Достапни линкови

Безбедносни реформи за поголема контрола врз прислушувањето


Владата го усвои и го испрати во Собрание пакетот закони поврзани со реформите во безбедносните и разузнавачките служби. Експертите бараат долгорочни и функционални решенија кои ќе гарантираат дека нема да ни се повторат масовните прислушувања

Од први ноември следната година, опремата со која располага Петтата управа на УБК ќе биде пренесена во новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), чие формирање се уредува со посебен закон кој веќе е доставен до Собранието, а најверојатно ќе биде усвоен по празниците.

Од МВР појаснуваат дека уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за прислушувањето ќе биде под надлежност на ОТА. Додаваат дека Агенцијата е таа која ќе може да ги вклучи уредите само тогаш кога ќе добие судска наредба од институцијата која бара прислушување. Притоа Агенцијата нема технички можности да прислушува. Ова тело ќе биде сосема независно, ќе има свој буџет, на чие чело ќе застане директор кој ќе се бира со двотретинско мнозинство. Мандатот ќе му биде пет години и нема да има право повторно да аплицира за таа позиција.

Покрај овој, подготвен е и нов Предлог- закон за следење на комуникациите, во кој најголема новина е што контролата, покрај досегашната собраниска комисија, ќе ја вршат уште четири други институции од кои едното ќе биде сосема ново тело – Совет за граѓанска контрола.

Експертите велат дека актуелната власт треба да понуди долгорочно решение кое ќе трае со години и ќе биде функционално, независно од тоа кој е власт, а кој опозиција. За Воислав Зафировски, поранешен шеф на внатрешната контрола при МВР, новото законско решение не дава гаранција дека се елиминирани можностите за злоупотреба на прислушните уреди.

„Конкретното решение не дава посилни гаранции од овие кои досега ги имавме, а видовме какви беа тие гаранции. Какво и да е решение мора да се воспостават и етаблираат цврсти механизми на контрола. Една е политичката контрола која треба да ја спроведува законодавниот дом, друга е граѓанската која треба да ја сочинуваат компетентни претставници на граѓанскиот сектор, натаму потребна е судска контрола и независна експертска контрола сочинета од независни технички и правни експерти под раководство на посебен јавен обвинител. Постоењето на овие механизами се гаранција дека ОТА нема да биде злоупотребена, односно нема да ни се повтори она што ни се случуваше во минатото, да сме сведоци на огромни афери со прислушување на илјадници граѓани и повреда на човековите права“, вели Зафировски.

Но, надлежните уверуваат дека токму тие контролни механизми ќе бидат овозможени. Пратениците и понатаму ќе бидат контролен механизам кој ќе може да изврши надзор без најава, но покрај нив со новиот Предлог-закон се предвидуваат уште четири други институции: Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за лични податоци и Советот за граѓанска контрола кој ќе го сочинуваат претставници од три невладини организации. Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките, а за да изврши контрола во ОТА или во операторите.

Формирањето на новата агенција е дел од итните реформски приоритети на владиниот план 3-6-9 во делот на безбедносните реформи. Тој доаѓа како резултат на препораките на експертската група на Рајнхард Прибе.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG