Достапни линкови

Нелегитимни институции поради изборните нерегуларности


Специјалната обвинителка Јанева посочи дека следи проширување на постапката за осомничените во „Титаник“ и очекува допрва посебна борба со судството. Таа вели дека поради изборните нерегуларности во земјава институциите се нелегитимни.

Уставниот суд, Претседателот и пратениците во Собранието се нелегитимни избрани претставници на институции и треба да го почитуваат Специјалното обвинителство и нивната истрага за да се дозволи да се утврди вистината. Ова го изјави Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд со која на претседателот му се овозможува помилување на осуденици, на заедничката прес конференција со државниот јавен обвинител Марко Зврлевски и романската обвинителка Лаура Кодрута Ковеси. Јанева посочи дека следи проширување на постапката за осомничените во Титаник“ и очекува допрва посебна борба со судството.

Сметаме дека самиот избор и на Претседател и на уставни судии и пратеници е доведено во прашање и тоа е мојот одговор за Уставниот суд.
Катица Јанева, СЈО.

„Станува збор за „Титаник“, со самите истраги за овие лица кои биле и се на високи функции во Владата, и со доказите со кои располагаме и кои се 80 проценти и кои го докажуваат обвинението со кое имаме намера во иднина да настапиме, сметаме дека самиот избор и на Претседател и на уставни судии и пратеници е доведено во прашање и тоа е мојот одговор за Уставниот суд“, вели таа.

Јанева вели дека се уште не може да каже дали е покрената постапка против Зврлевски поради прислушуваните разговори кои беа објавувани во кои се слуша неговото име како е поврзано со прикривање на кривична пријава. Додека Зврлевски посочи дека по пријавите против обвинителите од СЈО се постапува и се доставени покани.

Зврлевски, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека тоа што поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и шефот на одделението за организиран криминал Јован Илиевски се во роднинска врска не влијаело на работата на Јавното обвинителство.

„Успесите во тоа Обвинителство и на Јавниот обвинител Јован Илиевски беа многу пред појавувањето на Сашо Мијалков во тоа обвинителство и многу поголемо искуство и стаж има во борбата против организиран криминал. А за сите евентуални настани каде што би се појавил или се појавува понатаму во пријавите дали од граѓаните или од институциите господинот Сашо Мијалков, јавниот обвинител Илиевски е изземен од постапување на тоа Јавно обвинителство“, рече тој.

Зврлевски и Јанева не се согласуваат за тоа кој треба да биде надлежен за предметот Маѓар Телеком.

„Се води постапка за тој предмет, во 2011 година имаме актуелно обвинение за тој предмет за сė што е прибрано доказ имаме покренато обвинение. Обвинението е во сила и не може да станува збор за застареност на предметот затоа што имаме и прекин на застареноста“, вели Зврлевски.

„Мојот почитуван колега заборави да каже дека предметот се наоѓа во Советот за јавни обвинители, од не знам која причина. Еве и јас да му поставам прашање „ зошто го доставил таму? Од наша страна се изготвени претставки до Советот на јавни обвинители во врска со предметите и доказите кои не ни ги доставуваат судот и Јавното обвинителство“, додаде Јанева.

На ова Зврлевски кусо одговори дека Советот треба да пресече.

Јанева одговори и на прашања поврзани за нејзиниот имот. „ За моите станови и за мојот имот можам да кажам дека јас имам два стана кои ги купивме со сопругот, кој е починат. Од моите родители ништо засега не сум наследила, а тој мој имот ќе се зголемува благодарание на нив и на моите десет прсти“, рече Јанева.

Романската обвинителка Ковеси изјави дека во рамки на нејзината работа се соочувала понекогаш со несоработка со институциите, но во нивниот закон се предвидува казни.

„Тоа им дава до знаење дека треба да соработуваат со нас и тие знаат дека ако не соработуваат ќе има соодветни реперкусии, односно ќе одговараат за нивната несоработка“, рече таа.

Ковеси соопшти дека само лани нејзиното обвинителство има побарување за конфискација на речиси половина милијарда евра, а со правосилни постапки до сега преку нивните обвиненија успеале да вратат 200 милиони евра во буџетот, пари заработени со корупција и кривични дела. Директоратот за антикорупција во Романија покренал вкупно 1.250 обвиненија за корупција во кои биле обвинети стотина градоначалници, триесетина директори на јавни претпријатија, а за една година во притвор побарале притвор за премиер, за сенатор и тројца пратеници, тројца поранешни министри.

И Зврлевски се пофали со успесите на Јавното обвинителство посочувајќи дека во изминативе години биле покренати постапки против поранешен премиер, вицегувернер, директорот за електро стопанство, против неколку градоначалници и еден градоначалник на скопска општина, против судии, обвинители и началници на полиција.

„Борбата против корупцијата не смее да зависи од една или повеќе личности, не треба да биде законски дадено овластување без при тоа да постојат системски механизми за заштита од влијанија. И најмалата корупција е корупција, како што видовме во презентацијата на Ковеси. Корупцијата на функционерите и од 5 евра, е значително опасна корупција. Кога борбата против корупцијата се поистоветува со личност во залог се става заедницата“, рече Зврлевски.

Американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека неказнувањето на корупцијата ја става демократијата во ризик.

„Како и новинарството, и законот мора да се применува еднакво за сите, не низ призмата на партиската припадност. Казнените мерки преземени поради политичка одмазда или идеолошка нетрпеливост го рушат кредибилитетот на целиот систем“, изјави Бејли.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG