Достапни линкови

Милевски - Со Специјален суд против „Сваровски“ судството


Милевски - Специјален суд за случаите на специјалното обвинителство
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:13 0:00

Милевски - Специјален суд за случаите на специјалното обвинителство

Како што се избра ДИК, како што се избра СЈО, има доволно чесни и објективни судии коишто може да ги преземат предметите кои ги работи Катица Јанева и да донесат одлука која што нема да биде под притисок на „Сваровски“ судиите, односно на ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателот на ЛДП Горан Милевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Милевски на чело на партијата дојдовте за време на политичката криза која сè уште трае. Изборите се одложија за 5 јуни, иако ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека се исполнети сите услови за одржување на фер и демократски избори. Како го коментирате тоа?

Точно е дека сум избран во еден бурен период за претседател на партијата и мислам дека во овој период партијата добро се носеше со сите предизвици кои ги налагаше политичката сцена. Во однос на прашањето за одлагање на изборите, ние бевме првата партија уште на почетокот на ноември минатата година, која предупреди дека доколку продолжи ова однесување на ВМРО-ДПМНЕ со блокирање на пржинскиот договор избори на 24 април нема да има. Бевме силно критикувани од каде ни се таквите прогнози, меѓутоа на крајот излезе дека сме биле во право. Сега дадовме проценка дека петти јуни е сосема доволен термин доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги попречува повторно преговорите, односно имплементацијата на Договорот од Пржино на кој тие се потписници, ќе биде сосема доволен период на 5 јуни да се одржат едни легитимни и легални избори на кои очекувам опозицијата здружена и обединета да извојува една победа.

Специјалното јавно обвинителство излезе со првиот случај во јавноста „Титаник“ во кој се осомничени поранешни први луѓе на власта. Колку овој случај и наредните кои ќе бидат отворени и кои се поврзани со незаконски прислушуваните разговори може да извршат промена кај гласачите?

Ние исто така сме и прва партија која предупреди дека ова судство не може да ги работи предметите кои произлегуваат од Специјалното јавно обвинителство и затоа побаравме формирање на Специјален суд. Бевме демантирани дека тоа не може согласно Уставот, меѓутоа Уставот не забранува во кривичниот суд да се формира едно посебно одделение кое ќе биде во форма на Специјален суд и коешто ќе ги работи предметите кои ги процесуира Катица Јанева. На тој начин ќе се обезбеди побрзо и поефикасно и транспарентно и неутрално да се прочистат тие предмети. Сметам дека Катица Јанева треба да си ја заврши работата независно дали ова ќе биде процес каде што дел од предметите ќе излезат пред избори, меѓутоа таму има толку инкриминирачки работи коишто се разбира ќе треба детално и сериозно да се истражат и се разбира низ едно објективно судство да се донесат пресуди и да се казнат сите оние кои што правеле изборни измами, криминал и корупција во Република Македонија, која треба да се искорени затоа што нашата иднина е во ЕУ, каде што не може да се толерира една банда на криминалци да ги спречи евроатланските интеграции и перманентно да се иселуваат од Македонија, особено младите. Овие процеси мора да запрат и затоа што побрзо изборите се решат толку побрзо Македонија ќе се ослободи од врхушката што ја води државата за жал во погрешен правец.

Го спомнавте Специјален суд. Кој би ги избрал тој Специјален суд?

Како што се избра ДИК, како што се избра СЈО, има доволно судии чесни и објективни во нашето судство кои што може да ги преземат предметите кои ги работи Катица Јанева и да донесат одлука која што нема да биде под притисок на тие „Сваровски“ судии, односно на врските на ВМРО-ДПМНЕ кои грижливо ги градеше во судството во изминатите 10 години. Значи ако имаме независно СЈО, мора да имаме и независен суд. Бомбите тоа го потврдија како се бираат судии, дури и новинари и уредници на медиуми влијаат врз одлуките на судовите за казнување на граѓаните со казни за навреди и клевети така да не можат граѓаните да имаат една доверба во таквото судство, особено тоа се потврди деновиве кога и Уставниот суд, кој бил во канџите на ВМРО-ДПМНЕ носи партиски одлуки, а не уставни.

Целото интервју со претседателот на ЛДП Горан Милевски можете да го погледнете во видеото на почетокот на текстов.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG