До пред три години, односно до почетокот на објавувањето на прислушуваните материјали од тогашната опозиција СДСМ, реакциите на официјална Москва за случувањата во Македонија се броеја речиси на една рака. По нив, а особено по почетокот на разговорите во Пржино кои се водеа под силно посредништво на Вашингтон и Брисел, почнаа да стигаат и чести реакции од Кремљ.
Тие не изостануваат ни сега, по формирањето и работата на новата влада, која се декларира како прозападна, ги забрза преговорите со Грција за името и, како што велат, сакаат да ја внесат Македонија во НАТО и ЕУ што поскоро.
Руското Mинистерство за надворешни работи два пати се огласи само месецов, еднаш за законот за јазиците и еднаш за преговорите за името и за НАТО.
Упатените сметаат дека со интензивирањето на преговорите поврзани со спорот за разликите за името со Грција и со евентуалното влегување на Македонија во НАТО ќе растат и реакциите и обидите за влијание од Москва.
Москва е веќе вмешана
Сања Васиќ, новинарка која долги години ја следи македонската надворешна политика, спорот за разликите за името и интеграцијата на Македонија во евроатланските структури, вели дека официјална Москва веќе е вмешана во политичкиот живот во земјава, потсетувајќи на зачестените соопштенија и изјави што стигаат од таму.
„Русија не крие дека е против зачленување и ширење на НАТО и со оглед на тоа што се случуваше пред приемот на Црна Гора во Алијансата произлегува дека треба да се очекува и некакво руско вмешување, се разбира не директно“, вели Васиќ.
Според извршната директорка на Европскиот фонд за Балканот, Хедвиг Морваи, руското влијание порано во регионов било пред сè на некој начин попречување на процесот на интегрирање на земјите од регионов во евроатланските структури.
„Сега пак имаат еден посериозен пристап можеби и да се стопира суштински приближувањето на овој регион кон Европската унија. Мислам дека во овој момент Русија јасно дава до знаење, за разлика од минатото кога јасно изјавуваа дека поддржуваат евроатлантска интеграции на земјите од Западен Балкан, сега нема такви афирмативни изјави, туку сè повеќе нивното влијание и мека моќ се шири и чувствува преку руските медиуми и пораки и преку соработка со цивилниот сектор, со што се создава ново руско присуство во регионот што претходно не постоело“, вели Морваи.
Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, за проблемот со името рече дека преговорите мошне долго време биле во полузаспана состојба и се интензивирале дури тогаш кога Соединетите Американски Држави решиле дека Македонија мора да биде дел од НАТО.
„Но, суштината на тоа што се случува се надевам дека сите ја разбираат. Сега воопшто не станува збор за водење сметка за некои заеднички и специфични особини на два блиски народа, туку за тоа дека една од тие земји мора да ја направат членка на НАТО“, рече Лавров.
Руското МНР реагираше и за изјавата на албанскиот премиер Еди Рама кој рече дека Социјалистичката партија на Албанија, на чие чело е тој, дала решавачки придонес за донесувањето на законот за употреба на јазиците од страна на Собранието. Според Москва, ваквата реторика на Рама ја потврдува намерата и понатаму да ја турка „тиранската платформа“ создадена, како што пишуваат, со неговото лично учество.
„Реализацијата на одредбите на овој документ се заканува со поткопување на уставните темели на македонската државност, на Охридскиот рамковен договор и како последица – со нови меѓуетнички потреси на Балканот. Сето тоа е дел од големоалбанските амбиции кои се повеќе се шират и го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на низа држави во регионот. Давајќи му големо значење на прашањето за употреба на јазиците, сметаме дека од принципиелна важност е таквите решенија да се донесуваат врз основа на согласност од сите гранки на државна власт и со широк консензус во општеството“, наведе руското МНР.
Русија прави сè да ја спречи евроатланската интеграција на регионот
Професорот на Универзитетот во Грац и директор на Центарот за Југоисточно-европски студии, Флоријан Бибер, во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа оцени дека Русија прави сè што може за да ја спречи евроатлантската интеграција на регионот и да ги забави реформите на локалните влади. Но, истовремено, тој нагласува дека тоа се случува затоа што дел од Владите дозволуваат тоа да им се прави.
„Владите во регионот понекогаш го искористуваат руското влијание како оправдување, или како можност да ги намалат очекувањата од нив. Русија не е до тој степен посветена на овој регион, но најчесто ја користи слабоста на ЕУ и на НАТО, така што главен факт е дека ЕУ и НАТО станаа значително послаби со влијание во регионот, од аспект на ангажманите, и всушност Русија ги пополнува тие празнини“, вели професор Бибер.
Засега ставовите на руската држава особено во однос на НАТО и решавањето на проблемот за името со Грција како услов за влегување во Алијансата, не наидуваат на поддршка од поголемите партии.
Министри и државни функционери од претходно предупредуваа за обидите на Русија за влијание во земјава. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за американската агенција Блумберг летово рече дека и пред изборот на новата влада имаше информации за обидите на Русија да постигне влијание во клучните политички области и во областа на безбедноста. Загрижени сме од овој факт.
„Веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да стави крај на овие обиди“, вели Шеќеринска.
Во извештајот на Горниот дом на Британскиот парламент насловен како „Обединетото Кралство и иднината на Западен Балкан“, кој беше објавен во почетоков на месецов, се цитираат изјави од вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Османи, како што пишува во извештајот, рекол дека Русија нема позитивна стратегиска визија за регионот и бара латентна нестабилност за да се осигура дека земјите нема да се придружат кон НАТО. За Османи, се наведува во британскиот документ, прашањето за членството во НАТО е егзистенцијално и ако тоа не се случи може да дојде до поголема пенетрација на руското влијание и разузнавачки служби во Македонија. Димитров, пак, сугерира дека чувството во земјата е дека се заклучени во чекалницата за прием и дека тоа ги отежнува владините напори за реформите потребни за зачленување во ЕУ и добивање јавна поддршка за нив.
И новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на преговорите за името и евроатланската интеграција на Македонија. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за грчката телевизија Антена рече дека препознава позитивна атмосфера и ги охрабрува двете страни конечно да најдат достоинствено и соодветно решение, кое ќе биде адекватно за националниот интерес на двете земји, а потоа Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, што е како што нагласи нивна цел.
Единствена партија која засега застана отворено против членството на земјава во евроатланските структури е партијата Единствена Македонија чиј претседател е Јанко Бачев. Тие всушност до неодамна се викаа Народно движење на Македонија, а од кога се именуваа слично како и партијата на Владимир Путин - Единствена Русија, поднесоа иницијатива до македонското собрание за повлекување на одлуката за стапување во членство во НАТО.
„Тоа е геноцидна организација која сака да нема Македонија и Македонци. Македонија иднината треба да ја гледа во стратешкото партнерство во Евроазиската Унија, односно Русија”, рече Бачев.
Руско влијание и во Грција
И во Грција постојат сомневања за обиди за руско вмешување во процесите. Периодов турбуленција во македонската јавност предизвика насловот на интервјуто на грчкиот премиер Алексис Ципрас „Македонска нација никогаш не постоела“ со кое Етнос го најави разговорот објавен во целост наредниот ден. Подоцна стигна целосниот одговор во кој се наведува дека „Македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците.
Етнос, дневниот весник Имерсија, солунскиот фудбалски клуб ПАОК, дел од солунското пристаниште се неколку од крупните инвестиции во Грција на грчко-рускиот бизнисмен Иван Игњатевич Савидис.
Спорната најава на Етнос не може директно да се поврзе со руско вмешување но мора да се биде претпазлив имајќи ја предвид голема слика, вели Васиќ.
„Меѓутоа е факт дека таа една најава направена очигледно од многу умешни спин доктори и медиуми и пропаганда навистина беше на раб во ваков чувствителен период да предизвика проблеми“, вели Васиќ.
Но, ако Савидис станува интересен за овдешната јавност периодов, во Грција и во странските медиуми е интересен одамна пред сè поради неговата политичка влијателност и блискост со рускиот претседател Владимир Путин.
Медиумскиот бизнис всушност е и поновиот сектор во кој влегува Савидис. Тој од претходно е сопственик и на солунскиот фудбалски клуб ПАОК. Клубот во пресрет на протестите против употребата на терминот Македонија кои се одржаа во неделата во Солун соопшти „дека Македонија е нивниот дом и историја и е историски една и грчка. Од клубот наведоа и дека ПАОК го обединува својот глас со „милионите граѓани што го делат истото мислење“.
Богатиот Грк, роден во Грузија во 1959 година, кога таа била дел од Советскиот Сојуз, всушност е политичар од партијата на Путин, Единствена Русија. Во опозициската грчка јавност тој се посочува и како линкот што наводно го поврзувал премиерот Ципрас со рускиот претседател. Путин беше во Грција пролетта 2016 година кога ја посети и Света Гора. Во Атина се сретна со Ципрас, а на Света Гора замина со претседателот Прокопис Павлопулос. Со нив тогаш беше и Савидис. Лани во мај, како што објавуваат грчките медиуми Савидис го фалеше грчкиот премиер Ципрас и го поистовети со рускиот претседател Владимир Путин.
„Слушајќи го говорот на Ципрас ме потсети на силен лидер каков што е рускиот претседател“, рече Савидис во интервју за грчкиот весник Прототема.
Ова интервју следуваше по несогласувањата меѓу власта на СИРИЗА и опозицијата поврзана со законот кој го протурка владиното мнозинство, со кој, меѓу другото, му се прости долгот на Савин кон државата во износ од 28 милиони евра. Опозицијата ја обвини тогаш власта дека законот е напишан земајќи ги предвид интересите на Савидис.
Тој пак ја обвини опозициската Нова Демократија и нејзиниот лидер Кирјакос Мицокатис велејќи дека никогаш нема да биде премиер и дека неговите ставови ги протеруваат странските инвеститори од Грција. Сепак, бизнисменот нагласи дека со поранешниот претседател на Нова демократија Костас Караманлис имал прекрасно пријателство, го почитувал и го сакал. Политичката кариера Савидис ја почнува во 1998 година кога првпат е избран за пратеник во локалното собрание во регионот Ростов, а потоа повторно е избран во 2003 година. Во 2007 година е избран за пратеник во Думата како дел од партијата на Путин, Единствена Русија. Таа функција ја извршува до 2011 година, а од 2012 е член на претседателскиот совет за меѓународни односи.
САД загрижени и за руското мешање во Европа
Новиот извештај на демократите во американскиот Сенат предупредува на продлабочување на мешањето на Русија низ цела Европа. Во него се заклучува дека дури и кога некои западни демократии реагирале со агресивни контрамерки, претседателот Доналд Трамп не понудил стратешки план за поддршка на нивните напори или за американската заштита тие повторно да не станат жртви на мешањето на Кремљ.
Гоце Атанасов
Извештајот порачан од лидерот на Демократите во Комитет за надворешни односи на Сенатот, Бен Кардин, е прв во Конгресот кој детално ги прикажува руските напори за поткопување на демократиите по американските претседателски избори во 2016 година.
„Асиметричниот напад на Путин врз демократијата во Русија и во Европа - Импликации за националната безбедност на САД“. Ова е извештајот што го објавуваме денес. Има околу 200 страници“, рече тој.
Чад Деј, истражувачки новинар во Асошитед прес во врска со овој извештај вели:
„Она што го научивме денес е дека мешањето на Русите што се случи на изборите во 2016 година всушност е дел од поголема глобална стратегија на рускиот претседател Владимир Путин за поткопување на демократските институции низ целиот свет“, вели тој.
Деј додава дека иако претседателот на републиканците во Комитетот, сенаторот Боб Коркер, не го потпишал, овој извештај бил направен со поддршка на републиканците.
„Овој извештај оди во детали за тоа како Русија може да користи дезинформации, сајбер хакирање и други средства за влијание низ светот за да се обиде да ги дестабилизира другите влади, особено во Европа, а не само во САД, како што направија на изборите во 2016 година“, вели тој.
Во извештајот се посочуваат и санкции врз руската влада за да се спречи во нејзините обиди да презема дестабилизирачки активности низ целиот свет.
„Овој извештај служи како предупредување, велејќи дека знаете оти она што го видовме во 2016 година не е изолиран инцидент. (Тоа е дел од долгогодишната глобална стратегија и оти знаете дека треба да гледаме напред и да видиме што треба да се прави поинаку во 2018 година за да се заштитат нашите избори против надворешно влијание и странско мешање“).
Во извештајот се наведува дека лично Трамп е виновен за она што се оценува како неуспех во одговорот на руските активностите за дестабилизација на Соединетите Држави и светот. Сенаторот Бен Кардин вели:
„Никогаш порано, американскиот претседател толку јасно не ја игнорираше таквата сериозна закана и растечка закана за американската национална безбедност“, вели тој.
Извештајот, како што се наведува, за прв пат се осврнува врз она што се случува на глобално ниво. Сепак, дел од критичарите очекуваа да видат подетални наоди за тоа дали имало никаков дослух или координација меѓу руските актери и кампањата Трамп.