Достапни линкови

Џафери ќе чека ВМРО-ДПМНЕ да се премисли за Законот за јазици


Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба со новинари во Собранието
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба со новинари во Собранието

Не се знае кога Собранието ќе расправа за амандманите за Законот за јазиците во трето читање, поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, брифираше денеска претседателот на Парламентот, Талат Џафери, наведувајќи дека од 35.569 амандмани досега на албански јазик преведени се само околу 17 илјади.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе чека ВМРО-ДПМНЕ да се премисли за поднесените амандмани за Законот за употреба на јазиците. На денешниот брифинг со новинарите во Собранието тој не прецизираше до кога и дава рок на опозицијата и кога законот би се нашол на дневен ред. Но, истакна дека е во секојдневна комуникација со сите пратенички групи. Точката беше ставена на вчерашниот дневен ред, но не се расправаше по неа, бидејќи не беа исполнети техничките услови. Од поднесените над 35 илјади амандмани, речиси половина од нив веќе се преведени.

Ако имаат сенс за процесите и за државата ќе се премислат, политички. Јас имам време колку што сакам да чекам“, рече Џафери.

Образложението на секој амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ за законот, како што брифираше Џафери, е дека тој е неуставен. Со оглед на тоа, според него, бидејќи се работи за веќе донесен закон, уставноста ја преиспитува Уставниот суд, а не Собранието.

Амандманите, како што рече, е повеќе од јасно дека се поднесени врз основа на политичка одлука. Тоа го покажува и фактот што за членот 9 од законот има поднесено 222 амандмани, а самиот член има помалку од 200 зборови.

Законот, потсетува Џафери, беше донесен со 69 гласа, а ако опозицијата е реална во тврдењата дека се заинтересирани за реална парламентарна атмосфера тогаш треба да рефлектира по прашањето. Тој порача дека ако се реши може во Собранието да се разгледува амандман по амандман, но неговата цел е да и укаже на опозицијата дека тоа што го прави оди на нивна штета и на државата и тие не смеат да го вовлечат Собранието во тие води.

„Ако мислат дека Собранието шест месеци треба да работи на таа точка и ништо друго да не работи, нека кажат дека така сакаат. Нека кажат да, наша цел и политичка одлука е Собранието на оваа точка да работи шест месеци. Јас сум подготвен шест месеци непрекинато да седам во Собрание и да си работам“, порача Џафери.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денеска брифираше дека согласно Деловникот за работа на Собранието не може да се избегне разгледување на поднесените амандмани за Законот за јазиците, во трето читање.

Мојот апел до претседателот на Собранието Талат Џафери е да размислува во правец дека токму тој ја има улогата да обезбеди функционирање на Собранието и низ демократски и правно издржана процедура да бидат акцептирани ставовите на различни сегменти од македонското општествено и политичко милје, рече Димовски.

Според него, амандманите биле поднесени врз основа на укажувањата на претседателот Ѓорѓе Иванов и не одговори дали постои простор за политички договор. На прашањето што ќе преземе Џафери доколку ВМРО-ДПМНЕ не се премисли, тој истакна дека одлука ќе донесе понатаму согласно неговите надлежности.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG