Достапни линкови

Реформскиот план за ЕУ се сопна на правосудните закони


Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.

Владата од ЕУ очекува чиста безусловна препорака и најдобар извештај досега. Дел од реформските закони се уште не се изгласани. Аналитичари велат дека ќе се валоризира досега стореното во неколку сфери.

Над 90 проценти од реформскиот план на Владата е реализиран, тврди вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи. Овие реформи потребни за побрзо интегрирање во ЕУ, треба да бидат валоризирани во Извештајот на Унијата за напредокот на земјите, кој треба да биде објавен на 17 април.

Но, Собранието не гласаше за дел од реформските закони, оти имало потреба од дополнително усогласување меѓу пратениците. Останаа законите за судовите, за кривична постапка и за Јавното обвинителство. Собранието вчера даде зелено светло за формирање нова Оперативно-техничка агенција (ОТА), за Законот за следење на комуникациите и за Законот за заштита на сведоците. За овие закони, како што претходно се договориле во работните групи, гласаа и пратениците од опозицијата. Законите кои се дел од реформскиот пакет според владиниот план 3-6-9, во најголем дел произлегоа од забелешките кои ги даде експертот Рајнхард Прибе.

Иако планот беше овие закони да бидат донесени до крајот на неделава, за денеска нема закажани пленарни седници, а за в понеделник е закажана Комисија за политички систем на која на дневен ред е Законот за судовите и за судски совет.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, презентирајќи го извештајот за спроведување на планот 3-6-9, рече дека од ЕУ очекува чиста безусловна препорака и најдобар извештај досега. Османи вели дека сите реформи се донесени низ транспарентен и инклузивен процес, во консултации со сите релевантни страни и низ дебата. Вицепремиерот вели дека, иако реализацијата на овој план не треба да се анализира во проценти, но бидејќи се инсистира на тоа, тогаш степенот на реализација е над 90 проценти.

Очекувавме дека вчера ќе биде и 95 до 99 проценти, но одредени закони во последен момент без одложени по барање на опозицијата за дополнителни консултации. Но, го поздравуваме враќањето на опозицијата и гласањето за двотретинските закони коишто се важни, бидејќи од почеток повикувавме дека проектот Македонија во ЕУ не е ексклузивен за една влада, туку е проект на целото општество“, рече Османи.

Тој вели дека со завршувањето на овој план, не завршуваат реформите, туку владата ќе продолжи, како што вели, со агресивна реформска агенда.

„Вистинската валоризација на овој успех ќе претставува и успешното надминување на прашањето за името со Грција, па преку почеток на преговори со ЕУ уште повеќе да се зголеми реформскиот курс на државата, само преку таквиот пристап ќе обезбедиме поквалитетно, поправично европско општество за граѓаните, како основен предуслов за напредок, кој ќе обезбеди и поголема благосостојба“, вели Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во барањето за интерпелација на Владата, пак, критикуваше дека планот 3-6-9 доживеал колапс.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски очекува во извештајот да биде валоризиран напредокот во неколку сфери и тоа не само реформите, туку и добрососедската политика и напорите што се прават во разрешување на спорот за името.

„Очекувам позитивен извештај за Македонија, можеби тој нема да биде најдобар, но би бил еден од подобрите коишто ги добила земјата во изминатите години, со оглед на сите процеси коишто се случуваа досега“, вели Гаџовски.

Следната недела, по презентирање на извештајот за напредокот на земјите, Македонија ќе ја посетат шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG