Достапни линкови

Отворени владини седници за глумење транспарентност


Владата е прилично затворена кога станува збор за трошењето јавни пари, па затоа отворените седници, не може да се сметаат за ништо друго отколку за дел од политичката пропаганда.

Тоа што Владата на своите граѓани не им дава информации за трошењето јавни пари, а учеството на јавноста во процесот на креирање јавни политики е на минимално ниво, доволно зборува дека институциите не се транспарентни, велат експертите кои затоа ѝ забележуваат на владата дека нејзините отворени седници се дел од политичката пропаганда која не дава некакви реални ефекти.

Отворена седница или директен пренос, останува во сферата на политичка пропаганда, а не во сферата на унапредување на демократијата или комплетно, изворно информирање на граѓаните.
Климе Бабунски, комуниколог.

„Отворена седница или директен пренос, останува во сферата на политичка пропаганда, а не во сферата на унапредување на демократијата или комплетно, изворно информирање на граѓаните“, вели комуникологот Климе Бабунски.

Отворените седници, ако се дел од некоја осмислена политика, нема да се случуваат ад хок, туку ќе имаат сосема поинаков ритам, задача и цел, коментира Бабунски, зборувајќи за тоа како владата ги користи технологиите кои ѝ се на располагање за да ја претстави својата работа.

Ако нема конкретни резултати, имаме популизам. Во целина мислам дека самите состојби воопшто во државата не кореспондираат со тенденцијата што владата има да ја прикаже со овие отворени седници.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

„Не се знае однапред, на пример во годишниот план на владата, за кои теми, кога ќе се најдат на дневен ред, владата е спремна тоа да го прави на отворен начин. Состојбата е сосема спротивна, остануваат недостапни, дури и врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а сепак се работи за одлуки кои се темелат на распределба, трошење на јавни пари“, вели Бабунски.

Носење одредби или измени во законот во последен момент за време на викенд или во текот на годишни одмори исто така не е убава порака, дополнуваат експертите кои нагласуваат дека проблемот е во тоа што институциите го опструираат законот за пристап до информации од јавен карактер.

Покрај другото, политикологот Исмет Рамадани се здржа и на 16-часовното траење на вчерашната седница, нарекувајќи го тоа лесен предизвик. Тоа значи дека несомнено е дека се работи, рече Рамадани, но нагласи дека прашање е дали се работи како што треба и колку тоа придонесува Македонија да напредува на економски, социјален и политички план и во делот на евроинтеграциите.

„Ако нема конкретни резултати, имаме популизам. Во целина мислам дека самите состојби воопшто во државата не кореспондираат со тенденцијата што владата има да ја прикаже со овие отворени седници“, вели Рамадани.

Инаку, отворените седници од опозицијата секогаш се оценувани како популистички и со тенденција да се прикаже дека многу се работи, а за владата тие се дел од нејзините политики за транспарентност и отвореност со граѓаните.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG