Владата на Обединетото кралство одобрила дозвола за продажба на опрема за набљудување во Македонија, во време кога земјата била вклучена во нелегалната програма за надзор на своите граѓани, открива британскиот неделник „Computer Weekly.“ Истражувањето на неделникот покажало дека извозните дозволи биле доделени во време кога македонските безбедносни служби биле во голема мера вклучени во нелегален надзор на комуникациите, насочени кон новинари, политичари и владини министри.
„Владата на Велика Британија го одобри извозот на контроверзната опрема за надзор во Република Македонија, и покрај загриженоста во врска со извештајот за човековите права во земјата,“ покажуваат документите до кои дошла редакцијата на „Computer Weekly“.
Истражувањето содржи изворни документи кои покажуваат како Велика Британија ги одобрилa дозволите за извоз на фирмата „Gamma International UK“ за снабдување на софистицирана опрема за надгледување на мобилни телефони, позната како „IMSI catchers“, во Република Македонија. Истражувањето содржи обемна документација, која меѓу другото опфаќа одговори од Министерството за надворшени работи на Обединетото Кралство, интерна електронска комуникација меѓу Британската Амбасада во Скопје и Министерството, пишана комуникација меѓу фирмата „ Гамма интернешнал“ и „Гамма Груп“ и МНР, ценовникот на фирмата „Гама" за опремата за надзор „Финфишер“, нивниот каталог за перформансите на опремата за прислушкување на мобилни телефони итн.
Писмената комуникација открива дека лиценцата за извоз на софистицираната опрема била издадена на „Gamma International UK Limited“ на 3 октомври 2012 година и тоа за шест единици од нивната опрема за следење, а за тоа бил консултиран и висок владин функционер во Британија. Во документите се посочува и дека македонската влада веќе имало купено опрема за следење од британската фирма „Гамма“ и тоа една година претходно, во 2011 година, но не е прецизирано за каква опрема се работи.
Британската фирма „Гамма Интернешнал“ често се наоѓа на насловните страници во британските медиуми, пред сè, поради контроверзната опрема што ја нуди на пазарот. Според „Репортери без граници“, оваа фирма, која има седиште во Велика Британија, но и подружници во Германија, Југоисточна Азија и на Средниот Исток, продава опрема на владини агенции за прислушување, а нивниот ‘финфишер’ софтвер се смета за еден од најнапредните на пазарот.
Контроверзната опрема во „Трезор“ на СЈО
Оваа британската компанија индиректно се спомнува во предметот „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство. Според обвинителниот предлог во овој предмет прво обвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кој преку началникот на Петтата управа Горан Грујевски и сега починатиот Коста Крпач набавиле опрема за следење на комуникации вредна милион и пол евра, која си ја фактурирале на две милиони евра.
Со дополнителен анекс договор од МВР за оваа опрема во приватни џебови завршиле над 800 илјади евра, изјави обвинителката Фатиме Фетаи при минатогодишното презентирање на овој случај.
„Наместо опремата да биде набавена директно од правното лице од Велика Британија, како најекономичен, односно најефтин начин на набавка, според доказите, со цел да прибават имотна корист за „Финзи“ договориле истата да се изврши преку правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, каде како управител е лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот, а како основач е запишано правното лице Финзи ДОО од САД “, изјави тогаш Фетаи.
Специјалното јавно обвинителство ниту тогаш, а ни сега не сака да прецизира за каков вид на опрема за следење станува збор, односно дали станува збор за малициозниот софтвер наречен „ФинФишер" за следење на комуникациите преку интернет. Тој софтвер е произведен од Гама интернешнл во соработка со германска компанија Еламан.
За владата реформите на системот за следење комуникации клучен приоритет
Пред неполн месец, односно на 5-ти октомври, македонската влада во својот одговор до новинарката на британскиот неделник тврди дека реформата на системот за следење на комуникациите е клучен приоритет на новата Влада и дека веќе се работи на активности кои имаат за цел да ја операционализираат определеноста за контрола и надзор над спроведувањето на „посебните истражни мерки“.
„Една од причините зошто скандалот со прислушувањето во Македонија се случи е поради негативното политичко влијание врз безбедносните служби и неуспехот да се воспостави контрола на квалитетот и надзор над операциите на разузнавачките агенции“, се вели во писмениот одговор од Владата.
Оттаму додаваат дека по формирањето на новата Влада (мај 2017 година) негативните политички влијанија се отстранети, и владата презема мерки за зајакнување на надзорот над системот за следење на комуникациите.
„Препораките од извештајот на Рајнхарт Прибе ја обезбедуваат насоката во која реформата треба да оди напред. Нивната имплементацијата ќе придонесе за враќање на довербата во безбедносни служби. Сите овие процеси, во кои т.н. „посебни истражни мерки" ќе бидат јасно оддеделени од Одделението за разузнавање во Министерството за внатрешни работи е дел од Планот 3-6-9, кој започна во јуни 2017. Формалните промени ќе се појават со имплементација на новата легислатива - и процесот е во тек. Резултатите се очекува да бидат видливи во втората четвртина од 2018 година. Во моментот, во Република Македонија, спроведувањето на „посебни истражни мерки“ се прави само во согласност со закон и прописи, и само со по барање од Државното јавно обвинителство, со што се исклучува можноста за каква било злоупотребa” стои во писмената реакција од Владата.
За тоа дали британската опрема за следење е се уште во употреба, одговор побаравме од Mинистерството за внатрешни работи. За пишувањата на британскиот неделник, коментар побаравме и од Британската Амбасада во Скопје.
Аферата за прислушувањето првпат во јавноста ја обелодени Зоран Заев во февруари во 2015 година како лидер на тогашната опозициска СДСМ. Бомбите на Заев открија дека нелегално биле прислушкувани голем број луѓе, новинари, политичари, високи владини функционери. Во дел од телефонските разговори можеше да се слушне како поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, неговата помошничка и лице од Израел договараат трансфер на пари за поткуп од израелска фирма, за да се овозможи купување на опрема за следење во 2011 година.