Достапни линкови

Народниот правобранител отворил постапка за прислушувањето


Омбудсманот Иџет Мемети упатил писма до Јавното обвинителство, УБК, Агенцијата за електронски комуникации и Собранието, во кои бара одговори на голем број на прашања поврзани со прислушувањето, но сè уште немало одговор од посочените институции.

Народниот правобранител отворил постапка по сопствена иницијатива за случајот прислушување, а се водат и неколку постапки, откако граѓаните го побарале тоа од правобранителот. Тој упатил писма до Јавното обвинителство, УБК, Агенцијата за електронски комуникации, Собранието, во кои бара одговори на голем број на прашања поврзани со тој случај, кој давал наредби, кој вршел контрола, дали службениците кои ги следеле комуникациите постапувале по закон, но сè уште немало одговор од посочените институции.

„Нема здрав разум кој нема да се согласи до тоа дека во Република Македонија имаше масовно прекршување на човековите слободи и права и прекршување на правото на приватност“, вели Мемети.

Нема здрав разум кој нема да се согласи до тоа дека во Република Македонија имаше масовно прекршување на човековите слободи и права и прекршување на правото на приватност.
Иџет Мемети, народeн правобранител.

​Нема напредок во почитувањето на човековите права, напротив во некои области има уназадување, констатира Народниот правобранител Иџет Мемети презентирајќи го годишниот извештај за 2014. Минатата година имале за 400 претставки повеќе од годината пред тоа, што укажува дека сè повеќе граѓани бараат помош од Народниот правобранител. Во споредба со регионот, каде само еден процент од населението бара помош од омбудсманот, кај нас тој процент е двојно поголем, вели Мемети.

Граѓаните и понатаму најмногу се жалеле на правосудството, потрошувачките права, финансиите и царината, работните односи, затворите и полициските постапувања.

Правобранителот нотира дека има зголемување на говорот на омраза, па затоа апелира за разум и толеранција.

Што се однесува, пак, до затворите, Мемети вели дека нема подобрување во условите, а има и дискриминација.

Зголемен е бројот на поплаки од граѓаните за начинот на вработување во јавниот сектор. Народниот правобранител вели дека администрацијата не може квалитетно и ефективно да одговори на потребите на граѓаните, и опаднал квалитетот, како и тоа дека основен услов за вработување станала партиската припадност.

„Објавувањето на огласи за прием на поголеми групи лица по разни основи и за недефинирани потреби на јавниот сектор е многу лоша пракса, која препорачувам дека треба да прекине. Се сеќавате на огласите за групно вработување, по 1.000, по 500 луѓе во Македонски шуми, во Секретаријатот за рамковен договор итн.“

Има забелешки и за тоа што институциите водат долги постапки кога се работи за одлучување за здравствена заштита.

„Затоа што Фондот за здравство и Министерството за здравство не реагираат на време. Имавме случај поради ваков начин на работа да почине дете, а потоа да добие акт за лечење. Во предметното работење Народниот правобранител има многу такви случаи. Има случај во кој од денот на поднесување на барање поминале 4 години, а граѓанинот не добил одговор. Имаме случаи и кога граѓанинот добил акт за боледување, а поминале 10 години и средствата не може да ги добие.“

Иако основното и средното образование се беспалтни и задолжителни по закон, има училишта во кои нема ни основни материјали и просторни услови, вели правобранителот.

„Има училиште во кое децата со месеци чекаат учител за да ги учи букви, а ние чекаме одговор од министерот за финансии дали ќе одобри нешто што уставот им го загарантирал на децата, учење на мајчин јазик.“

Институцијата Народен правобранител е финансиски зависна, па така се чека на Министерството за финансии за одобрување за вработување на десетина лица. Поради тоа институцијата работи со намален капацитет, па затоа и опаѓа квалитетот на стручноста при истражување на постапките, вели правобранителот.

Изборите исто така се област за која има доста поплаки. Народниот правобранител констатриал дека има проблеми во изборната регулатива и дека ДИК не успеала навремено да ги ажурира податоците од избирачкиот список.

И понатаму МВР е иституцијата која најмногу не постапува по забелешките на правобранителот, односно, како што вели Мемети, од МВР праќаат само формални одговори.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG