Достапни линкови

Солунските фалсификатори и корупцијата - неделен печат


Архивска фотографија - Горан Грујевски и Никола Бошкоски, под придружба на грчки полицаец, го напуштаат судот во Солун - 19 октомври 2017.
Архивска фотографија - Горан Грујевски и Никола Бошкоски, под придружба на грчки полицаец, го напуштаат судот во Солун - 19 октомври 2017.

ВМРО се гордееше со своите солунски атентатори, а ДПМНЕ се гордее со своите солунски фалсификатори, пишува неделникот Фокус. Капитал го анализира корупцискиот лов на Лаура Ковеси во Романија.

Фокус: Грујевски и Бошкоски - солунските фалсификатори

И покрај предизвикувачките наслови во најновото издание на Фокус, како што се, на пример, „Падна ’груевизмот‘, сега е редот на Хорхе!“, или „Како никна станбен објект на детско игралиште во Тафталиџе - Јанакиески му дозволил на Стефчо Јакимовски незаконски да смени ДУП во Карпош!“, заради актуелноста, во прегледов ќе ја вклучиме главната тема во неделникот за „Самракот на гемиџиите“ и за „Солунските фалсификатори“, поранешните началници во УБК, Грујевски и Бошкоски, уапсени од грчката полиција.

Како резилење на Фамилијата и чиста иронија авторот на уводникот го смета фактот што „ВМРО се гордееше со своите солунски атентатори, а ДПМНЕ-бандитска се гордее со своите солунски фалсификатори“. Па продолжува дека гемиџиите ги дадоа своите животи за слобода на Македонија и за човечки правдини, а солунските фалсификатори бегаат од слободната македонска правда поради своите мафијашки злодела, кршењето на човековите права и слободи со масовното незаконско прислушување и уништувањето на доказите за тој мега-криминал. „Груевски“, вели Фокус, „го правда нивното бегство од правдата... Тој само се плаши од денот кога ќе му ги стават лисиците на рацете за да го спроведат. Тој ужас без крај за него е пострашен од ужасниот крај на ВМРО-пастирска што се случува деновиве. За негова жал, нема ништо револуционерно, гемиџиско, саможртвувачко во тој беден крај на Фамилијата... само презир и потсмев кај граѓаните кон една шарлатанска криминална дружина која ги испогани македонските историски симболи и идеали“.

Капитал: Како Лаура Ковеши ја преобрази корумпирана Романија

И во Капитал има загатливи наслови и теми, како онаа зошто пропадна најголемата компанија на Балканот, хрватски „Агрокор“, за тоа дека домашните бизнисмени се жалат на нелојалната конкуренција од странските инвеститори кои добиваат субвенции од државата, а ги преземаат работниците од домашните фирми... Во овој преглед на неделниците ја вклучуваме сторијата за „Големата преобразба на земјата што беше синоним за корупција“, конкретно за Романија и за работењето на шефицата на романската Национална канцеларија за борба со корупцијата, се разбира, без намерни асоцијации. Лаура Ковеси е двојно попопуларна од Владата на Романија благодарение на нејзиниот антикорупциски лов, пишува Капитал. Во антикорупциската Канцеларија, заедно со досега најмладата државна обвинителка работи армија од 120 обвинители на речиси 6.000 случаи: на обвинителната клупа се поранешни судии, адвокати, политичари, бизнисмени, министри, пратеници, па дури и еден поранешен премиер, Виктор Понта, поради проневера, затајување данок и перење пари. И долгогодишниот градоначалник на Букурешт, Сорин Опреску завршил со лисици на рацете откако антикорупциската Канцеларија и Лаура Ковеши го фатија „со прстите во медот“. Дури 92 проценти од процесуираните на крајот се осудени, пишува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG