Достапни линкови

Вести

Специјален претставник на САД доаѓа на Западен Балкан за да ја зајакне поддршката во борбата против дезинформациите

Зградата на Стејт департментот во Вашингтон, САД
Зградата на Стејт департментот во Вашингтон, САД

Специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот на САД, Џејмс Рубин, од 10 до 14 април ќе биде во посета на Црна Гора, Северна Македонија и Албанија.

За време на посетата ќе се разговара за борбата против руските дезинформации, пренесува агенцијата Бета.

„Во Подгорица и Скопје, специјалниот пратеник Рубин ќе се сретне со владини претставници за да ја зајакне поддршката за иницијативите против дезинформации“, се вели во соопштението на Стејт департментот на 7 април.

Во соопштението се наведува дека ќе се разговара за „напорите на Русија, НР Кина и други злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност ширум светот“.

За време на престојот во Тирана, специјалниот пратеник Рубин ќе учествува на средби со американските амбасадори од Западен Балкан“, се вели во соопштението.

Американскиот специјален пратеник Џејмс Рубин во интервју за ТВ Н1 на 4 април изјави дека медиумскиот простор на Балканот е затруен со дезинформации, главно од Русија.

„Истовремено ја имаме оваа страшна војна во Украина, Русија се обиде да користи дезинформации и лаги за војната, а во исто време нивната армија убива невини луѓе, го уништува енергетскиот систем, уништува училишта и го нарушува фактот дека соседната земја не смее да биде окупирана“, рече тој.

види ги сите денешни вести

Затворени маркети, аптека и увозници на овошје и зеленчук - утврдени маржи до 70 отсто

Потрошувач во маркет - илустрација
Потрошувач во маркет - илустрација

Осум компании од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите.

Како што соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, кај овие правни субјекти контролите утврдиле маржи до 70 отсто.

Според Стојкоски, освен клуч на врата, тие ќе бидат и парично казнети.

„Се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме“, информира директорот на прес-конференција.

Сепак, неговата генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат.

Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места.

Притоа се констатирани вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42.000 евра.

Русија ги поддржува властите во Србија и Република Српска, изјави Вучиќ по разговорот со Путин

Александар Вучиќ - претседател на Србија
Александар Вучиќ - претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја поддржува легитимно избраната влада во Србија и дека Москва секогаш го поддржувала Дејтонскиот мировен договор и босанскиот ентитет Република Српска.

По телефонскиот разговор со Путин на 7 март, Вучиќ изјави дека со рускиот претседател разговарал за сите важни прашања, вклучувајќи го и постигнувањето нов договор за гас и прашањето за американските санкции за нафтената индустрија на Србија, како и дека е потврдена претстојната средба на 9 мај во Москва.

Во видео-обраќање на својот Инстаграм профил, Вучиќ рече дека разговарал со Путин за „обид за обоена револуција во Србија“.

„Му се заблагодарив за фактот што руските функционери не ја поддржуваат обоената револуција и претседателот Путин имаше многу јасен став за ова прашање. Русија разбира и добро гледа што се случува и ќе продолжи да ги поддржува легално и легитимно избраните власти во Србија“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека со Путин разговарал и за ситуацијата во регионот и ја пренел пораката од претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

„Претседателот Путин на обидите и потезите на високиот претставник во БиХ гледа само со една цел, а тоа е соборување на Милорад Додик. Руската Федерација отсекогаш го поддржувала и Дејтонскиот мировен договор и Република Српска“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека со рускиот претседател разговарале и како да се реши проблемот со Нафтената индустрија на Србија, со оглед на американските санкции за таа компанија.

Вучиќ не наведе детали, наведувајќи дека тој и Путин разговарале и како Србија би можела да склучи нов договор за гас со Русија пред 31 мај.

Претседателот на Србија рече дека темите што се обработуваат се и политичка и економска соработка, оценувајќи го разговорот како одличен.

Вучиќ изјави дека е потврдена неговата посета на Руската Федерација на 9 мај и додаде дека на почетокот на мај ќе ја предводи српската делегација во Москва за да ја прослави 80-годишнината од победата над фашизмот.

Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Русија да ја прекине војната

Украински војник во Покровск во близина на зграда уништена во руски напад, 6 март 2025 година.
Украински војник во Покровск во близина на зграда уништена во руски напад, 6 март 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина, откако таа повторно ја нападна украинската енергетска инфраструктура, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Првите чекори кон воспоставување вистински мир треба да бидат принудување на единствениот извор на оваа војна, Русија, да ги запре ваквите напади врз животот“, објави Зеленски на 7 март.

Тој рече дека и станбени згради биле погодени во координиран напад на Русија со крстаречки ракети од Црното Море, хиперсонични ракети од воздух и низа борбени беспилотни летала.

Зеленски кажа дека во одбивањето на нападот, Украина користела авиони Ф-16 и Мираж-2000 што Франција му ги дала на Киев како дел од пакетот помош објавен во јуни минатата година.

По овој руски напад, Полска ги активираше системите за воздушна одбрана и борбените авиони.

Полските вооружени сили соопштија дека поради активностите на руската авијација со долг дострел, Варшава и сојузниците започнале воздушна операција за следење и одговор на заканите.

Рускиот напад доаѓа пред мировните преговори во Саудиска Арабија следната недела, каде што се очекува украинска делегација да се сретне со претставници на Соединетите Американски Држави за да подготви рамка за мировен договор.

Овој триесетти масовен напад врз енергетската инфраструктура на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година и е дел од пошироката руска воена стратегија, чија цел беше објекти во областа Одеса во последните две недели.

Украинската државна компанија за гас Нафтохаз соопшти дека ова е 17-ти комбиниран напад врз нејзината инфраструктура. Извршниот директор на компанијата, Роман Чумак, рече дека производствените капацитети се погодени и дека во тек се напори за реконструкција.

И покрај постојаното негирање на Москва дека имала цел цивилна инфраструктура, Украина и меѓународните организации ги нарекоа нападите воени злосторства во кои тие рекоа дека болниците, училиштата, енергетските објекти и системите за водоснабдување низ земјата биле намерно цел.

Кремљ е загрижен за „конфронтирачката реторика“ на ЕУ

Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ
Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ

Кремљ ја осуди „конфронтирачката реторика“ на Европската Унија откако лидерите на блокот се согласија да ја зајакнат нејзината одбрана на кризниот самит кој се одржа на 6 март во Брисел.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија внимателно ја набљудува ЕУ, велејќи дека „ЕУ активно разговара за темата милитаризација“ и „ја позиционира Русија како главен непријател“.

„Гледаме дека Европската Унија сега активно разговара за милитаризација на ЕУ и за развојот на одбранбениот сегмент. Ова е процес што внимателно го следиме, бидејќи ЕУ ја позиционира Русија како свој главен противник“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Ова додаде Песков, би можело „ да биде тема на длабока загриженост“, што би можело да доведе до ситуација „на неопходност да се преземат соодветни одмазднички мерки“, рече Песков.

Европските лидери во четвртокот ги поддржаа плановите да се троши повеќе за одбраната и заеднички се согласија дека ја поддржуваат Украина, по промената на политиката на САД под водство на Доналд Трамп.

Портпаролот на Кремљ вели дека „конфронтирачката реторика и конфронтациската анализа на ЕУ се неусогласени со расположението да се бараат патишта за мирно решавање на тригодишниот конфликт во Украина“.

Откако Трамп упати повици за нуклеарно разоружување вклучувајќи ја тука и Русија, Кремљ рече дека немало такви разговори меѓу САД и Русија, но дека европските нуклеарни резерви мора да бидат „област на интерес“ во какви било разговори.

Песков го посочи предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во обраќањето до нацијата рече дека Франција може да го прошири својот „нуклеарен чадор“ за да ги заштити соседните земји.

Три деца загинале во пожар во хрватскиот град Чаковец

илустрација
илустрација

Три деца загинале во пожар во куќа во ромската населба Куршанец во градот Чаковец на северот на Хрватска.

Во пожарот полесно биле повредени и 25-годишна жена и двегодишно дете. Според извештајот од болницата, детето и мајката се здобиле со тешки изгореници по телото.

Пожарот, како што објави хрватската полиција, избил доцна синоќа (6 март) на поткровјето на куќата. На терен интервенирале сите расположливи противпожарни екипи од Чаковец, а по гаснењето на пожарот во куќата пожарникарите ги пронашле телата на трите деца.

Местото и денеска го обезбедуваат полициски службеници, а присутен е и надлежен обвинител кој врши увид за утврдување на причините за несреќата. Истрагата е сè уште во тек.

Жителите на Куршанец велат дека не паметат ваква трагедија и се сомневаат дека стравотниот пожар го предизвикале кабли кои биле неправилно поврзани.

Таравари: Ако јавноста е против и има пропусти, ќе го поништиме тендерот за паркингот на Клинички

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

Министерот за здравство Арбен Таравари е подготвен да го поништи тендерот со компанијата „Ѓока констракшн“ која преку јавно-приватно партнерство треба да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар Мајка Тереза. Таравари вели дека доколку на јавноста не и се допаѓа понудата и има укажувања од Владата за пропусти, тендерот ќе се поништи.

„Договорот не е потпишан. Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави многу нервоза. Ако за понудата, еве слушам, секогаш многу ми значи јавноста што ќе каже, ако ми кажат дека нешто не е во ред, пуштено е и во Влада, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година“, одговори Таравари на новинарско прашање при денешната посета на Клиниката за инфективни болести.

Министерот смета дека понудената цена е добра.

„Најдобро е да биде нула денари, но ако најдете таков понудувач што ќе обезбеди плус 600 денари и нема да наплаќа ништо би било идеално. Во Скопје има места со 100, 150 денари за паркинг, така што мислам дека 50 денари е пристојна и не е некоја многу висока цена“, рече Таравари.

Според Таравари, рокот за стопанисување со паркингот не е 20 години, како што е предвидено со физибилити студијата. Во тендерот, како што соопшти, има услов за понудувачот да го користи паркингот додека на таа локација е Клиничкиот центар и тоа нема да биде повеќе од седум до 10 години.

„Според физибилити студијата е предвидено да биде 20 години, но во меѓувреме имаме одука дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Јас лично сметам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од седум до 10 години. Сме ставиле како услов, додека е тука Клиничкот центар, тоа може да бидат пет, шест, седум осум, девет, десет години, но мислам дека тоа нема да биде повеќе од седум до 10 години, затоа интересот на компаниите беше многу мал, да беше 20 сигурно ќе се јавеа. Од проектната единица ме известија дека процедурата е помината и има одредени филтри што треба да поминат во Владата. Ако поминат ок, ако не поминат, пак ќе го објавиме“, рече Таравари.

Рокот за изградба на мотажните катни гаражи доколку биде потпишан договорот, како што рече, најверојатно е шест месеци до една година.

Владата на седница на 20 август минатата година донесе одука да се градат монтажни катни гаражи на Клинички центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката. Со паркингот на Клиничкиот центар моментно стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

ЕУ: Однесувањето на Србија во Советот на Европа е јасно кршење на Охридскиот договор

Зградата на парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Франција
Зградата на парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Франција

Европската Унија смета дека Србија ги прекршила своите обврски од Охридскиот договор постапувајќи по барањето на Косово да биде специјален гостин на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Однесувањето на Србија во Советот на Европа е јасно прекршување на обврските на Србија од Охридскиот договор“, се наведува во писмената реакција од седиштето на ЕУ.

Претставниците на Брисел потсетуваат дека четвртиот член од Охридскиот договор предвидува Србија да не се противи на членството на Косово во меѓународните организации.

На 5 март, барањето на Косово да биде специјален гостин на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа ненадејно беше отстрането од дневниот ред.

Претставниците на косовската делегација кои присуствуваа на состанокот одржан во Париз оценија дека тоа е „неочекуван развој“.

Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ оцени дека ова е „мала, но значајна победа“.

Србија не го признава Косово, но преговара со Приштина за нормализација на односите под покровителство на Европската Унија. Белград се противи на членството на Косово во меѓународните организации и покрај Охридскиот договор во кој се вели дека Србија „нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“.

Договорот за патот кон нормализација на односите го постигнаа лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, на 27 февруари во Брисел.

Анекс за имплементација на овој договор беше договорен во Охрид на 18 март. Лидерите не го потпишаа договорот, затоа што Александар Вучиќ одби да го стори тоа.

Без оглед на недостигот на потписи, Брисел инсистира на тоа дека двете страни се обврзани да ги спроведат сите одредби од договорот.

Меѓу другото, Србија со овој договор се обврза да не го блокира членството на Косово во ниту една меѓународна организација.

Косово, сепак, се обврза да формира Заедница на општини со српско мнозинство.

Договорот предвидува и еднакви права за Косово и Србија, почитување на територијалниот интегритет и неповредливост на границите, признавање на државните симболи и отворање на дипломатски претставништва на Србија и Косово во седиштата на владите на тие земји.

Но, две години подоцна, ниту една страна не ги исполни обврските од договорот.

Обврските од Охридскиот договор се составен дел од преговарачката рамка на Србија со Европската Унија од април 2024 година и составен дел од европскиот пат на Косово.

Трамп ќе склучи договор од милијарда долари со Саудиска Арабија

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најверојатно ќе го направи своето прво патување надвор од земјата во Саудиска Арабија, за да склучи договор со Ријад за инвестирање на повеќе од милијарда долари во американската економија, вклучително и купување на воена опрема.

Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека најверојатно ќе отпатува таму во текот на следниот месец и половина.

Тој потсети дека првото патување во странство од неговиот прв мандат беше во Ријад во 2017 година за да ги објави саудиските инвестиции проценети на 350 милијарди долари во тоа време, пренесува Ројтерс.

„Овој пат тие станаа побогати, сите ние остаревме“, рече Трамп.

Тој рече дека, под негови инструкции, Саудијците се подготвени да инвестираат милијарда долари во текот на четири години во американски компании, вклучително и во купување на американска воена опрема.

„И тие се согласија да го направат тоа, па јас ќе одам таму и имам одличен однос со нив, а тие беа многу љубезни“, рече Трамп.

Саудиска Арабија презема сè позначајна улога во американската надворешна политика, потсетува Ројтерс.

Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, на новинарите им изјави дека Саудијците ќе бидат домаќини на американско-украинскиот состанок следната недела на кој ќе се разговара за прекин на огнот во украинската војна.

Во февруари, Трамп се состана со претставници од PGA Tour и Саудиска сопственост LIV Golf за да разговараат за надминување на јазот меѓу двете компании.

Џаред Кушнер, зет на претседателот и советник за Блискиот Исток за време на неговиот прв мандат, основаше приватна компанија која доби 2 милијарди долари саудиски инвестиции, откако Трамп ја напушти функцијата.

Русија извршила серија напади со ракети и дронови врз Украина

илустрација
илустрација

Русија во текот на ноќта изврши серија напади со ракети и беспилотни летала врз Украина, насочени кон енергетски објекти, соопштија украинските власти во петок (7 март) додавајќи дека енергетската и гасната инфраструктура во неколку региони биле погодени.

„Спасувачките работници и електричарите работат на поправање на ситуацијата таму каде што е можно“, рече Галушченко, наведувајќи дека проектили „Калибр“, биле лансирани од бродови во Црното Море.

Според официјалните извештаи, најмалку пет лица биле повредени во источниот град Харкив, јави ДПА.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на Телеграм изјави дека биле погодени и инфраструктурен објект и блиска станбена зграда.

Терехов рече дека спасувачките екипи трагаат по повеќе жртви под урнатините на делумно урната станбена зграда, додавајќи дека досега биле спасени шест лица и во западниот регион Тернопил, при што биле пријавени прекини во снабдувањето со гас.

„Нема жртви или повредени во регионот“, рече воениот гувернер Вјачеслав Нехода на каналот Телеграм.

Украина се брани од целосната инвазија на Русија повеќе од три години.

Во текот на овие три години, Русија систематски ја таргетира енергетската инфраструктура на Украина, уништувајќи повеќе од половина од капацитетот за производство на електрична енергија во земјата.

Вечерва гласање во грчкиот Парламент за недоверба на Владата

Грчкиот парламент
Грчкиот парламент

Пратениците во грчкиот Парламент, вечерва (7 март) ќе одлучуваат по барањето на четирите опозициски партии за гласање недоверба на Владата поради железничката несреќа кај Темпи, додека низ цела Грција закажани се нови протест, јави МИА.

Гласањето е на крајот од тридневната расправа што започна во средата, а засега, не се очекува предлогот да биде изгласан, со оглед на тоа што пратеничката група на владејачката Нова демократија има мнозинство од 156 пратеници, од вкупно 300 во Парламентот.

Иницијативата е на ПАСОК, со поддршка од СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а барањето што е потпишано од 85 пратеници, се фокусира на железничката несреќа кај Темпи и безбедноста на транспортот, но се осврнува и на владеењето на правото, скандалот со прислушувањата и поскапувањата на цените.

На гласањето, што се очекува да биде околу 21 часот, ќе му претходат говори на лидерите на сите политички партии, како и на грчкиот премиер. Паралелно со расправата, закажани се и низа протести.

Точно напладне, учениците и студентите ќе одржат протести во Атина и во други грчки градови, а демонстрации ќе има и вечерва, во исто време со гласањето.

Во 19 часот пред Парламентот во центарот на Атина, разни организации, здруженија, работнички центри, синдикати, студентски здруженија и сл ќе одржат нов протест, паралелно со расправата на пратениците и гласањето по предлогот за недоверба на Владата.

Протест имаше и во средата, на првиот ден од расправата во Парламентот, а по завршувањето на официјалниот дел се случија сериозни инциденти меѓу групи маскирани лица и полицијата. Граѓаните, преку протестите имаат цел уште еднаш да испратат порака дека бараат правда за железничката несреќа и виновниците да бидат казнети.

Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година во директен судир на патнички и товарен воз, при што загинаа 57 лица.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG