Достапни линкови

САД се враќаат на Балканот за да ги забрзаат интеграциите


Западен Балкан преку САД до ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:52 0:00

Западен Балкан преку САД до ЕУ

Македонија повторно е во фокусот на САД, иако во изминатите години ситуацијата на Балканот ја следеа од далеку. Но, за тоа е одговорна и земјава која заборави на својата прозападна агенда, велат упатените.

Од независноста на Македонија, Соединетите Американски Држави важат за пријател на земјата во нејзините аспирации за членство во ЕУ и НАТО. Но, во последните години САД како да подзаборавија на регионот. Тоа се наведува и во извештајот на Атланскиот совет, каде се посочува дека Западен Балкан досега требало да биде решен проблем и дека САД ја следеле ситуацијата главно од далеку. И покрај тоа што на моменти американските дипломати имале клучна улога, се истакнува дека регионот бил испуштен од политичката агенда на САД.

Македонија се враќа во фокусот на САД

По политичката криза во земјава и промената на власта се забележува поактивен интерес од САД и Македонија повторно е во нивниот фокус, велат упатените. Поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека факт е оти САД се ориентираа кон други стратешки точки кои за нив беа поважни, а на ЕУ и го препуштија Западен Балкан.

„Мислам дека сега ситуацијата е поинаква и јас имам впечаток дека САД се враќаат на Балканот“, смета Зашов.

Според професор Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово во последниот период САД го почувствувале огромното влијание кое Русија може да го има на Балканот.

„Мислам дека тоа беше пресвртна точка кога тие одлучија да имаат една поактивна улога. Генерално во однос на демократизација на државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Преку процесот демократизација на овие држави, како и преку процесот на решавање на билатералните спорови коишто постојат меѓу државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија и Грција во билатералниот спор. Значи преку тие спорови САД сакаат да имаат поголемо влијание на Балканот со што би спречиле понатамошно присуство на Русија во регионот“, вели Кадриу.

Дека САД се враќаат во игра говорат и серијата на средби во изминатиот период и изјавите од американските функционери. Американскиот потпретседател Мајк Пенс на состанокот на земјите од Јадранската повелба во Црна Гора и по средбата со премиерот Зоран Заев изјавил дека Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази поддршка на политиките на Владата и нејзините заложби за членство во НАТО.

„Ставот на претседателот на САД Доналд Трамп е дека САД стои зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО”, истакнал потпретседателот Пенс.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон пред неколку дена се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тилерсон, како што соопшти Министерството за надворешни работи истакнал дека Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот. Тој нагласил дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бараат начини како да помогнат. Тилерсон дал поддршка и на реформската агенда повикувајќи ја Владата на РМ да истрае во нејзиното спроведување.

Тоа го потврди и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, кој порача дека средбата бил знак за засилување на врските и посветеноста која ја има САД кон своите пријатели и сојузници во Европа.

„Како што знаете САД се силен поддржувач на аспирациите на Македонија да биде просперитетна, безбедна и инклузивна демократија, целосно вградена во ЕУ и во НАТО и другите трансатлански институции. Дел од тоа, многу важен дел е и силното безбедносно партнерство кое го уживаат нашите две нации“, рече Бејли.

Во мај 2008 година Македонија и САД потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство. Во договорот е наведено дека САД ја гарантираат безбедноста на Македонија и оти двете земји за залагаат за зацврстување на своите стратешки односи, преку интензивирање на соработките во областите на безбедност, врски меѓу граѓаните и во трговијата.

Подзаборавената прозападната агенда

Но, не само САД, туку и Македонија заборавила на својата прозападна агенда. Поранешниот премиер Никола Груевски, како што се посочува во извештајот на Атлантскиот совет, десет години бил „човек“ на Западот. Но, тој, се наведува никогаш не успеал целосно да го испорача бараното и покрај тоа што покажувал знаци на автократ Западот гледал на друга страна. Според Зашов, секако дека одговорноста за намалениот интерес на САД ја сноси и Македонија.

Поранешната власт беше затворена сама во себе, вперувајќи го прстот во сите други држави и не сакаше да ги решава проблемите, туку да ги држи затворени со цел да се покаже како жртва на некакви конспирации, смета Кадриу.

Зашов додава дека за воспоставување на добри односи потребен е ангажман од двете страни и желба за да се работи на нивниот развој.

Во извештајот на Атлантскиот совет пишува и дека пробивот на реформистите во Македонија кои се фокусирани на Европа претставува можност за САД да и помогнат на земјата. Во него се поставува прашањето дали може ли да се очекува дека партнерството со двете земји ќе биде засилено? Министерот Димитров на средбата со Тилеросон го побара помош од САД и ја потенцира посветеноста на Македонија на партнерството со земјата.

„Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна, како би ја искористиле оваа можност што ни’ се укажува“, му посочил Димитров на Тилерсон.

САД бараат почитување на правото и справување со корупцијата

Факт е, посочува Кадриу, дека по воспоставувањето на новата власт, отворањето на прашањата со соседите и започнатите реформи, се остава добар впечаток кај странците дека на внатрешен план функционира правната држава, а на надворешен план добрососедските односи. Дефинитивно, според него, Македонија станува кредибилен партнер на САД.

Она што САД очекуваат од Македонија, според амбасадорот Бејли можело да се слушне во јасната порака која ја испратиле, а тоа е дека вредностите се важни.

„Почитување на владеење на правото и борбата против корупцијата се клучни и се важна задача за овој регион“, рече Бејли.

Бејли - Борбата против корупцијата бара одлучност
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Информирајќи за реформите во Македонија, Димитров на Тилерсон му нагласил дека властите сакаат да изградат силни и демократски институции и да го зацврстат владеењето на правото, за да ја направат земјата посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница. Зашов очекува да продолжи поддршката од САД за реформите во Македонија и земјата да има добра волја и подготвеност за нивно спроведување.

Од Атланскиот совет посочуваат дека САД треба да сторат сè што е во нивна моќ за да помогнат во решавањето на долготрајниот спор за името со Грција. Враќањето на довербата во централната власт и подобрувањето на меѓуетничките односи ќе ги надополни нивните напори, како што е наведено, за враќање на одржливоста на членството на Македонија во НАТО, поттикнувајќи го регионот кон стабилност. Кадриу очекува САД да извршат притисок врз Македонија и Грција, но и да ја почитуваат волјата на двете страни во решавање на спорот.

Придонес во борбата против тероризмот

Во однос на придонесот на Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, Димитров ја реафирмирал цврстата определба на Владата на постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно барањата на Алијансата. Во јули и август, годинава контингентот на Армијата на САД во Европа заедно со припадници на Армијата на Македонија на полигонот „Криволак" ја изведоа вежбата Драгон гардијан 17. На вежбата учествуваа 300 припадници на Вооружените сили на САД и 95 припадници од АРМ. Македонија учествува и во мисијата ИСАФ на НАТО во Авганистан. Вкупниот број на учесници во моментот е сто четириесет и два. Досега Република Македонија учествувала вкупно со седумстотини и деведесет учесници во ИСАФ.

САД преку ЕУ до Западен Балкан или обратно

Безбедноста е токму една од приоритети на САД кога станува збор за Западен Балкан. САД преку ЕУ до Западен Балкан... или пак Западен Балкан преку Соединетите Држави во Европската унија. Како и да е, официјален Вашингтон минатата недела се обиде да ги увери европските сојузници дека нивните врски остануваат силни и оти Соединетите Држави остануваат посветени на европската безбедност, особено во справувањето со заканите од Русија.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, осврнувајќи се врз трансатлантските односи пред неговата посета на Европа, изјави дека американските заложби за безбедноста на европските партнери остануваат цврсти, а со цел зачувување на традиционалните западни вредности. Тилерсон рече дека САД ќе бидат први што ќе одговорат на секој напад врз европски сојузник во рамките на клаузулата за заемна одбрана на НАТО. Неговите коментари, според оценките, имаат за цел да ја отфрлат распространетата нелагодност дека администрацијата на Трамп се повлекува од Алијансата, барајќи од европските членови да трошат повеќе на сопствените одбрани. Притоа тој најави дека Соединетите Држави ќе продолжат да соработуваат со партнерите во Европската унија за да донесат стабилност, просперитет и демократија на Балканот.

„На луѓето на балканските земји им велиме: Откажете се од вашите стари непријателства за да може мирот да биде траен. Имате шанса да насочите нов курс на историјата. Крвните врски не треба веќе да претставуваат борбени линии. Соединетите Држави и светот чезнеат да видат нова генерација Срби, Хрвати, Албанци, Босанци, Косовци и други кои ќе му простат на минатото, дури и ако никогаш не можат да го заборават“, рече Тилерсон.

Дека Западен Балкан останува високо на агендата на американскиот интерес беше потврдено и за време на дискусиите во Атлантскиот совет кој пак објави извештај под наслов „Балкан напред, нова американска стратегија за регионот“. Во него, меѓу другото, се предлага постојано американско воено присуство на Балканот и партнерски односи со балканските земји. Заменик помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји изјави:

„Соединетите Држави многу се инволвирани во Западен Балкан. Американската администрација стави јасно до знаење, не само со зборови, туку и со акција дека е посветена на регионот. Некои тоа ве прави среќни, некои помалку. Но, факт е дека сме инволвирани во Западен Балкан долго време и имаме намера да останеме. Не заради нашите алтруистички инстинкти туку, бидејќи е важно за нас Балканот да успее. Важно е за Европа, а со тоа и за САД Западен Балкан да се развива и да стане постабилно и попросперитетно место“, рече Хојт Ји.

Тој притоа потенцира дека Вашингтон има намера да биде добар партнер со земјите во регионот и со земјите на ЕУ без да се наметнува.

„Ќе помагаме само таму каде што не сакаат, каде што сме потребни“, рече тој, додавајќи дека Соединетите Држави немаат никаква намера да се наметнуваат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG