Достапни линкови

Законот за јазици заглавен во илјадниците амандмани на опозицијата


Во Собранието на дневен ред е законот за јазици. Според експертите на Собранието ќе му бидат потребни месеци за да ги разгледа 30 те илјади амандмани поднесени од ВМРО ДПМНЕ.

Во Парламентот е доставен пакет од над триесет илјади амандмани за Законот за јазици, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик и кој е централна тема на денешната седница на Парламентот.

Илјадниците амадмани на предложениот закон за опозицијата и денеска се аргумент во прилог на претходните тврдење дека законот не е добар и е неуставен на што пратениците од парламентарното мнозинство порачаа дека во прашање се интервенции со цел да се предизвика нова политичка блокада и да се закочат реформите.

До третото читање на законот во Парламентот доаѓа откако претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за законот и испрати забелешки до Собранието.

Експертите велат дека за да се разгледаат сите поднесени амандмани на Парламентот ќе му бидат потребни месеци.

Професор Никола Дујовски вели дека поднесените амандмани се во рамки на напорите на ВМРО ДПМНЕ да го блокира носењето на законот, а не за да ја подобри содржината на законот

Тој истакна дека излезот го гледа во координација меѓу пратеничките групи и дополни дека ако ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ останат на ставовите тогаш и формално ќе се блокира законот, но и Собранието.

„Ако ги стават на дневен ред илјадниците амандмани тоа ќе значи блокирање на Собранието или блокирање на носење на законот доколку тоа го остават за некои подобри времиња, бидејќи рокови нема. Затоа јас првиот чекор што треба да се направи го гледам во координација помеѓу пратеничките групи и да се види каде може да се оди, зашто и Уставот налага дека амандманите може да бидат само во врска со забелешките на претседателот и да се изнајде начин како овој број кој де факто има за цел да се блокира Собранието може што поедноставно да се надмине“, вели професор Никола Дујовски.

Правото на опозицијата да поднесува амандмани за Законот за јазици треба да се почитува, но истовремено и обврската дека преку тоа право се блокира работата на Собранието, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека е загрижен што ќе се случи со реформите доколку се блокира Собранието и како ќе се донесат законите кои се важни за Планот 3-6-9 од реформскиот процес.

Од ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека со овој закон се деградира македонскиот јазик.

Вицепремиерот Бујар Османи денеска изјави дека законот за употреба на јазиците ќе биде донесен и покрај непотпишувањето од страна на претседателот Ѓорге Иванов и обидот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесените амандмани да го блокира. Нивното противење е потврда за немање чувство на одговорност и на сензитивност во однос на овие прашања, рече Османи.

Тој на средба со новинарите одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Законот за јазици произлегува од амандманот 5 од Уставот на РМ и од Рамковниот договор, и оти со негово донесување ќе биде заокружена имплементацијата на политичкиот договор кој е донесен пред 17 години.

Од СДСМ, пак, по објавувањето на бројката на поднесените амандмани реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да ги напушти политиките на деструкција и на блокади, што предизвикуваат политички тензии, поделби и раздор во општеството.

„ВМРО-ДПМНЕ досега имаше можност да учествува во процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците, но наместо тоа опозициската партија по сопствен избор одбра да не учествува во реформскиот процес“, наведоа од СДСМ.

Партиите од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ, како и Беса не поднесоа амандмани за законот.

За архивирање, обработување и ставање во електронскиот системот на Парламентот на амандманите на ВМРО- ДПМНЕ викендот беа ангажирани околу 120 вработени во собраниските служби.

Според Деловникот, поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Предлагачот ќе има три минути да ги образложи и амандманот ќе може да се гласа. За да биде донесен потребно е 61 глас. Координаторите на пратеничките групи имаат право и на процедурална забелешка од три минути. Доколку се слични амандманите можат да се групираат, објаснуваат од собраниските служби, но тие ќе мора да се гласаат поединечно.

Во изминатиот период дел од домашната експертската јавност изнесе критики за бројни аномалии во законот и неправно регулирани одредби, а тоа според нив остава простор за забуна кај граѓаните и примена на решението според политичката волја. Забелешки имаа дури и странските амбасадори кои оценија дека има простор за подобрување на решението.

Законот за употреба на јазиците беше донесен на 11 јануари од парламентарното мнозинство во отсуство на опозицијата. Претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово прогласување и го врати назад во Собранието со забелешки на текстот на законот. Тој оцени дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност и оти во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Досега во историјата на Парламентот не се случило некоја партија да има поднесено толкав број амандмани.

Паралелно со очекувањето да почне расправата во Собранието за Законот за јазици, пред зградата на законодавниот дом протести одржуваат претставници на граѓански здруженија. Како што соопштија протестот е против антиуставниот, дискриминаторски и сепаратистички закон за двојазичност и промената на името.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG