Западниот Балкан е во интерес на САД и нормално и очекувано е тие да изготвуваат анализи за безбедносната соработка, особено поради зголеменото руско влијание во регионот, посочуваат упатените. Американскиот конгрес му наложи на шефот на Пентагон, Џејмс Матис и во согласност со државниот секретар Рекс Тилерсон да се изготви анализа за безбедносната соработка меѓу секоја од земјите од Западен Балкан со Русија од 2012 година до сега.
Од Министерството за одбрана велат дека Пентагон досега не побарал некакви информации од нив во врска со анализата.
Во документот е наведено дека се бара листа на руско оружје, воена опрема и технологија во вредност поголема од милион долари, купени или добиени во секоја од земјите на Западен Балкан, опис на учеството на безбедносните сили на земјите од Западен Балкан во воени вежби со Русија, како и оценка на нивни договори за воена и разузнавачка соработка. Се бара и оценка на тоа како соработката на секоја земја од Западен Балкан и Русија влијае врз безбедносните интереси на САД и на НАТО, како и поединечно на земјите од Западен Балкан и нивните соседи во регионот.
„Балканот е во интерес на САД. Влијанието на Руската Федерација е се поголемо особено врз Република Србија и согласно со тоа се прават ваквите анализи“, вели Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност.
Македонија, според него, со стратешкиот договор со САД и со своето однесување покажува дека сака соработка. Тој оценува дека анализите кои ќе ги направат САД нема да имаат негативни импликации и само ќе се продлабочуваат односите меѓу двете земји.
„Особено затоа што во таа анализа кои тие ќе ја направат Република Македонија нема да биде апострофирана со некои негативни настојувања на државата во воспоставување на некои дополнителни меѓусебни односи со Руската Федерација и од друга страна запоставување на оној стратешки договор што го имаме со САД. Значи да заклучам очекувам односите меѓу Македонија и САД и натаму поволно ќе се развиваат за Македонија и од тој аспект не треба ние да стравуваме од оваа анализа“, смета Марковски.
Во исто време се бара анализа и на безбедносната соработка на САД со Западен Балкан. Според податоците на Агенцијата за одбрана безбедност и соработка на САД земјата од 2012 до 2017 година за договори за воена соработка издвоила околу 14 ипол милиони долари, за финансирање на други активности како обуки и осовременување на одбраната околу 18 милиони долари, на тренинг на воени лица речиси 5 милиони.