Дали одењето во продавница може да биде извор на стрес? Што претставува поимот „финансиска анксиозност“?
Дефинитивно претставува стрес и не само за обичниот граѓанин, туку и за мене лично и за сите нас. Затоа што секогаш кога ние не можеме да влеземе во маркет слободно и барем за оние основни производи не можеме да си дозволиме да ги ставиме во кошничка без да ги препровериме „десет пати“ цените тоа на еден начин претставува нешто што во психологијата го викаме состојба на преживување. Така што, во тој контекст и таа финансиска анксиозност се поврзува токму со немањето доволно средства, да кажеме на некој начин да се најдеме во тесно на каса или во маркет или да не ни стигаат средства за некој производ или недај Боже да ни биде одбиена картичката на терминал, што повторно укажува на една многу честа состојба во нашето општество во моментот.
Може ли стравот од високи цени да се претвори во акутна состојба и како реагираат купувачите во овој случај?
Апсолутно, да. Затоа што во моментот имаме пандемија на панични растројства и напади, секаде во светот особено во нашето општество. Најмногу потекнуваат и произлегуваат од една состојба на преживување или „survival mode“. Сега вие ако погледнете во просечниот Македонец или просечниот граѓанин на нашата држава, еден просечен граѓанин е константно во состојба на преживување.
Значи, најмногу од финансиски аспект, затоа што некои статистики јас што ги прочитав беа дека граѓаните 80 отсто од својата заработувачка ја трошат на прехрана. Значи замислете ако ние 80 % од заработувачката ја трошиме на прехрана, тоа би значело дека имаме уште 20 проценти за сѐ останато. Ако ние плаќаме за исхрана, велиме дека плаќаме за основни потреби затоа што гладот припаѓа во тие базични потреби според Пирамидата на Маслов.
Како недостигот на финансиски средства се одразува внатре во семејството?
Се одразува на многу начини. Прво, имате честопати глетка во која родителите во денешно време мораат да работат по две работи за да може да издржат едно семејство. Од друга страна, тоа не ја намалува потребата на децата да бидат присутни и да поминуваат време со своите родители. Тука сите родители се наоѓаат растргнати помеѓу тој процес на обезбедување на основна живеачка за семејствата и проаѓање квалитетно време со семејството. Тие работи по природа на нештата би требало да се подеднакво значајни, меѓутоа во нашата држава сметам дека не се.
Првото, е во голема мера незадоволено. Значи, кога родителот треба да работи сто ангажмани, да оди на повеќе места, доаѓа дома преисцрпен во хроничен „burnout“ или синдром на професионално согорување, нема ниту концентрација, ниту трпение ниту волја да прави било што, што понатаму му прави ментален товар или напор. Така што, често пати луѓето се многу понервозни. Лесно е ние како психолози да го впериме прстот во родителите, меѓутоа тие прават сѐ што можат за да ги задржат системите во некоја базична функционалност, а тоа е сепак нешто кое треба да произлезе од државата како систем, не од индивидуите и граѓаните.
А што самите граѓани би можеле да направат за да си помогнат?
Дефинитивно може да погледат во „концептот на доволност“. Јас тоа често го работам со моите клиенти. Не колку може повеќе, туку колку е доволно. Понекогаш и обичните активности кои ги правиме во склоп на домот може да добијат една порелаксирачка нијанса. На пример, ручекот којшто генерално го подготвуваме во домот во сабота и недела, може да го земеме со себе и да го однесеме во природа. Значи тоа е нешто кое секако го правиме како активност, но доколку го смениме контекстот и отидеме во зеленило, малку на чист воздух, ќе добиеме повеќе релаксирање и стимул за да ја издржиме претстојната недела која доаѓа и во која секако сме во затворен простор.
Какви психолошки трикови користат трговците? Како да ги препознаеме и да реагираме на нив?
Јас лично гледам една многу честа практика во маркетите, а тоа е да се ставаат погрешни цени на производите. На пример, вие мислите дека тоа чини многу помалку, но кога одите на каса ви кажуваат друга цена. Често забележувам дека голем дел од луѓето поради срамот кој го доживуваат на каса, затоа што касата е место на изложување каде што не гледаат други луѓе, го купуваат производот иако не сметаат дека треба да го платат за цената која ја слушаат на каса.
Истото оди и во насока на ставањето на производи на акција.
Најчесто маркетите ставаат на акција производи кои се со многу краток рок на траење. Во голема мера тоа е и опасно да се продава бидејќи меѓу луѓето кои купуваат има такви кои можеби не догледуваат доволно, имаат оштетен вид, купуваат и постари граѓани од трето доба кои буквално може да направат грешка и да купат нешто што е неупотребливо. Тоа е еден нефункционален начин на користење на производите. Сите овие производи кои маркетите пробуваат да ги продадат, има начин како може да се искористат во разноразни соработки со државата.