Достапни линкови

Популизам за намалување на незадоволството


Не мора англиски за администрацијата, таблет-компјутери за студентите, отпишување долгови. Владата се обидува да го намали незадоволството кај јавноста.

Во владините најави за новите мерки за намалување на невработеноста, во одлуката да се измени законот со кој се предвидуваше задолжително познавање на странски јазик за администрацијата до 2017 година, во доделувањето на ваучери за бесплатни таблет компјутери за студентите, во отпишувањето долгови за социјално-ранливите категории и слично, дел од експертите препознаваат владеење со отворени популистички мерки на актуелната власт.

Тие мерки се носат за да се придобијат овие групации за избори и во некоја смисла да им се даде до знаење дека оваа влада прави добро за граѓаните.
Арсим Синани, универзитетски професор.

Целта, вели професор Арсим Синани, им е да се додворат на потенцијалното гласачко тело и да го придобијат на своја страна.

„Тие мерки се носат за да се придобијат овие групации за избори и во некоја смисла да им се даде до знаење дека оваа влада прави добро за граѓаните“, вели Синани.

Давањето ваучери за таблет-компјутери за студентите е дури еден вид на безобразлук кога ќе видите во какви услови живеат студентите. Условувањето на државните службеници со тестови за полагање англиски јазик е исто така еден вид на притисок, зашто тие тестови прво ги плаќаат самите вработени и важат само две години.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

Сличен став има и политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ. Таа вели дека мерките се навидум популистички, но нивната цел не е да им се помогне на граѓаните, туку да се оттргне нивното внимание од поголемите проблеми во државата.

„Давањето ваучери за таблет-компјутери за студентите е дури еден вид на безобразлук кога ќе видите во какви услови живеат студентите. Условувањето на државните службеници со тестови за полагање англиски јазик е исто така еден вид на притисок, зашто тие тестови прво ги плаќаат самите вработени и важат само две години“, вели Стојадиновиќ.

Веќе е повеќе од јасно дека се соочуваме со проблеми околу одредени законски решенија, вели Синани. Искуството покажува дека брзањето да се донесат одредени закони покажува доста пропусти и кога ќе се види дека тоа не функционира во пракса, се бара начин да се поправат грешките. Но, Синани е уверен дека граѓаните веќе го препознаваат, како што, вели лажниот популизам.

„Граѓаните, не само што го препознаваат, туку мислам дека граѓаните долго време не се среќни со економската ситуација, со животниот стандард“, вели Синани.

И според Стојадиновиќ, интересните групи кон кои се наменети владините мерки, се свесни дека мерките се само добро спакувани и презентирани во јавноста како корисни и потребни за нив.

„Обландата на кампањата за добробит на народот во која се спакувани од страна на власта е всушност лага“, вели Стојадиновиќ.

И додека од една страна Владата промовира мерки кои ги најавува како корисни и во интерес на граѓаните и нивните права, во исто време продолжува спроведувањето на политиките на казни кои како што велат нашите соговорници, имаат намера да ја полнат државната каса и да ги казнуваат непослушните.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG