Ретко пуштаме пари од странство на македонските сметки. Многу се големи провизиите, на само стотина евра доаѓа околу 7 евра провизија и подобро со тие пари да купам нешто за децата. Кога доаѓаме си носиме кеш и таму го внесуваме или испраќаме по пријатели што доаѓаат за Македонија за да ни ги уплатат таму на сметките.
Ваква е праксата што ја користи Христина Николовска, иселеничка во Германија, во префрлањето пари во земјава. Но, тoa и за неа и за сите иселеници и граѓани кои прават трансакции и плаќања од и во странство би можела да стане минато бидејќи Северна Македонија се подготвува да стане дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).
Тоа, се очекува да биде од голем бенефит и за компаниите бидејќи ќе се скратат и времето и трошоците за трансакциите во евра.
СЕПА е иницијатива на ЕУ чија цел е да се поедностават и стандардизираат трансакциите и да има побрза, поевтина и посигурна уплата и исплата на евра меѓу земјите членки. Дел од неа се сите 27 членки на Унијата, како и Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија, Монако, Исланд, Сан Марино, Андора, Ватикан и Обединетото Кралство.
Членството во неа е еден од приоритетите дефинирани во Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Црна Гора и Албанија веќе се прифатени во оваа област, а зелено светло наскоро очекува Северна Македонија. Народната банка апликацијата ја поднесе во јули 2024, а првиот можен датум за влез на банките од Западен Балкан, односно целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА во пракса, како што изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, е октомври 2025.
Колку ќе заштеди регионот од трансакциите на граѓаните?
Попристапен, поудобен и побезбеден метод за трансакции во евра, се зборовите со кои од Народната банка ги опишуваат придобивките што ќе ги имаат граѓаните од членството во СЕПА. Оттаму потенцираат и оти користа, пред сè, ќе биде во намалените трошоци за прекугранични плаќања, вклучително и за дознаките.
„Според анализата на Светска банка за економиите од Западен Балкан трошоците за значително ќе се намалат при што економиите би можеле да заштедат приближно половина милијарда евра“, велат од Народната банка за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Очекувањата се дека тоа ќе ја забрза и дигиталната трансформација на финансискиот сектор и ќе се намали зависноста од готовински трансакции.
Бизнисот очекува драстично намалување на трошоците
Големи се очекувањата и на бизнис заедницата, која преку ова ќе има и поедноставен пристап до пазарот на ЕУ.
„Во пракса треба да ги намали трошоците при плаќањата во регионот и во ЕУ. Покрај тоа, ќе има влијание и на брзината. Теоретски, ако сега е потребно еден-два дена за се изврши трансакции, сега очекуваме, да речеме тие да се прават веднаш“, вели за РСЕ претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.
Сето ова, бизнис секторот очекува да влијае и на ефикасноста. Како што вели, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија, компаниите кои имаат меѓународни трговски активности – продавање, купување, консултантски услуги итн., плаќањата би ги правеле од канцеларија и во движење, а тоа им е важно затоа што во бизнисот има „одредени ситуации кога е важно да се искористи дадениот момент и секундата“.
Според анализа на Светска банка, која ја потенцираат и од Народната банка, сега во споредба со ЕУ, трошоците за прекугранични плаќања во евра за микро, мали и средни претпријатија во Западен Балкан чинат приближно 12 пати повеќе за пренос на 5.000 евра и 15 пати повеќе за трансфер на 20.000 евра.
Крај за „коресподентните банки“
Она што го истакнуваат и компаниите и Народната банка, е дека целиот процес ќе стави крај на користењето на кореспондентните банки.
„Приклучувањето кон СЕПА значи полесен пристап до платните системи во ЕУ, елиминирајќи ја потребата од сложени и скапи кореспондентни банкарски аранжмани. Ова поедноставување ќе доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања“, велат на Народната банка.
Сега, фирмите често за да платат фактура во друга земја, треба да користат банки и во трети земји.
„Ако сакаме да платиме на пример во Шведска, треба да користиме кореспондентна банка која ќе го направи тој трансфер во Германија или други земји бидејќи нашите банки немаат директна комуникација на пример со некои банки од Шведска или Португалија“, објаснува Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Што досега е направено, а што треба да се направи?
Но, иако придобивките од пристапувањето во СЕПА се јасни, мора да признаеме дека нè очекуваат и предизвици, порача гувернерката Ангеловска-Бежовска која вчера во Скопје учествуваше на работилницата на оваа тема, настан на кој имаше и претставници на Светската банка, Европската централна банка, Европскиот платежен совет, Италијанската асоцијација на банки и др.
Апликацијата за СЕПА на Северна Македонија треба да ја одобри Европскиот совет за плаќања, а од Народната банка посочуваат дека досега е постигната висока усогласеност на регулаторните барања во сферата на платежните услуги, мерките за спречување на перење пари, слободното движење на капиталот и заштитата на податоците. Северна Македонија, потенцираат, ги исполни техничките и правни барања на СЕПА и она што сега се очекува е завршување на формалната проценка на апликацијата и на подготвеноста за приклучување.
За доусогласување на законодавството со ЕУ кое е потребно и за пристапувањето во СЕПА, во собраниска процедура се и измени на Законот за платежни услуги и платни системи. На 27 јануари тие веќе поминаа на второ читање во надлежните собраниски комисии.
Меѓутоа, за целосно интегрирање во оваа област клучна улога треба да одиграат и банките.
„За да граѓаните и фирмите ги почувствуваат придобивките од СЕПА, клучно ќе биде банките оперативно да се подготват и да се приклучат кон СЕПА шемите (платните системи), по одобрувањето на нашата апликација. Ние ќе обезбедиме целосна регулаторна поддршка на банките во овој процес“, велат од Народната банка за РСЕ.
Неодамна, за да се поддржи процесот на интеграција во СЕПА на шесте земји од Западен Балкан и Молдавија, Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување при Европската комисија формираше и Управувачки комитет. На чело на ова тело застана првиот човек на Директоратот, Герт Јан Копман, а дел од него се гувернерите на централните банки од регионот, претставници на ЕУ, Светската банка и други европски финансиски институции.