Достапни линкови

Разговорите за името презакажани, преговарач останува Наумовски


Архивска фотографија- посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц дава изјава за медиумите во Скопје, 03. 07.2017
Архивска фотографија- посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц дава изјава за медиумите во Скопје, 03. 07.2017

Средбата на претставниците на Македонија и на Грција со посредникот во спорот за името Метју Нимиц ќе се одржи на почетокот на декември, а не овој месец како што најави претходно премиерот Зоран Заев. Во меѓувреме, неколку најавени чекори од македонска страна упатените ги толкуваат како знак на добра волја и очекуваат таков гест од Грција.

Средбата на претставниците на Грција и на Македонија во преговорите за името со посредникот Метју Нимиц што требаше да биде одржана на 20 или 21 ноември во Њујорк е презакажана за декември, потврдија за Радио Слободна Европа дипломатски извори. Истите извори велат дека македонски преговарач останува амбасадорот на Македонија во Соединетите Американски Држави, Васко Наумовски.

Засега не се знаат причините за одложувањето на средбата која првично ја најави премиерот Зоран Заев. Тој деновиве рече дека на 20 или 21 ноември очекуваат да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји со Нимиц.

Во меѓувреме, во земјава се отворија две теми, кои иако официјално не се поврзуваат директно со преговорите за името, според дипломатите може да значат гест на добра волја од македонска страна.

Неделава министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дека елаборатите за три споменици од проектот Скопје 2014 - Андон Јанев Ќосето , Мајка Тереза и Воин на коњ на плоштад „Македонија" се при крај и ќе бидат предадени на разгледување во Владата. Медиумите пишуваа дека се можни две опции - дислокација или уривање. Речиси истовремено излезе и идејата за преименување на аеродромот Александар Велики во Киро Глигоров.

Тоа е она што Македонија може да го понуди како гест на добра волја од своја страна, коментира поранешниот амбасадор Благој Зашов. Тој инсистира дека до компромис не може да се дојде само на овој начин, туку дека е неопходно такви потези да повлече и официјална Атина. Грција може да направи отстапки во однос на нивните црвени линии, додава дипломатот.

„Нивното инсистирање да се промени нашето име и тоа да биде за севкупна употреба, тука може да се најде некоја солуција, некое решение за име кое нема да биде за севкупна меѓународна употреба. Може да направат отстапки и во однос на последиците од промената на името што се поврзуваат со идентитетот, јазикот, националноста итн.“, вели Зашов.

Во меѓувреме, грчките медиуми пишуваат дека на средбите со претставниците на двете земји во Њујорк, посредникот Нимиц ќе излезел со конкретен предлог за решавање на спорот за името. Неколку медиуми пишуваат дека „Атина очекува промената на името на Аеродромот во Скопје и отстранување на спомениците поставени во времето на Никола Груевски“.

Во последниот период, пак, позитивни очекувања за решавање на проблемот и тоа во релативно краток рок стигнуваат и од политичарите од двете земји. Заев изрази надеж дека наскоро би можело да се најде решение, а грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас неодамна изјави дека сака да го реши спорот со името на Македонија во првата половина на 2018 година.

„Моментов за решавање е сега, но сепак, мислам дека е преоптимистички дека ќе може во таков кус рок за шест месеци. Но добро е што се работи зошто спор што постои 26 години не се решава така лесно“, вели Зашов.

Инаку, Македонија досега имаше четворица преговарачи, Иван Тошевски, Никола Димитров, Зоран Јолевски и Васко Наумовски. Грчкиот преговарач Адамантиос Василакис е на таа позиција од 2007 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG