Достапни линкови

Ќе донесе ли кризата прегрупирања на политичката сцена?


Владата на Македонија.
Владата на Македонија.

Дали бомбите на лидерот на СДСМ Зоран Заев и случајот со прислушувањето може да предизвикаат регрупирања и преструктуирања на политичката сцена во Македонија?

Бомбите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, освен што го расветлија партикратското владеење во сите сфери во општеството, може да предизвикаат и тектонски промени со регрупирање на политичката сцена. На ова укажуваат дел од експертите чии констатации се темелат на последните јавни настапи на поединци и поранешни високи функционери од владејачката партија, кои недвосмислено се разликуваат со своите ставови од актуелната власт, а некои екс членови во своите настапи ја застапија тезата дека во владејачката партија има големи превирања и дека постои незадоволство од раководството на партијата.

Ние во овој момент имаме само една цел, а таа се вика политичка одговорност за постоечкото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Никола Груевски. Под политичка одговорност се подразбира оставка во ситуација во којашто државата е клекната на колена.
Владимир Лазаревик, поранешен заменик министер за здравство.

Ова го отвори прашањето дали е реално да се појави ново струење во владејачката партија што сериозно би влијаело врз нејзината монолитност и би ја ослабнало. Сериозноста на ова прашање произлегува од тоа што зад ваквите јавни излагања стојат имиња со политичко реноме со значајни влијателни функции. Никола Димитров беше поранешен преговарач за името и амбасадор. Перо Димшоски беше државен секретар за евроинтеграции, а Владимир Лазаревик е поранешен заменик министер за здравство. Со критички настап кон матичната партија настапи и Јове Кекеновски со својот Форум на слободни патриоти.

Прашање е колку партија како ВМРО-ДПМНЕ може да биде реформирана од страна на луѓе со морален интегритет, имајќи предвид дека голем број од членовите на ВМРО-ДПМНЕ се врзани за власта, од материјален, личен интерес.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Нивната цел е да се покаже дека ова раководство не е ВМРО-ДПМНЕ, но Лазаревик вели дека засега е рано да се каже каков ќе биде нивниот натамошен ангажман.

Двете политички партии коишто се носечки во Република Македонија, ВМРО-ДПМЕ во позиција на власт и СДСМ во позиција на опозиција во овој момент своето членство го насочуваат да се идентификува со лидерот и со главните носители на политичките активности.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

„Ние во овој момент имаме само една цел, а таа се вика политичка одговорност за постоечкото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Никола Груевски. Под политичка одговорност се подразбира оставка во ситуација во којашто државата е клекната на колена. Ние не сакаме да говориме што ќе биде понатаму, туку сакаме да се фокусираме на суштината, а суштината е дека некој мора да ја сноси одговорноста за овие неодговорни постапки во кои е донесена Република Македонија и тоа во моментот е најодговорната личност - премиерот Никола Груевски и се разбира целото раководство на партијата кое го опкружува. Од тие причини нашиот понатамошен ангажман ќе зависи од понатамошните чекори коишто ќе бидат преземени од страна на самата Влада и пред сè на премиерот Никола Груевски. Меѓутоа, јас лично морам да кажам дека, зборувам во лично име, имам една емотивна поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ на повеќе нивоа, комуницирам со професор Јове Кекеновски, разговарам со луѓе кои порано биле во раководството на ВМРО-ДПМНЕ и се разгледуваат повеќе можни варијанти и сценарија, меѓутоа првото е политичка одговорност“, вели Лазаревик.

Владимир Лазаревик.
Владимир Лазаревик.

Аналитичарот Здравко Савески смета дека во секоја демократска земја со објавувањето на скандалозните снимки владата ќе си поднесеше оставка што не е случај во Македонија. Несоодветниот одговор на владата предизвикува реакции на поединци кои имаат чувство за демократија, обидувајќи се на тој начин да ги средат работите внатрепартиски. Савески е скептичен за крајниот исход од делувањето на т.н Амстердамска тројка, повикувајќи се на тоа дека сепак може да надвладее личниот интерес на сметка на општиот интерес.

Општата констатација е дека веќе во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе, односно членови, функционери, нивни поранешни функционери, полека, полека ја сакаат вистината, а што е многу позитивно, тие веќе се осмелуваат да ја кажат вистината и како господинот Кекеновски, господинот Димитров, кои исто така имаа респектабилни функции, мислам дека неговите размислувања, неговото јавно кажување, веќе дава една друга вистина за членството на ВМРО-ДПМНЕ.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

Никола Димитров.
Никола Димитров.

„Прашање е колку партија како ВМРО-ДПМНЕ може да биде реформирана од страна на луѓе со морален интегритет, имајќи предвид дека голем број од членовите на ВМРО-ДПМНЕ се врзани за власта, од материјален, личен интерес, така што неформалната коалиција која е критички настроена кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ има две добри карактеристики, прво веројатно има позитивен углед кај меѓународната заедница и меѓународната заедница ги гледа како една од алтернативите за решавање на кризата во Македонија, а од друга страна има луѓе кои имаат доста добри односи со базата на ВМРО-ДПМНЕ, но во ситуација во која голем дел од членството е врзано со материјални придобивки од зафаќање на официјалната линија, прашање е дали во нормални околности и без дополнителен стимул од некоја страна тие можат нешто посериозно да направат во рамките на ВМРО-ДПМНЕ“, вели професор Здравко Савески.

Фактот што господинот Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, од почетокот истакнува поинакви ставови, а во последно време и госпоѓата Лилјана Поповска од ДОМ, се индикатори дека одредени коалициони партнери, помали партии, не се согласуваат со политиката што ја води премиерот Груевски и неговата влада, но за некој посериозен чекор за истапување, мислам дека е рано. Сметам дека ќе калкулираат до последен момент кога ќе биде веќе сликата појасна дека ќе има преодна влада, дека ќе има нови избори, дека ќе се смени политичката сцена во Македонија, мислам дека во тој момент тие ќе го направат конечниот чекор.
Насер Зибери, политички аналитичар.

Професор Никола Дујовски не очекува кој било од споменатите дека може да направи нешто посериозно и да формира нова партија која би произлегла од ВМРО-ДПМНЕ или да направи фракција во самата партија, посочувајќи дека од ВМРО-ДПМНЕ 20 години наназад се изродија многу други партии кои повторно се претопија во матичната. Според него, станува збор за поранешни функционери кои немаат поддршка, ниту кај членството, ниту кај граѓаните за да може нешто посериозно да направат и ваквата поставеност ја гледа во доброто менаџирање, кое, како што оценува, постои и во двете најголеми политички партии. Двата политички субјекти го насочуваат членството да се идентификува со лидерот, вели Дујоски.

„Двете политички партии коишто се носечки во Република Македонија, ВМРО-ДПМЕ во позиција на власт и СДСМ во позиција на опозиција во овој момент своето членство го насочуваат да се идентификува со лидерот и со главните носители на политичките активности. Од една страна имате членство коешто сериозно се идентификува со политиките на претседателот на партијата во ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна речиси иста таква состојба имате во СДСМ каде што најголем дел од членството се идентификува со носителите на политичките функции, а не со луѓе кои порано имале некакво влијание, тоа е значи успехот на таквите политичари да се наметнат кај своето членство. Политиките што ги водат што се насочени кон контролирање на однесувањето на членството, доведува до тоа членството да не препознава други, освен првите луѓе во партијата“, вели професор Дујоски.

Дали партиите ќе истапат или не зависи од преговори внатре во партијата, но секако разликата во ставовите ќе се зголемува и цената на малите партии за да останат во коалиција ќе се зголемува.
Петар Арсовски, политички аналитичар.

Поинаку размислува политичкиот аналитичар Исмет Рамадани. Тој верува дека времето работи во корист на вистината и оти се наближува мигот кога бомбите на Заев ќе имаат подалекусежни последици.

„Општата констатација е дека веќе во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе, односно членови, функционери, нивни поранешни функционери, полека, полека ја сакаат вистината, а што е многу позитивно, тие веќе се осмелуваат да ја кажат вистината и како господинот Кекеновски, господинот Димитров, кои исто така имаа респектабилни функции, мислам дека неговите размислувања, неговото јавно кажување, веќе дава една друга вистина за членството на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Исмет Рамадани.

Тој воочува дека веќе се наѕираат и првите ефекти од аудио снимките што ги објави претседателот на најголемата опозициска партија Зоран Заев. Рамадани оценува дека важен момент е што има индиции дека во караванот на власта има партии кои се разликуваат со своите ставови, како што се партијата на Павле Трајанов и ДОМ на Лилјана Поповска и очекува дека и други партии најверојатно ќе почнат да се престројуваат и нема да бидат дел од таа политика на ВМРО-ДПМНЕ која стана разобличена со прислушувањето.

Аналитичарот Насер Зибери со став дека работите ќе станат појасни во моментот кога ќе се знае дека епилогот од политичката криза ќе бидат нови предвремени избори во Македонија.

„Фактот што господинот Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, од почетокот истакнува поинакви ставови, а во последно време и госпоѓата Лилјана Поповска од ДОМ, се индикатори дека одредени коалициони партнери, помали партии, не се согласуваат со политиката што ја води премиерот Груевски и неговата влада, но за некој посериозен чекор за истапување, мислам дека е рано. Сметам дека ќе калкулираат до последен момент кога ќе биде веќе сликата појасна дека ќе има преодна влада, дека ќе има нови избори, дека ќе се смени политичката сцена во Македонија, мислам дека во тој момент тие ќе го направат конечниот чекор“, вели Зибери.

Петар Арсовски смета дека личните интереси во политичките партии ќе надвладеат, независно од изречените партиски ставови. Во таа насока тој ја толкува и последната информација дека ДПА би можела да влезе во власта.

„Дали партиите ќе истапат или не зависи од преговори внатре во партијата, но секако разликата во ставовите ќе се зголемува и цената на малите партии за да останат во коалиција ќе се зголемува. На крајот дали ќе истапат или не, се преговори кои ќе ги водат партиите заедно со нивниот коалиционен партнер, а доколку останат, мислам дека цената за нивното останување ќе биде повисока и во таа насока ја толкувам последната информација која протече во јавноста дека ДПА евентуално би можела да биде замена за нив, во смислам дека помалите партии како ДОМ, партијата на Павле Трајанов итн., размислуваат дали можат да продолжат со заедничка политичка платформа со ВМРО-ДПМНЕ и излегуваа со едни ставови коишто се различни и истовремено се појавува информација дека нивното место, доколку тие одлучат да си заминат од коалицијата, би можела да го пополни партијата на Тачи, така што тоа сега е предмет на политички договор на партиите во коалицијата“, вели Арсовски.

Сомнежот дека е можно ново преструктуирање на партиите, Здравко Савески го темели на шпекулациите за уцени за неизлегување од коалицијата и поради тоа вели дека не може ништо со сигурност да се прогнозира.

Професор Никола Дујоски вели дека е легитимно да се има различни ставови кај коалициските партнери, но дека тие се обврзани да останат заедно поради договорениот интерес во коалицијата.

„Тоа е сосема легитимно. Секоја партија си има свои цели и своја програма и ако ја погледнете програмата на Демократскиот сојуз, таа не е многу блиска до програмата на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа имаат коалициски договор и тие си се држат до тоа во изминатите години. Павле Трајанов, освен со по некоја изјава во јавноста, не излезе до некои сериозни чекори или да најави што било што би можел да направи, а што не е во согласност со политиката на владината коалиција“, вели Дујоски.

ДОМ ја заговара идејата за нов јавен обвинител, а Павле Трајанов смета дека прислушувањето доаѓа од дома, ставови што се различни од оние на ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од Дујоски, кој вели дека многу е мала веројатноста дека во блиска иднина ќе има какво било регрупирање на политичката сцена, Зибери го тврди спротивното, посочувајќи дека не треба да се игнорираат моменталните турбуленции.

„Како и да е, политичката сцена во наредниот период ќе биде многу интересна, а и политичките партии надвор од парламентот исто така ќе се регрупираат. Повеќето ќе гравитираат кон опозицискиот блок како едно навестување дека таа е структурата која ќе биде на власт во наредниот период. Тука да го спомнам и ставот на Демократската партија на Турците на господинот Кенан Хасипи, која исто така искажува доста резервиран став кон одредени проекти кои се предлагаат од владата во Собранието и неговиот став наликува на индикатор дека и тој не е задоволен од актуелната позиција“, вели Зибери.

Во однос на можното учество на ДПА во власта што деновиве нашироко се зборува, дел од аналитичарите велат дека исто така рано е да се донесуваат заклучоци, бидејќи, како што велат, официјални преговори досега не се случиле. Здравко Савески со акцент дека сите алтернативи се отворени.

„Дали евентуалниот влез на ДПА би значело и веројатно излегување на ДУИ. Сигурно дека на ДПА ќе ѝ се дадат министерски позиции и на штета на ДУИ, така што ДУИ сигурно нема позитивно да гледа на влегувањето на ДПА во владата, но и тие користат доста привилегии, законски и незаконски, од вршењето на власта, така што прашање е дали тие сигурно би излегле од власта во ситуација кога ДПА би влегла, така што доста од овие ситуации се непредвидливи и многу од овие работи и динамики кои ќе се развиваат ќе зависат едни од други, односно нема да делуваат во вакуум, туку во даден момент и дадена констелација на силите“, вели Савески.

Со поконкретна теза во поглед на можните коалицирања на ДПА со владејачката партија е Исмет Рамадани, кој смета дека последните информации имаат за цел да го консолидираат членството на ДПА во пресрет на конгресот на неговиот ривал Зијадин Села.

„Ставовите на Тачи се препознатливи. Тој повеќе настапува да биде интересен, тоа е повеќе еден балон, тоа е конгресот кој го организира Зијадин Села. Во исто време тој тоа го прави, односно објавува нешто, а тој всушност е и дел од власта, кокетира со ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека не треба да се зема за сериозно тоа што тој го прави“, вели Рамадани.

Експертската јавност смета дека актуелната политичка криза остава простор за некаква дополнителна нова политичка понуда, но за да се направи понуда која ќе биде витална не е доволна само сегашната ситуација, туку е потребна работа на терен. Најголемиот дел од нив се согласуваат дека сите сценарија се во игра - од тоа дека кризата на партиите од десницата допрва почнува, до сосема спротивниот став дека не треба да се очекува да има какви било промени од причина што македонското гласачко тело е крајно политизирано на оние што ја поддржуваат коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и другите што ја поддржуваат коалицијата на СДСМ. Можеби за првпат значајна улога ќе одиграат помалите партии и ќе го донесат победникот, но за ова во овој момент е рано да се зборува, бидејќи обично политичките тактизирања и игри се случуваат во последен момент.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG