Во надеж дека ќе го зголемат факторот за одвраќање на Русија, министрите за одбрана на НАТО се согласија да формираат команден центар на Атлантикот и логистичка команда за брз одговор на заканите во Европа, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по првиот ден од дводневниот министерски состанок во Брисел.
Според плановите, првиот центар треба да биде за заштита на морските коридиори преку кои војниците и опремата се довезуваат од САД преку Атлантикот, додека вториот за надгледување на движењето на војниците во Европа.
Членките на НАТО, исто така, се согласија за зајакнување на сајбер-одбраната, рече Столтенберг, со што за прв пат потенцијално и се овозможува на Алијансата да прими компјутерски хакери.
Овој чекор следува откако минатата година НАТО донесе одлука дека и сајбер просторот е домен на војување, како копното, морето и воздухот.
„Ова ќе ја зајакне нашата сајбер одбрана и ќе помогне во интегрирањето на сајбер просторот во планирањето и операциите на НАТО на сите нивоа“, рече Столтенберг.
Според договорот, командантите на Алијансата сега ќе можат да ги повикаат сојузниците како САД и Велика Британија да симнат некој непријателски сервер или веб-страница.
Во врска со заканите од Русија, Столтенберг изјави дека не станува збор за некаква непосредна закана за некоја НАТО членка.
„Но, гледаме дека Русија има значително поголема самодоверба. Гледаме Русија која во изминативе години многу вложи и ги модернизира нејзините воени способности“, изјави Столтенберг.
Во меѓувреме, група експерти за безбедност и надворешна политика денеска издаде декларација во која се оценува дека западните влади се „ограничени и слаби“ во нивниот одговор на „непријателските дејства“ на Кремљ кон демократските земји.
Во декларацијата иницирана од организацијата „Европски вредности“ со седиште во Прага, под наслов „Како демократскиот Запад треба да го запре Путин“, 70 експерти сметаат дека треба да се преземат чекори за да се запре планот на претседателот на Русија Владимир Путин да игра на „поделби и владеење во евроатлантскиот простор“. Во декларацијата, мешу другото се вели:
„Путин реши да ги заплашува и малтретира демократиите, а голем дел од западниот политички естаблишмент сè уште не го сфати тоа“.
„Без оглед на тоа, скоро сите земји се нападнати со мешавина на шпионажа, корупција, организиран криминал и постојани повеќенаменски и повеќеканални кампањи за ширење дезинформации“, се наведва во декларацијата.
Декларацијата доаѓа пред состанокот на 13 ноември на министрите за надворешни работи на Европската унија, каде што ќе се разговара за тоа како функционира стратегиската комуникација на Унијата со нејзините источни соседи.