Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, но само за Законот за јазици


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во Собранието за повторно гласање на законот за јазици, зашто сметаат дека е неуставен. Власта, пак, вели дека е во согласност со Уставот, но најави дека ќе го испрати на мислење во Венецијанската комисија, но откако ќе се донесе.

По изнесените забелешки од стручната јавност, опозицијата и странските амбасадори, Законот за употреба на јазиците повторно ќе биде ставен на гласање пред пратениците в понеделник, но овојпат расправата ќе биде пред целосен собраниски состав.

Пратениците на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во Собранието и со амандмани ќе се обидат да го превенираат донесувањето на Законот за јазици, а Владата како решение за проблемот со „забелешките од експертите кои нотираат постоење неуставни точки од законот“ го посочуваат тоа дека законот, откако повторно ќе биде изгласан, ќе оди на мислење во Венецијанската комисија, по што добиените забелешки ќе бидат вградени во решението.

Но, од Владата не признаваат дека би било проблематично законот прво да се донесе, па потоа да се прати на мислење во Комисија. Инаку, и досега власта кажуваше дека одредени членови од законот веќе се дадени на мислење во Комисијата. Како и да е, од Владата велат дека законот е усогласен со Уставот.

Од ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека со овој закон се деградира македонскиот јазик.

„Токму од тие причини ВМРО-ДПМНЕ одлучи да учествува во собраниската расправа и да предложи суштински амандмани за подобрување на законот и отстранување на штетните и неуставни делови. Сметаме дека власта не смее на сила да го изведе повторното гласање и мора да го слушне гласот на јавноста“, ни рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

По притворањето на нивни пратеници за случувањата во Собранието на 27 април ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на Парламентот со дециден став дека се враќа во Собранието само за овој закон, а не целосно.

Во СДСМ, од друга страна, се уште ги разгледуваат забелешките на Претседателот Ѓорги Иванов и немаат одлука како ќе настапат на седницата во понеделник. За нив било клучно да се применат евентуалните забелешки на Венецијанската Комисија.

Владата можноста од вклучување на Венецијанската комисија ја најавуваше и претходно, но тогаш се размислуваше мислење да побараат за одделни одредбите од Законот кои се однесуваат на двојазичните униформи на полицијата, пожарникарите и здравствените работници, во Скопје и оние општини со над 20 отсто албанско население, како и за одредбата на парите да има симболи и од албанската култура.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, имаше и конкретен предлог да се формираат работни групи за законот со цел отстранување на неуставните елементи.

Од ДУИ се децидни дека Законот за употреба на јазиците треба да остане во иста форма. Координаторот на пратеничката група Артан Груби денеска изјави дека жали ако одлуката на ВМРО ДПМНЕ е да дојдат во Собранието за да го оневозможат донесувањето на законот и оцени дека забелешки за решението во јавноста има само од најголемата опозициска партија и тројца професори.

Инаку дури и странските амбасадори изјавија дека има простор за подобрување на законот за употреба на јазиците.

„Мислам дека не сум единствениот што не успеал да го разбере Законот за јазици, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците“, изјави деновиве францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние во интервју на Радио Слободна Европа.

Од друга стана она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали на пример целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто се уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави амбасадорот Тимоние.

Дел од домашната експертската јавност изнесе критики за бројни аномалии во законот и дека неправно се регулирани одредбите, а тоа остава простор за забуна кај граѓаните и примена на решението според политичката волја.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски вчера го повтори владиниот став дека законот е во согласност со Уставот на државата и оти е изгласан во демократска атмосфера, со поддршка од мнозинството пратеници.

„Владата на 4 август 2017 година донесе заклучок дека Законот по усвојување во Собранието ќе оди цел на мислење до Венецијанската комисија, а кога ќе се врати во Република Македонија постои политички консензус и политичка волја сите забелешки и мислења на Венецијанската Комисија ќе бидат имплементирани во истиот закон“, рече Бошњаковски.

Законот за употреба на јазиците беше донесен на 11 јануари од парламентарното мнозинство во отсуство на опозицијата. Претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово прогласување и го врати назад во Собранието со забелешки на текстот на законот. Тој оцени дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност и оти во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG