Јас ги искористив скоро сите можности што ги дава Законот за Народен правобранител во врска со „прислушувањето“, но случајот се уште не е затворен, вели народниот правобранител Иџет Мемети во интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.
Така што тој предмет се уште е отворен, јас не знам како на друг начин да го затворам освен со законито постапување и инсистирам на одговор од страна на Владата и Министерството за внатрешни работи за сите тие клучни прашања што ги поставив уште тогаш, затоа што тие се должни тоа да го направат. Не е во ред да игнорираат.Иџет Мемети, народен правобранител.
Тој уште во март почна постапка поврзана со т.н. опозициски бомби, но вели дека сега е во фаза во која за попречувањето се обратил до Владата и до Собранието.
„Така што тој предмет се уште е отворен, јас не знам како на друг начин да го затворам освен со законито постапување и инсистирам на одговор од страна на Владата и Министерството за внатрешни работи за сите тие клучни прашања што ги поставив уште тогаш, затоа што тие се должни тоа да го направат. Не е во ред да игнорираат. Тоа е проблем на функционирањето на институциите во Република Македонија“, вели Мемети, според кој во земјава тие кои треба да ги спроведуваат законите не го правеле тоа, а формирањето на Специјалното јавно обвинителство доволно говорело колкава е волјата на институциите да се справат со проблемите.
„Овде не е во прашање Иџет Мемети, во прашање е институцијата Народен правобранител, во прашање е функционирањето на правниот систем во Република Македонија кој очигледно не ни функционира како што треба“, вели Мемети.
Во државава нема правна култура која подразбира сфаќање на редот во општеството како гаранцијаза слободата и стабилноста и тоа е клучниот проблем, оценува професорот по административно право Темелко Ристески. Институцијата народен правобранител е законски добро поставена како контролор на органите на власта и добро функционира во демократските држави, но кај нас не се сфаќа доволно нејзината важност, смета Ристески.
„Ако на народниот правобранител која што е институција и тоа многу значајна во контролно заштитниот систем на општество не му одговараат институциите и државните органи уште помалку може да очекува обичниот граѓанин кој што поднел некакво барање, кој што бара нешто од државниот орган да му се одговори на барањето. Тоа е резултат на високиот степен на правна аномија“, вели Ристески.
Во неделното интервју на Радио Слободна Европа Мемети го критикува и начинот на справувањето на државата со проблемот со бегалците и мигрантите.