Достапни линкови

Можни ли се меѓуетнички тензии по Законот за јазици?


Францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, смета дека има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, како што вели, се работи за многу комплициран текст. Сепак, не верува дека истиот може да биде причина за нови меѓуетнички тензии во општествотo.

Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере, вели францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Од друга стана она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали на пример целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто се уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави амбасадорот Тимоние.

Францускиот амбасадор не верува дека спроведувањето на законот би можело да биде причина за меѓуетнички раздор и оти, како што вели, по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележал дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон.

И домашните експерти сметаат дека самиот закон не би смеело да биде извор на меѓуетнички тензии, зошто во суштина тој не дава квалитативно нови права и не се прават измени кои би требало да бидат посебно интригантни или неприфатливи за друга етничка заедница.

Сепак, професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни науки смета дека содржината на законот е неписмена, а тоа, според неа, остава простор за меѓусебни постојани конфликти и забуни кај сите граѓани.

„Начинот на кој сосема неправно се регулирани работите, самиот закон внатрешно остава можност за провоцирање на конфликти, заради тоа што законот којшто ќе се применува, односно самата примена ќе зависат од моменталната политичка волја и од договорањето меѓу политичките партнери што секогаш, апсолутно секогаш води кон меѓуетнички тензии“, изјави Најчевска.

Претседателот Ѓорге Иванов одлучи да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Тој оцени дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност и оти во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG