Достапни линкови

Заканите до Заев, „бомбите“ и името во фокусот на медиумите


Медиумите пишуваат - Министерот Спасовски објави дека Заев бил под закани од атентат уште од 2015, понатаму за пресудата проти разузнавачот Грујевски и за одлуката „бомбите“ да се користат како докази во случајот против поранешната министерка Јанкулоска. Медиумите пишуваат и за евроатланските интеграции и за најавите за ново поглавје во преговорите за името.

„Спасовски: Заев под закана од атентат од 2015 година“, „Министерот за внатрешни работи обелодени – Заев две години под закани од атентат“, објавија Нова Македонија и Слободен печат, а истата информација од брифингот на министерот Спасовски за новинарите ја објави и Вечер. Весниците го објавија и појаснувањето на министерот дека МВР и службата преземаат сериозни мерки за заштита на сите државни функционери за кои постои степен на ризик по нивниот живот. „Во моментов нема директна закана упатена од некого, за разлика од 2015 кога пријавувале и за што Заев добил обезбедување“, ги пренесува Нова Македонија зборовите на министерот Спасовски.

Порталот Фокус објави: „Нов протестен марш за одземање на мандатот на премиерот Заев“. Маршот ќе го организира групата на здруженија која себеси се нарекува „Коалиционото единство со македонскиот народ“ затоа што не наишло на одговор ни од претседателот Иванов, ни од претставниците на ЕУ во Македонија нивното првично барање Иванов да му го одземе мандатот на премиерот Заев.

Нова Македонија пресудата за поранешниот шеф на УБК, Грујевски ја објави со наслов: „Една и пол година затвор за Грујевски за уништување докази“, како и веста дека „Бранителот Шврговски најави жалба на пресудата за Грујевски“. Истиот весник ја објави одлуката на Апелациониот суд дека „’Бомбите‘ може да бидат доказ во случајот на СЈО ’Тенк‘“, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување од страна на поранешната прва полицајка Јанкулоска за набавката на мерцедесот од 600 илјади евра, со наместен тендер, за Никола Груевски со што му нанеле штета на државниот буџет. Порталот Република во непотпишан коментар реагира дека „Апелација не ја интересираат аргументите и правдата, политичките нарачки мора да се испорачаат“ и дека Судот бил под огромен политички притисок да го испорача тоа што го најавувал Заев уште во кампањата пред парламентарните избори.

Прашувајќи што може Македонија да очекува од Европската комисија годинава, Нова Македонија насловува: „И на Брисел и на Вашингтон им се брза со интеграцијата на Македонија –во НАТО напролет, во ЕУ за шест години“. Вечер го пренесува провокативното пишување на грчкиот портал Диферњуз: „Македонија на 11-12 јуни 2018-та влегува во НАТО, сè е во рацете на Коѕиас и Сириза“, со објаснувањето на порталот дека според распоредот, Македонија првин ќе ги повлечела статуите и , како што пишува, „целосно ќе го уништи планот Скопје 2014“ со цел да влезела во евроатлантската алијанса.

Печатените медиуми ја објавуваат изјавата на шефот на дипломатијата Никола Димитров: „До крајот на ноември средба на преговарачите за спорот за името“. „Скопјани годинава веќе дишеле загаден воздух меѓу 79 и 139 денови“, ја објави Нова Македонија информацијата на Министерството за животна средина. Решението на Владата да го укине Денот на дрвото, Вечер го објави заедно со реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Нема ден на дрвото, нема чист воздух“. Слободен печат, пак, ја објавува реакцијата на СДСМ: „Загадениот воздух е доказ за неуспехот на акцијата Ден на дрвото... За ефектот на популистичката акција на ВМРО-ДПМНЕ доволно говори фактот што успехот на зафатени садници е катастрофален и изнесува помеѓу 0 и 15 прценти во зависност од парцелата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG