажано дека парите ќе одат за плаќање за американско оружје и помош, нешто на што Володомир Зеленски се спротивстави. Покрај тоа, ќе бидат потребни години пред да се реализираат такви инфраструктурни проекти - веројатно долго откако на Трамп ќе му заврши функцијата.

Повеќето Украинци го прифаќаат договорот со САД за минералите, ако тоа значи мир
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

„Договорот е премногу нејасен за да има економско значење додека Украина се уште е во војна и во догледна иднина потоа.Но, ако тоа му даде на Трамп победа што тој ја посакува и гледа дека поддршката за Украина продолжува, тогаш тоа е многу добар договор за Украина“, вели Максимилијан Хес, аналитичар за политички ризик во Институтот за истражување на надворешната политика, тинк-тенк со седиште во Филаделфија.

Михајло Самус, кој ја води Новата истражувачка мрежа за геополитика во Киев, се согласи дека она што е најважно е конечниот договор. Во меѓувреме, вели тој, и Трамп и Зеленски можат да го прикажат договорот како победа.

„Од украинска страна, тоа е обид да се запре оваа конфронтација со администрацијата на Трамп. Трамп сака да покаже дека има резултат. Тоа значи дека Трамп би можел да каже „добивме компензација за нашите даночни обврзници за поддршката на Украина. Тоа е обид да му се каже нешто на американскиот електорат: „Гледате, добивме уште една победа“, вели Самус.

Како известуваат руските медиуми за договорот за минералите меѓу Украина и САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:39 0:00

Разумно, правично, дефинитивно не неоколонијално или царско

Зеленски има историја со Трамп, што не навраќа на првиот пат кога американските законодавци го отповикаа Трамп во 2019 година. (Тој на крајот беше ослободен од Сенатот.)

Откако Трамп се врати на претседателската функција, украинскиот лидер се трудеше да се погрижи тоа да не го наруши снабдувањето со оружје за кое неговите вооружени сили се очајни. Трамп го навреди Зеленски, го нарече диктатор, погрешно сугерираше дека Украина ја започна војната и побара нови претседателски избори што е можно поскоро.

Додадете го кон ова: моќниот притисок во поголемиот дел од Републиканската партија да ги повлече обврските за странска помош на САД ширум светот.

Внесете ги минералите на Украина и таканаречените ретки минерали и други вредни метали, како литиум и титаниум. Ретките земјени минерали се посакувани за употреба во одбранбените технологии, како и за производство на батерии, компјутери и мобилни телефони. Литиумот е исто така главна компонента за батериите; титаниумот се користи во производството на авиони, меѓу другото.

Претставниците на администрацијата на Трамп, кои ги гледаат Соединетите Држави во конкуренција со Кина за пристап до вредните минерали, имаат приоритет на заклучување на резервите. Затоа Гренланд беше приоритет.

Сега е и Украина.

Како и со јазикот во договорот, постои прашање за тоа колку ретко, вредно минерално богатство има всушност Украина.

Геолошкиот институт на Украина вели дека земјата има значителни количини на ретки и други вредни минерали. Сепак, добар дел од тоа се наоѓа на територии под руска контрола.

Геолошкиот институт на САД сугерира дека тие резерви може да се претерани. Истражувачкиот извештај на S&P Global, исто така, фрли сомнеж врз украинските проценки, велејќи дека тие се засноваат на истражувања направени со децении порано.

Украинските наоѓалишта на литиум, титаниум, па дури и ураниум се повеќе присутни, како и нејзините резерви на нафта и гас.

Како мала победа за Зеленски и неговите преговарачи, договорот предвидува приходите во Заедничкиот фонд за реконструкција да ја промовираат „безбедноста и просперитетот на Украина“ - иако договорот наведува дека тоа ќе биде дефинирано само во финалниот договор за фондот.

Тоа е промена од претходните нацрти и забелешките на американските официјални лица, кои сугерираа дека приходите на фондот ќе одат за враќање на некои од трошоците за испорачувањето на оружјето од САД.

За набљудувачите, украински или други, договорот е мала победа за двајцата лидери.

„Економски, ова е солидна можност за привлекување надворешен капитал - потенцијално генерирајќи неколку милијарди реинвестирање секоја година. Засега, би рекла, Украина продолжува со внимателен оптимизам“, рече Наталија Шаповал, економист од Киевската школа за економија, во објава на платформата X.

Томаш Копечни, претставник на чешката влада за обнова на Украина, го нарече договорот „успех на дипломатските преговори за двете земји“.

„Самиот договор, сметам дека е разумен, праведен, дефинитивно не е неоколонијален или империјален. Самиот договор во основа е начин како да се заинтересираат американските претпријатија и американскиот бизнис и американската влада за реконструкција на Украина не само на хартија, туку и преку конкретни финансиски и инвестициски шеми“, вели Копечни за РСЕ.

Нема безбедносни гаранции

Владата на Зеленски која се уште има свежи сеќавања за неуспешниот меморандум од Будимпешта од 1994 година - долго време ја истакнуваше потребата од безбедносни гаранции, за да помогнат да се избегне каква било идна руска агресија.

Но, секоја обврска што го обврзува Вашингтон за заштитата или безбедноста на Украина е непосакувана опција за администрацијата на Трамп.

Сепак, во она што еден набљудувач го нарекува дека е дипломатско „ремек дело“, договорот всушност вклучува безбедносна клаузула:

„Владата на Соединетите Држави ги поддржува напорите на Украина да добие безбедносни гаранции потребни за воспоставување траен мир“ - но тој не го обврзува Вашингтон на ништо.

Претходните нацрти не ја вклучуваа таа клаузула.

Трамп им рече на новинарите во Белата куќа на 25 февруари дека договорот и дава на Украина „воена опрема и првично, право да се бори“.

Сепак, на состанокот со претставници на кабинетот еден ден подоцна, тој го повтори своето инсистирање дека Соединетите Држави нема да даваат безбедносни гаранции.

„Нема да давам безбедносни гаранции. Ќе ја натераме Европа да го направи тоа“, рече Трамп.

„Се надевам и се молам дека тоа е она што му треба на Трамп како еден вид „отворен прозорец“ за да каже „во ред, сега ќе и помогнеме на Украина“, вели Ед Верона, експерт во Атлантскиот совет во Вашингтон, кој работеше за енергетски и рударски фирми во Русија и исто така ги истражуваше инвестициите во Украина.

Зеленски успеа да постигне подобар договор од првите два нацрта што беа поднесени. И затоа, тој сака да оди во Вашингтон, да го потпише и да каже „Во ред, одлично. И се надевам дека можеби ова ќе го смири Доналд Трамп. А Трамп ќе може да каже: „Види што имам. Тие го потпишаа овој договор. Ова е добро за Америка“, заклучува Верона за РСЕ.

XS
SM
MD
LG