Достапни линкови

Македонија е за соработка со Русија, но нема алтернатива за ЕУ и НАТО


Премиерот Зоран Заев вели дека тој и владата остануваат на ставот дека стратегиската цел на Македонија се ЕУ и НАТО, но дека сакаат унапредување на односите со Русија. Овој коментар следува откако официјална Москва вчера сериозно реагираше на изјавите на македонскиот премиер.

Останувам на ставот на владата и на мојот личен став дека сакаме унапредување на односите со Русија, но и дека нашата стратегиска цел е зачленување во Европската унија и во НАТО, одговори премиерот Зоран Заев на прашањето на Радио Слободна Европа поврзано се сериозните забелешки кои во последниве 24 часа се разменија на релација Скопје-Москва.

„Генерално, коментарите што ги дадов во интервјуто беа врз основа на реакцијата на Русија кога Црна Гора се зачленуваше во НАТО и случувањата во тој момент. Дадов само свој коментар. Генерално дадов коментар за нашата и моја лично решеност за исполнување на овие аспирации на мојот народ“, рече Заев.

Заев: Македонија е за соработка со Русија, но нема алтернатива за ЕУ и НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:48 0:00

Вчера попладнето, прво портпаролка на руското министерство за надворешни работи на Марија Захарова рече дека изјавите на македонскиот премиер дека наводно подготвува негова ликвидација се неосновани инсинуации, обид за самореклама и дека таквите изјави служеле единствено како покритие за забрзано внесување на балканската земја во северноатлансткиот пакт.

„Најважно е што таквите изјави им наштетуваат на руско - македонските односи и очигледно се разликуваат од декларираната подготвеност на Скопје да гради конструктивна соработка со нашата земја“, рече Захарова.

Со слична реакција се јави и амбасадата на Русија во Македонија од каде што наведоа дека категорично изјавуваат дека таквите тврдења се неосновани и ги сметале за недозволиви.

Во интервјуто за црногорското радио Антена М кое беше емитувано и на тамошните телевизии, Заев споменува реакција на Москва во контекст на влегување во НАТО и одделно закани за негова ликвидација.

„Како реагираа околу Црна Гора, веројатно ќе реагираат жестоко. Подготвени сме. Мојата земја нема друга алтернатива. Јас само велам вака: Ние сакаме да ја унапредиме нашата соработка со Русија, сакаме што повеќе домати да продадеме таму и зелка и сите наши земјоделски производи што ги имаме. Но, ние немаме алтернатива за НАТО“, изјави Заев во интервју за радиото во Подгорица.

Одговорот во кој, пак, тој зборува за обидот за негова ликвидација следува на друго прашање наведувајќи дека некои аналитичари му велеле дека сега тој е на ред.

Мирче Адамчевски, поранешен дописник од Русија и познавач на односите меѓу двете земји, сепак вели дека од контекстот може да се извлече заклучок дека се поврзува со Москва и дека прашање на ден било кога ќе стигне реакцијата од таму.

„Реакцијата на Москва според мене сепак е пресилна, но веројатно оцениле таму дека така треба да реагираат“, вели Адамчевски.

Инаку последниве години, по почетокот на кризата со прислушуваните материјали, Русија почна зачестено да реагира за Македонија претежно обвинувајќи ги западните сили за мешање во внатрешните работи на земјава. Годинава во март при посетата на земјава европската висока претставничка Федерика Могерини, пак, ги предупреди лидерите да не дозволат државава да стане геополитички проблем.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG