После масовните прислушувања во државата кои силно одекнаа во јавноста се отворија многу дилеми, сомневања и стравувања во јавноста дека приватниот живот на граѓаните е во рацете на одредени моќници и елити. И покрај масовноста на следењето на комуникациите на граѓаните, во аферата што пред една година ја обелодени опозицијата, јавноста до ден денес не доби концизен одговор на повеќе суштествени прашања - Кој ги снимал? Како ги снимал разговорите и со чии ресурси?
Можеле на еден или друг начин да алармираат, бидејќи масовно било прислушувањето, можело да се посомнева некој од нив, да алармираат на еден или друг начин дека многу броеви се под контрола, дури и статичните линии дека се под контрола.Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи
Загрижува и фактот што релевантните институции не постапија по наводите за разни злоупотреби кои се наведуваат во прислушуваните разговори, а и граѓаните останаа во недоумица зошто биле злоупотребени и се уште не се чувствуваат безбедни да зборуваат за приватни работи преку средствата за комуникација.
Злоупотребен системот за контрола
Аналитичарите велат дека во Македонија подолго се злоупотребува системот за контрола. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека законот е дециден во кои случаи може да се употребуваат посебните истражни мерки, а дека се останато е злоупотреба.
Трајанов објаснува дека без судска дозвола снимениот материјал е невалиден во судска постапка и дека единствено служи како индикатор дека нешто се случува за натамошно трагање по релевантни докази. Тој посочува дека во законот концизно е наведено за кое кривично дело може да се примени следењето на комуникациите, а се друго претставува кршење на законите.
И операторите со улога во прислужувањето
Меѓутоа масовното прислушување на граѓаните што го обелодени опозицијата го отвори прашањето дали е можно толку многу телефонски броеви да биле под контрола на службите, ако во тоа немале улога и операторите. Трајанов вели дека операторите знаат дека одредени броеви се под контрола, но не може тоа да го спречат, но сепак дополнува дека тие можеле да укажат за можни злоупотреби.
Но власта тоа не го почитува, злоупотребува масовно и не бара никакви дозволи, дури дополнително ќе се покријат со некакви дозволи ако јавноста или новинарите дојдат до сознанија дека некој е следен.Тито Петковски, поранешен претседател на собраниска Комисија за надзор на службите.
„Операторите немаат можност да ја контролираат службата за контра-разузнавање и службата за безбедност дали поседувале соодветен судски налог, затоа што тоа оди по автоматизам, МВР практично со еден клик кој број сакаат го ставаат под контрола. Можеле на еден или друг начин да алармираат, бидејќи масовно било прислушувањето, можело да се посомнева некој од нив, да алармираат на еден или друг начин дека многу броеви се под контрола, дури и статичните линии дека се под контрола“, вели Трајанов.
И поранешниот пратеник Тито Петковски, кој беше на чело на собраниската Комисија за надзор над службите, вели дека во законите е точно наведено за кои кривични дела средствата за комуникација може да бидат под контрола на службите. Тој посочува дека мерките се применуваат кога се работи за безбедноста на државата или кога станува збор за тешки кривични дела. Петковски укажува дека прислушувањето може да ја повреди приватноста на граѓаните доколку се применува надвор од законите како што тоа го правеле одредени структури во власта кои беа посочени и во извештајот на Прибе, што следуваше откако беше актуализирана аферата со прислушувањата.
Во многу случаи кај нас и други држави искуствата покажуваат дека има високи резултати. На службите не им треба секогаш да знаат од телефон дека ќе одат некаде да нападнат, туку се комбинира следењето на комуникациите со други методи, како следење, докумeнтирање и други мерки.Стефан Буџаковски, универзитетски професор.
„Важна е и безбедноста на државата и приватноста на граѓаните и затоа го променивме и Уставот и направивме можност државата кога станува збор за тероризам, организиран криминал итн. да може државата да прислушува, меѓутоа сето тоа мора да биде врз основа на дозвола од надлежен орган. Ако се добие налог од Судот или сега од Јавниот обвинител. како што е измената на законот за кривична постапка, државата има право да следи евентуално организирање злосторничко здружување, тероризам, значи во борбата против тероризмот да ги користи и тие методи и средства, но се разбира притоа да ги штити човековите права и слободи. Ќе се штитат само доколку за следење на комуникациите има дозвола од надлежен орган и тука нашето законодавство е доста нијансирано. Но власта тоа не го почитува, злоупотребува масовно и не бара никакви дозволи, дури дополнително ќе се покријат со некакви дозволи ако јавноста или новинарите дојдат до сознанија дека некој е следен“, вели Петковски.
Петковски за последната афера на недозволено прислушување појаснува дека според обемот со кој што беа опфатени граѓаните јасно укажува дека не станува збор за учество на странски контра разузнавачки служби како што беше елаборирано од власта.
„Кај нас тоа не е можно, бидејќи мобилните оператори имаат јавни овластувања и подлежат на одговорност според закон. Значи за секој чија комуникација треба да се следи, мора тоа да се одвива преку мобилните оператори, инаку би дошло во примена на тоа што го говореше Груевски и други аматери дека со жолто комбе лада со оперативна опрема шетаат низ Скопје. Не е можно без учество на операторите масовно следење на комуникациите. Инаку има опрема која може да следи комуникации на најмногу 3 илјади броја, но во Македонија тоа практично не е можно без операторите“, вели Петковски.
Резултати од следење на комуникации
Прислушувањето како во светот така и кај нас влегува во современите методи и средства за откривање на криминалитетот. Прислушувањето е законска постапка која произлегува од заложбите на секоја држава да се грижи за својата безбедност и безбедноста на граѓаните, но прашање што постојано е актуелно е дали целта ги оправдува средствата, односно дали е спречена или откриена криминална или терористичка активност, а колку таквите дејствија не се злоупотребени за политички или лични цели. Професор Стефан Буџаковски вели дека тоа се строги тајни мерки кои не се обелоденуваат во јавноста и тврди дека има ефекти.
„Во многу случаи кај нас и други држави искуствата покажуваат дека има високи резултати. На службите не им треба секогаш да знаат од телефон дека ќе одат некаде да нападнат, туку се комбинира следењето на комуникациите со други методи, како следење, докумeнтирање и други мерки. Секогаш се нема во вид само една мерка како што е прислушување.
Има позитивни искуства кај нас, но тие се со карактер на тајност. Имаше ликвидација на една група која беше пред неколку години во реонот на Косово и др. слични ситуации“, вели професор Буџаковски.
Но Тито Петковски вели дека не се сеќава оти со прислушувањата била откриена или спречена конкретна криминална или терористичка активност.
„Тоа прашање постојано се поставува како актуелно во секоја прилика кога ќе се открие некоја афера за прислушувањето. Кога се менуваше уставот и кога бараше актуелната власт можност да следи комуникации баравме некоја поткрепа има ли таков случај да имало инциденти, кривично дело - тероризам, злосторничко здружување итн., не добивме. Јас лично на седница го поставив прашањето бидејќи секоја закон кога се носи или промена на уставот мора да се темели на соодветни анализи на состојбата во сферата што се менува. Никогаш досега не добивме информација дека имало актуелна потреба во рамките на надлежностите на органите за безбедност да се воведе таков инструмент“, вели Петковски.
Приватноста пред безбедноста или обратно?
Инаку во светот на тема прислушување актуелен е спорот меѓу американското министерство за правда и Епл за пристап до телефонот на Саед Ризван Фарук, еден од напаѓачите во масакрот во Сан Бернардино што ја обнови старата дилема- Кој треба да има поголем правен и морален авторитет врз приватноста - владата или компанијата која ги прави телефоните.
Судскиот налог со кој се бара од компанијата Епл да и помогне на американската влада да го отклучи кодираниот ајфон на еден од убијците во маскарот во Сан Бернардино отвори ново поглавје во законската, политичката и технолошката борба во врска со спроведувањето на законите меѓу заговорниците на граѓанските права и големите технолошки фирми. Владата тврди дека телефонот бил клучен доказ во истрагата за еден од најтрагичните напади во САД извршен од луѓе кои биле приврзаници на исламските милитанти. Меѓутоа, групите за заштита на приватноста предупредуваат дека принудувањето на компаниите да ги дешифрираат нивите апарати го загрозува техничкиот интегритет на интернетот и претставува закана не само на приватноста на корисниците, туку потенцијално и на граѓаните на секоја земја.
„Тоа не е само лизгава патека“, вели адвокатот Марк Ротенберг, кој е претседател и извршен директор на Центарот за информации за електронска приватност во Вашингтон.
„Тоа всушност се однесува на сите телефони. Со други зборови, овозможување пристап на еден телефон, значи дека мора да овозможите пристап на сите телефони. Однапред не се знае кои телефони во текот на истрагата ќе треба да ги погледате“, додава Ротенберг.
Тој исто така оценува дека директорот на ФБИ Џејмс Коми ја „политизирал“ истрагата во Сан Бернардино, велејќи дека агенцијата ја притискал Силиконската долина да направи промени во нивните апарати, дури и пред нападот на Сан Бернардино. Ротенберг, исто така, рече дека прашањата зад сегашната судска одлука на Епл одат подалеку од мноштвото податоци откриени од поранешниот соработник на американските разузнавачки служби Едвард Сноуден, за деталите за американските програми за следење и надгледување.
„Тука всушност се случува нешто друго“, вели Ротенберг, додавајќи: „Она што се случува овде е што ФБИ вели дека не сака само да добие пристап до евиденцијата што може да ја има Епл. Станува збор како Епл ги дизајнира своите мобилни телефони. Или ние сакаме да дизајнирате мобилен телефон, бидејќи во иднината можеби ќе ни треба пристап до приватни податоци што ги немаме во моментов“.
Федералниот судија во Лос Анџелес му нареди на Епл за да им обезбеди „разумна техничка помош" на лицата кои ја водат истрагата во податоците на ајфонот, користен од Ризван Фарук кој заедно со неговата сопруга, уби 14 лица, а рани 22 други, на 2 декември во Сан Бернардино, Калифорнија. И двајцата беа убиени во престрелка со полицијата. Федералното истражно биро ги испитува потенцијалните комуникации на двојката со милитанти на Исламската држава и други терористички групи и затоа бара пристап до ајфонот.
Повеќето експерти за безбедност, вклучувајќи и многумина кои служеле во владата, велат дека напорите на владата да обезбеди пристап до кодирани уреди претставува своевидна контрола. Овој аргумент беше изнесен и пред две децении, кога владата се обиде и не успеа да ги принуди технолошки компании да се вклучат специјален чип во нивните производи за потребите на надзорот.
„Тука треба да се биде неутрален“, вели експертот за сајбер безбедност Џамил Џафер.
„Ние во оваа земја секогаш балансиравме меѓу приватноста на една страна, и безбедноста, на друга. Мораме да го преиспитамеваквиот баланс, бидејќи денес ситуацијата е неодржлива. За жал, во оваа земја најверојатно ќе имаме уште терористички напади. Кога тоа ќе се случи, ќе се постави прашањето дали имало некаква порака чие дешифрирање би можело да го запре тој напад“, вели Џафер, екс советник на помошникот јавен правобранител за национална безбедност во американското Министерство за правда.