Во Собранието денеска се избра нов државен јавен обвинител. На дневен ред е избор и на нови уставни судии, а на седницата се и многу други важни документи, меѓу кои и законот за јазици во второ читање, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ продолжува да не учествува во работата на Парламентот и по изборот на новиот лидер Христијан Мицковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ ни потврдија дека и натаму нема да учествуваат во работата на Собранието, повторувајќи го нивниот став дека е нарушената атмосферата за нормално функционирање во Парламентот, а причината, како што наведуваат, е незаконското политичко гонење и притворање на пратеници.
„Што мислеле да постигнат со тоа што прогласуваа за терористи семејни луѓе кои претходно не сториле никакво дело може да кажат нарачателите на апсењата. Нивна е одлуката дали се поважни законите и реформите или желбата за политичка одмазда преку злоупотреба на институциите“, ни рекоа од ВМРО-ДПМНЕ дополнувајќи дека во оној момент кога партијата ќе има поинаков став од оној во моментов ќе излезат со информации.
Премиерот Зоран Заев денеска, пак, рече дека очекува соработка со опозицијата.
„Стабилни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ и како СДСМ, значат и стабилност за Република Македонија“, рече Заев.
Според него завршувањето на конгресот на нивниот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата. Тој рече дека очекува корегирање на одлуката и враќање во Парламентот, зашто како што рече, пред него има многу сериозни прашања за одлучување.
„Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата. Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против“, рече Заев.
Претставници од Брисел постојано нагласуваат дека врз основа на резултатите од реформскиот план 3-6-9, Македонија ќе биде оценувана до каде е на евроатланскиот пат.
Артан Груби од владеачката ДУИ очекува опозицијата да биде дел од законските решенија, не само на денешната седница, туку и во иднина, укажувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма има вметнато и реформи кои се предвидени со реформскиот акциски план. Реформската агенда не е партиска, туку е државна агенда зашто тоа се домашни задачи кои сме ги презеле како обврска од Брисел. Се обратно од тоа е на штета не само на опозицијата, туку и државата, нагласи Груби.
„Со новото раководство сметам и претпоставувам дека нема да бидат обременети со минатото и дека ќе се појават во Собрание со конкретна подршка за реформските закони, Охридскиот рамковен договор и добрососедските односи за да помогнат и да бидат дел од успешната приказна за добивање датум за членство во ЕУ и покана за членство во НАТО. Имам чувство дека опозицијата е во обид да се пронајде себе си и да си создаде наратив за учество во сите процеси“, изјави Груби.
Минатата недела во отсуство на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Собранието го изгласа Буџетот за 2018 година.
Деновиве дури и британскиот амбасадор Чарлс Гарет кажа дека не е добро да има бојкот на Парламентот.
„Во секоја демократија, опозицијата игра клучна улога. Нејзината активност во Парламентот може да претставува тест за политиките, да унапредува закони. Тие апсолутно се вклучени во надзор на работата на Владата. Овие работи имаат вистинско влијание. Доколку тие не го обезбедуваат тоа, функцијата на опозицијата тогаш може да има негативно влијание. Јас мислам дека е многу важно сите заедно и сите партии во Парламентот, бидејќи сите имаат своја улога во ова, да и овозможат на опозицијата да дојде и да ја одигра својата улога”, изјави Гарет.
На конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово претходеше соопштение дека нема да учествуваат во работата на собраниската седница на која на дневен ред беше буџетот за 2018-та година, ниту на другите две закажани седници, на кои на дневен ред беше именување на новиот јавен обвинител Љупчо Јовевски, кој на местото на Марко Зврлевски доаѓа како предлог на Владата, како и за законите од правосудството.
Реформите во судството, администрацијата и безбедносните служби, се трите области кои еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија во февруари да може да очекува позитивна препорака за почнување на преговорите за членство во ЕУ.
Декември е крајниот рок до кој треба да се реализира планот од шест месеци, а до март треба да се имплементираат реформите до крај.