Достапни линкови

Препораките на Правобранителот тешко во пракса


Народниот правобранител вели дека институциите ги прифаќаат неговите извештаи во кои се констатира дека состојбите со децата со аутизам и децата Роми и нивната вклученост во образованието се проблем, но дека ништо не се прави неговите препораки да се реализираат во пракса.

Во Македонија сe уште има проблем со прифаќањето на препораките и мислењата на Народниот правобранител во врска со подобрувањето на состојбите со прeкршување на човековите права и треба да се работи оваа институција да биде повидлива за граѓаните. Ова беше кажано во дел од заклучоците од проектот со кој се промовираат надлежностите на омбдусманот во соработка со Австрискиот Народен правобранител. Проектот меѓудругото ги идентификува проблемите на децата на улица, децата Роми и децата со аутизам и нивната вклученост во образовниот процес.

Владата и другите надлежни институции треба да дадат активна поддршка на Народниот правобранител и оваа институција да добие соодветни средства за да може автономно да ја остварува својата работа.
Аиво Орав, шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав кажа дека се потребни напори да се зајакне улогата на Народниот правобранител.

„Владата и другите надлежни институции треба да дадат активна поддршка на Народниот правобранител и оваа институција да добие соодветни средства за да може автономно да ја остварува својата работа“, изјави Орав.

Народниот правобранител Иџет Мемети нагласи дека институциите ги прифаќаат неговите извештаи во кои се констатира дека состојбите со децата со аутизам и децата Роми и нивната вклученост во образованието се проблем, но дека ништо не се прави неговите препораки да се реализираат во пракса. Тој кажа дека проектот се спроведувал од мај до декември минатата година и оцени дека тоа било многу тешка година за Македонија.

„Македонија во 2015 година помина низ многу тежок период со големи турбуленции од секаков аспект, а најзагрижувачки беа масовните повреди на човековите слободи и права. Почнувајќи од мај во однос на објавата за масовното прислушување, потоа протестите и полициските акции, за да на крај да заврши со договор кој сите посакуваме да заживее и да се спроведе.“

Претседавачот на австрискиот омбдусман Гертруде Бринк кажа дека изминатиот период бил исполнет со интензивни активности поврзани и со работата на одделението за заштита на правата на децата со посебни потреби, работата на домовите со стар лица, а преку кампањи се работело и на подигање на свеста на граѓаните за важноста на институцијата. Таа се надева дека овие истражувања ќе бидат појдовна основа за институциите кои во иднина следејќи ги препораките ќе направат се за подобрување на состојбите.

„Неопходно е да има задоволително ниво на финансирање на стручниот кадар. Потребно е да има поголем интерес од Владата за подобро фукционирање на Народниот правобранител. Треба да се зголеми и видливоста на Народниот правобранител преку кампањи за подигање на свеста на граѓаните за важноста на оваа институција и нејзините надлежности“, рече Бринк на затворањето на твининг проектот „Промоција на надлежностите на Народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“, што се одржа во ЕУ инфо Центарот во Скопје.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG