Отсуство на државност и стратешко размислување за приоритетите на земјава. Вака домашните аналитичари ја оценуваат закочената работа на македонското собрание во кое повеќе од две недели не се одржуваат седници. Копчето пауза се активираше кога пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35 илјади амандмани за Законот за употреба на јазиците. Но, токму пратениците треба да знаат дека овој закон не е приоритетен во однос на системските законски решенија кои се опфатени со владиниот план 3-6-9 и на кои треба да се работи, вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
„Ваквото однесување на пратениците ќе предизвика да продолжи да се намалува довербата на институцијата парламент, носењето на закони по скратена постапка носи неквалитетни закони, коишто ќе треба повторно да се носат, да се трошат време, пари, ресурси, а притоа трпи државата, трпат процесите, фирмите, граѓанското општество. Сето ова води кон една правна несигурност и непредвидливост на процесите во општеството“, изјави Трошановски.
Ова сценарио на блокада на собранието не е непознато. Трошановски вели дека ваквата епизода на дејствување на секоја опозиција нема никому да му донесе нешто добро.
„Во минатото секоја опозиција имаше ваква епизода, но на крајот на краиштата тоа никому не му донесе добро, ниту пак во иднина ќе донесе. Бидејќи ако некој треба како опозиција да ги артикулира потфрлањата на оваа влада, едно од главните места за тоа да го направи е парламентот“, заклучува Трошановски.
Професорот Алајдин Демири, пак, е уверен дека блокадата на собранието и неговата неефикасност е смислено сценарио на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна тој забележува збунетост и несигурност кај владејачкото мнозинство, за кое вели дека треба да дејствува посигурно и решително.
„Како тоа ќе се рефлектира? Апсолутно негативно. Работите на парламентот се програмирани и планирани и ако тие не се извршуваат навреме ќе има последици. Последици во однос на законот за јазици, понатаму нерасчистени односи и калкулации во владината коалиција, што води кон заклучокот дека стабилноста која оваа коалиција ја изразуваат како јака и цврста, всушност е лажна. Бидејќи таквата позиција на коалицијата, најдобро се покажува во парламентот, во начинот на којшто тој функционира“, вели Демири.
Имајќи ги предвид пораките од европските официјални претставници кои укажуваат на тоа дека враќањето на безусловната препорака за Македонија е извесна, реализацијата на владиниот план 3-6-9 најверојатно ќе ни се прогледа низ прсти, заклучуваат аналитичарите.
Инаку неделава седница нема да се одржи поради посетата на дел од пратениците и спикерот Талат Џафери во Велика Британија. Засега нема детали за агендата на законите кои треба да бидат разгледани од работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, формирани за постигнување национален консензус за реформските закони.