Достапни линкови

Без договор за деблокирање на Собранието


Архивска фотографија - Собраниска седница.
Архивска фотографија - Собраниска седница.

По координацијата во Собранието нема договор за нова седница. Приоритет треба да им се даде на реформските закони, а Законот за јазиците може да почека, велат дел аналитичари. Други пак велат дека од тој закон зависи и целосната работа на Парламентот.

Во Парламентот се уште нема договор кога ќе се одблокира неговата работата и по завршување на редовната координација на претставниците на пратеничките групи со претедателот на Собранието.

Пленарна седница или седница на некоја од комисиите не се закажува поради тоа во Собранието повторно нема кворум за работа, зашто неколку пратеници заминуваат на службено патување во Виена, има повредена пратеничка и друга на породилно отсуство.

Опозицијата пак и натаму нема да учествува во работата на Парламентот. Нивен претставник денеска повторно не бил на координацијата кај Џафери, меѓутоа претставник на опозоциската партија имал неформални средби со претседателот на Собранието за одредени активности, а исто така се потврдуваат и средбите на работните групи за одредени закони, но нема информации дали е постигнат некаков напредок.

Експертите велат дека координацијата меѓу пратеничките групи е единствениот пат кој може да води кон одблокирање на работата на македонското Собрание. До нивниот коментар доаѓа откако поради службени патувања Собранието немаше пленарни активности во изминатите две недели. Заостанати се Законот за јазиците за кој ВМРО-ДПМНЕ има поднесени над 35 илјади амандмани, како и реформските закони за следење на комуникациите, законите за намалување на патните трошоци на пратениците и именуваните лица и други закони и одлуки.

„Добар е начинот да се направи координација меѓу пратеничките групи, затоа што тоа е можност за потесен круг да е изнајде решение за проблемот со кој што се соочува Собранието, а тоа е речиси целосна нефункционалност по однос на донесување на законските решенија“, вели професор Никола Дујовски.

Аналитичарот Насер Зибери, кој е и поранешен пратеник, е убеден дека за надминувањето на блокадата во Собранието најдобро е да има политички договор меѓу пратеничките групи како да се рационализира расправата. Тој дополни дека може да се применат и одредбите од деловникот и да се групираат амандманите за Законот за јазиците, но е загрижен дека со тоа повторно ќе има долги дебати.

Зибери изјави дека во наредниот период Собранието како приоритети треба да ги има прашањата поврзани со евроинтеграциските процеси и прашањата кои произлегуваат како закони од извештајот на Прибе, и дополни дека тие прашања не треба да трпат одлагања за разлика од Законот за јазици, кој според него може да почека.

„На тој план треба Владата повеќе внимание да посвети, зашто ќе ги надмине и рамките од својата програма 3-6-9 и ако не се постигне согласност со опозицијата законите кои се носат со дво- третинско мнозинство нема да се донесат и така нема да биде реализирана таа програма. Мислам дека Законот за јазици може и да почека ако опозицијата е расположена да гласа за другите прашања кои временски се лимитирани и кои не трпат одлагање“, вели Зибери.

Но професор Дујовски изразува загриженост дека политичката клима не е особено наклонета да им обезбеди приоритет на законите кои се многу значајни и кои се насочени кон европските интеграции, зашто е уверен дека за нивното донесување ќе биде потребен прво договор околу донесување на Законот за јазиците.

Не ценам дека законот за јазици е приоритет сега во овој момент, но очигледно дека тој е камен на сопнување. Доколу се постигне договор ќе се откочат процесите и ќе може да очекуваме донесување во разумен рок на останатите закони кои се важни за Македонија. Можеби неоправдано, но мислам дека целта на оваа координација ќе биде да се видат позициите на партиите околу Законот за јазиците, сè друго ќе подложи на договор околу тој закон“, изјави професор Дујовски.

Деновиве вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи оцени дека опозицијата сè уште има простор позитивно да се коригира, со тоа што нема да го попречува донесувањето на Законот за јазиците.

Нема официјални информации како партиите ќе го надминат проблемот со блокадата што ја предизвика бројноста на амандманите на Законот за јазиците. Претседателот на Парламентот Џафери пред неколку недели кажа дека се надева на политички договор.

Извесно е сепак дека седница за пратенички прашања би требало да има на 22 февруари, а за 26 февруари во Собранието се закажани две конференции.

Професор Дујовски вели дека ако пратеничките групи се договорат околу измени за законските содржини, тогаш може да се очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат амандманите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG