Достапни линкови

Прашањето за името може да се затвори во 2018 година


Архивска фотографија - Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во Скопје, 3 јули 2017
Архивска фотографија - Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во Скопје, 3 јули 2017

Грчките власти сакаат спорот со името да се реши во првата половина на следната година. За такво нешто постои меѓународна поддршка, но како проблем останува што дома нема дијалог меѓу власта и опозицијата.

Во моментов има поповолна меѓународна ситуација за решавање на проблемот со спорот со името. Ова го оценуваат експертите и покрај тоа што не пропуштаат да истакнат дека не се сигурни дали постојат зрели услови за компромис во Македонија, додавајќи дека отсуствува каков било дијалог меѓу власта и опозицијата на оваа тема. Сепак, тие анализираат дека можеби ослабената македонска политика како последица на кризата од претходните години ќе ја направи поподложна на ангажман од надвор за интензивирање на преговорите за името во наредниот период.

„Владата во Грција која е изложена на притисок од своите западни сојузници, кои пак сега се во една конфронтација со руските аспирации на Балканот, е спремна на посериозни преговори со Македонија. Таква ситуација не сме имале досега и тоа оди во прилог на едно можно решение“, вели универзитетскиот професор Денко Малески.

Знак за тоа што треба да следи во наредниот период се најавите од МНР дека преговорите под покровителство на Обединетите нации со медијаторот Метју Нимиц во ноември ќе продолжат по подолга пауза на ниво на преговарачи. Оттаму ни рекоа дека датум ќе биде објавен откако тие целосно ќе бидат потврдени, но не откриваат повеќе детали.

Инаку и од Владата потврдија дека очекуваат во текот на овој месец Метју Нимиц да одржи средба со преговарачите на двете земји, во рамки на процесот за надминување на разликите околу името под покровителство на ОН. Од таму додаваат дека владата работи на подобрување и унапредување на односите со Грција и посветена е на мерките за градаење доверба.

Паралелно со ова и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас неодамна изјави дека сака да го реши спорот со името на Македонија во првата половина на 2018 година.

Професор Денко Малески оценува дека очекувањата врзани со оваа временска рамка се реални од гледна точка на Грција. Според него, главниот проблем ќе биде внатрешната ситуација во Македонија. Ние се уште немаме внатрешен консензус околу нужноста од компромис, а особено што сега се наоѓаме во прилично деликатна ситуација на отсуство на дијалог меѓу власта и опозицијата, вели Малески.

„Главната опозициска партија е во сериозна криза и само промени на водството внатре и доаѓање на водечките позиции на луѓе кои не се имплицирани во постапките со одговорност кои произлегуваат од прислушуваните материјали, кои беа објавени, може да го поттикне процесот на градење на тоа заедничко единство околу нужниот компромис. Дали ќе има ангажман од надвор толку сериозен како притисок врз опозициските структури да застанат во ред позади Владата и нејзината декларирана спремност да го реши проблемот останува да видиме“, вели професор Малески.

Сепак, тој наведува дека и надворешниот фактор има сопствени проблеми. Ситуацијата во САД, некои недефинирани ситуации во однос на нивната надворешната политика не одат во прилог, но генерално има притисок во таа насока да се реши проблемот, вели професор Малески.

Аналитичарот Алберт Муслиу размислува дека не е исклучено и во првата половина на наредната година Македонија да влезе во процес на сериозно решавање на спорот со името со цел одблокирање на евроатланската интеграција на државава што за Владата претставува итен приоритет. Дали тоа ќе подразбира завршување на целиот процес или негово ставање во правец на решавање ќе видиме, вели Муслиу. Според неговите зборови, тоа што грчкиот министер Коѕиас веќе повеќе пати зборува на истата тема укажува дека и грчката дипломатија е свесна за промената на позициите на двете земји на надворешно политички план.

„Мислам дека и тоа е дел од нивното покажување на добра волја за решавање на спорот. Од друга страна, сме виделе потези кои јасно укажуваат на нервоза од таа страна, зашто реално оваа офанзива која нашата дипломатија ја потегнала оди во добар правец. Во секој случај сум оптимистичен дека е на повидок затворање на тоа прашање“, вели Муслиу.

Инаку грчкиот министер Коѕиас при претставувањето на плановите на грчката Влада за решавање на спорот, изјави дека преговорите за ова прашање треба да завршат во првата половина од 2018 година, бидејќи во 2019 ќе треба да се одржат парламентарни избори во Грција. Малески укажува дека при споменувањето на роковите, Грција тргнува од сопствената позиција, затоа што очекува дека во 2019 година во решавањето на прашањето може само да се одолговлекува поради изборната кампања во таа земја.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG