Достапни линкови

Фрчкоски – Нема да има национален консензус, власта да ја понесе одговорноста за името


Фрчкоски – Нема да има консензус за името, власта треба да ја понесе одговорноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:23 0:00

Фрчкоски – Нема да има консензус за името, власта треба да ја понесе одговорноста

Нема да се создаде национален консензус за спорот за името. За решението ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа секогаш и во секое општество било така, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Фрчкоски, македонската и грчката страна најавија отстапки за спорот за името. Преговорите се интензивирани, оптимизмот е зголемен, може ли да очекуваме решавање на спорот во рок од неколку месеци?

Лаконски би било дека може, секако. Очигледно е дека работите се тргнати. Средбата на премиерите од четири саати зборува и симбoлично и реално дека расчистиле некои детали и мислам дека проблемот може да се затвори во најбрза иднина, овој проблем од 18-20 години.

Владата очекува широк национален консензус за спорот за името. Има ли политичка волја од сите засегнати страни тоа да се постигне?

Нема да се создаде таков консензус. Политичката желба околу консензусот е разбирлива, таа секој политичар ја посакува за вакви прашања и се обидува да ја промовира. Решението ќе биде одржливо, такво да не задира во националното достоинство и идентитет и за тоа ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа така секогаш било, во секое општество донесено за вака клучни прашања. И во таа смисла ќе биде апсорбирано, јас мислам дека по месец-два тоа прашање ќе престане да биде тема воопшто. Ако е вака како што знаеме отприлика, очекуваме дека решението ќе биде околу идентитетот, јазикот и името. И во таа смислам мислам дека ќе биде прескочена, не знам како, не ми е јасно во овој момент, не можам да го досогледам тоа, и фазата со референдумот околу тоа. Мислам дека ќе бидат донесени решенија, тие потпишани во Собрание, ние примени во НАТО во една брза постапка и тоа ќе создаде една сосема нова клима која потоа дури и да се оди на референдум ќе ја обуслови одлуката на референдум со позитивните импакти и со одржливоста на решението.

Во тој случај сметате дека граѓаните би се изјасниле за промена на името на референдум?

Па, јас мислам да.

Законот за јазиците се враќа во Собранието заедно со опозицијата. Ако законот е според Уставот, како што напишавте, тогаш зошто неговото донесување предизвика негативни реакции во јавноста?

Предизвика, затоа што националистичките омрази не се мртви во Македонија. Тие можеби малку се повлечени и хендикепирани од овој катастрофален период од десет години на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа во основа голем дел од луѓето и понатака мразат и посебно ги мразат комшиите и нивните културни карактеристики. Дури до тој степен што знаат да ги жртвуваат нивните стручни дипломи и профили на олтарот на предрасудите кон другите и да се компромитираат во основа. Она што јас го нарекувам експертска стручна нечесност во јавноста, да се расправа за омраза, а не да се расправа за правните консидерации на законот. Тој во таа смисла е хоризонтално проширување на потенцијалот што Охридскиот договор го дава во оваа област. Не е во судир со Уставот, значи уставен е и во друга смисла и извира од ставот 5 од член 7 од Уставот. Во сите решенија тој не го изедначува македонскиот и албанскиот јазик, во овој случај албанскиот или оној што го зборуваат најмалку 20 проценти немнозински заедници, бидејќи вториот службен јазик е на некој начин условно поставен, тој треба во законот да има услови како се активира реално, иако постои можност на цела територија и во сите државни органи, таа суштествена разлика го прави различен од статусот на македонскиот јазик како официјален апсолутно до крај без услови и тоа е сосема во рамките на член 7 на Уставот и во таа смисла мислам дека е Уставен. Тажно е што се испушти таа можност расправата во законот да оди прво преку стручна основа, а потоа и преку една помирувачка основа, бидејќи не може, тргнете од претпоставка која е срамна за македонскиот дел од културниот сегмент во Македонија или во Македонија генерално, да тргнете дека хоризонталното проширување на употреба на друг јазик го загрозува вашиот, без каков било аргумент дека вистински го намалува опсегот на употреба на македонскиот јазик. Тоа е психолошка претпоставка на жртва, која смета дека е загрозена од чие било постоење наоколу, тоа е гест кој Македонците и културната сфера во Македонија треба да го напушти кон една еманципаторска перспектива за Македонија и Македонците.

Како да се премости тоа?

Прво со тоа што законот ќе помине. Не можете под тие заблуди да потклекнете. За жал, тука е и онаа гротескна фигура на претседателот, кој сега е главен пилар на отпорот кон законот. Мислам дека тоа ќе се совлада. Ние присуствуваме, ако се сетите, и сме сведоци на серија од вакви историски драматики – дека после Охридскиот договор ќе се распадне Македонија, тоа ќе биде етнизација, тоа ќе биде предложена федерализација, итн, итн, ништо не се случи. Тие срамни гласови исчезнаа, не се соочија со својот срам и нечесност на тие критики и сега истите тие гласови, практично истите, се повторно на сцена околу јазикот. Јас немам сомнение дека ќе ги дочека истата судбина, ќе се срамат и ќе исчезнат во оној мрак на бесчестие после откако ништо драматично со македонскиот јазик и неговата официјалност нема да се случи, после усвојување на овој закон.

Целото интервју со професор Љубомир Фрчкоски може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG