Затоплувањето на односите меѓу Македонија и Грција, позитивните сигнали од македонската влада, контактите со двете страни како и договорот со Бугарија се дел од причините поради кои е пораснат оптимизмот кај меѓународниот фактор за брзо решавање на спорот за името со Грција, велат аналитичарите. Ваков оптимизам доаѓа и по средбата на Никола Димитров со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во Вашингтон и по изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан.
Димитров во Вашингтон изјави дека Македонија без страв ќе влезе во преговорите кои следуваат за неколку дена.
„Клучот за одржливо решение на проблемот со разликите околу името, ќе биде адресирање на стравот од двете страни. Ние ќе мора да ја смениме равенката ,според која, на крајот на процесот ќе има победник и губитник. Мислам дека не може Грција да победи ако Македонија чуствува дека изгубила, не мислам дека Македонија може да победи ако Грција чувствува дека загубила во процесот. На крајот на овој процес, идеално е да добиеме две земји кои што се блиски сојузници,“ изјави Димитров.
Тој во своето обраќање на конференцијата на Атлантскиот совет на САД, насловена како „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“ додаде дека спорот за името не треба да биде пречка за интеграциите, и дека Македонија и Грција мора да станат подобри сојузници.
„Ние не може да станеме сојузници повредувајќи се меѓусебно, туку само со разговори. Мислам дека тоа ние го препознавме и дека имаме општествово кое е позрело сега. Плиткиот национализам може да те направи херој на денот, но на крајот го победува националниот интерес. Мислам дека е време за визионерски патриотизам, “ истакна Димитров.
Хан во интервју за австрискиот весник „Винер Цајтунг“, изјави дека очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ.
„Сега имаме прозорец на можности до средината на следната година кога почнува изборната кампања во Грција. Се повеќе се разбира потребата дека политичко решение мора да се најде“, вели Хан.
Директорот на центарот за стратегии Љупчо Петковски смета дека најавите кои се слушаат за преименување на аеродромот и автопатот се само дел од позитивните сигнали за добра волја кои може да ги омекнат позициите на другата страна во преговорите, со што се оправдува и оптимизмот кај Хан.
„Прва работа е што тој мора да биде оптимист по службена должност, а втората уште побитна е контекстот. Треба да погледнеме што се случуваше во изминативе месеци, сигналите кои се праќаат од двете страни, особено од нашата влада, и така би разбрале дека очигледно сите чувствуваат оти постои подготвеност за компромис од двете страни,“ вели Љупчо Петковски.
Петковски смета дека и грчката страна сака да го реши овој проблем пред изборите.
„Во последниве 15 години, никоја влада не испратила толку позитивни сигнали и подготвеност, а и општествово не покажало до сега толку голема подготвеност за да го стави на страна ова горко прашање, тоа е моето чуство“, додава Петковски.
Во последниот период, пак, позитивни очекувања за решавање на проблемот стигнаа и од политичарите од двете земји. Заев неодамна изрази надеж дека наскоро би можело да се најде решение, а грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, пак, изјави дека сака да го реши спорот со името на Македонија во првата половина на 2018 година. Поранешниот амбасадор Благој Зашов е скептичен дека за само 6 месеци од сега може да се постигне компромис за проблем кој опстојува повеќе од две децении.
„Моментов за решавање е сега, но сепак, мислам дека е преоптимистички оти ќе може во таков кус рок за шест месеци. Но, добро е што се работи зошто спор што постои 26 години не се решава така лесно“, вели Зашов.
Тој додава дека овој период е погоден за подготвување на дипломатскиот терен за подобрување на состојбата и изнаоѓање на компромисно решение. Последниот официјален предлог кој преговарачите го разгледуваа датира од 2013 година, што го отсликува и отсуството на атмосфера за решавање на спорот, велат аналитичарите.
Посредникот на ОН во разговорите за прашањето на името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц закажа средба со преставниците на двете земји во Брисел на 11 и 12 декември.