Достапни линкови

Власта навлече панцир против опозициските „бомби“


Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека кога ќе ги објават доказите што ги имаат власта ќе си замине за три дена, но и по месец и половина од почетокот на објавувањето на „бомбите“, власта не дава знаци на попуштање.

Кога ќе ги покажеме доказите, Никола Груевски за три дена ќе си поднесе оставка. Оваа изјава ја даде претседателот на СДСМ Зоран Заев во ноември на трибина во Битола.

Ефектите ќе бидат далекусежни, затоа што Никола Груевски и неколкуте негови соработници не само што повеќе нема да може да владеат со Македонија, туку тие повеќе нема да можат да се бават со политика, но ќе се отворат и некои други процеси па ќе видиме што од тоа ќе произлезе.
Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

„Ако не успееме политички, не заслужуваме да ја водиме опозицијата“, рече тогаш Заев.

Тие почнаа да ги објавуваат т.н бомби во почетокот на февруари. По поминати месец и половина од првата прес-конференција, ситуацијата е доста поразлична од она што во ноември го зборуваше Заев. Досега нема ниту една оставка во владата, а премиерот Никола Груевски ги отфрла разговорите како креирани.

Потпреседателот на СДСМ Дамјан Манчевски вели дека за да се видат ефектите од сето ова требало да се почека да завршат со објавувањето на материјалите, оти сега, како што додава, биле до средина на тој процес.

Го гледам уплашен до даска од денешниот наш собир побрзал порано да одржи прес. Тоа говори за него, за неговиот страв дека е фатен жив во многу работи, дека има непобитни докази за тоа кој е Зоран Заев и што тој прави, но и страв дека веќе опаѓа вниманието од неговите теми, дека времето го гази. Во тој страв ние не можеме да му помогнеме.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ефектите ќе бидат далекусежни, затоа што Никола Груевски и неколкуте негови соработници не само што повеќе нема да може да владеат со Македонија, туку тие повеќе нема да можат да се бават со политика, но ќе се отворат и некои други процеси па ќе видиме што од тоа ќе произлезе“, вели Манчевски, кој додава и дека се задоволни од ефектите што т.н. бомби ги постигнале врз граѓаните.

„Тоа го покажуваат бројните анализи и сондажи на јавното мислење што ги правиме и ние, но што ги прават и релевантни и домашни и меѓународни организации. Факт е дека граѓаните ја слушнале вистината за Македонија и факт е дека таа влијае врз нивното мислење. Далеку сме од крајот на овој процес и да го почекаме за да видиме кои сè ефекти ќе се постигнат, нам ни е битно врз граѓаните на државата“, вели Манчевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ не добивме коментар за ефектите од објавувањето на прислушуваните материјали и за тврдењата дека зад опозицијата стојат странски служби. Од партијата преку соопштенија постојано наведуваат дека Заев се наоѓал во политички хаос, притиснат од големите најави и чукање во гради од една страна и нереализираните ветувања и ефекти кажани пред неговото членство од другата страна. Груевски, пак, на трибините постојано инсистира дека неговиот политички противник одработувал агенда за странски служби, која, како што вели, не ја ни разбирал. Покрај другото, премиерот на митингот во Скопје наведе и дека опаѓал интересот за објавите на Заев.

„Го гледам уплашен до даска од денешниот наш собир побрзал порано да одржи прес. Тоа говори за него, за неговиот страв дека е фатен жив во многу работи, дека има непобитни докази за тоа кој е Зоран Заев и што тој прави, но и страв дека веќе опаѓа вниманието од неговите теми, дека времето го гази. Во тој страв ние не можеме да му помогнеме“, рече Груевски.

Досега СДСМ одржа тринаесет прес конференции на кои ги објавуваат прислушуваните телефонски разговори. Со исклучок на пресовите на Груевски и на министерот за финансии Зоран Ставрески, кој следеше по една од прес-конференциите на СДСМ, вообичаено ВМРО-ДПМНЕ испраќа соопштение во кое ја има квалификацијата креирани материјали.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG