Груевски го демантира Груевски. Со овие зборови претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска го најави новиот сет на снимки, кои, како што тврди, биле доказ дека премиерот лажел за скандалите поврзани со градежните парцели на Водно. Тој тврди дека со денешните снимки на кои, како што рече, се слушаат гласовите на премиерот и на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, се демантира владиното соопштение во кое се наведува дека Груевски немал градежни парцели и имот за кој граѓаните не знаеле и кои не биле наведени во неговиот анкетен лист.
Ова е Никола Груевски по чиј налог зеленило и рекреативни појаси на скопјани на Водно станале градежно земјиште.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
„Ова е Никола Груевски по чиј налог зеленило и рекреативни појаси на скопјани на Водно станале градежно земјиште. Од новиот Детален урбанистички план што Груевски насила сака да важи, се гледа дека станува збор за план за објекти, само на име на фирмата од Белизе, од 14.500 м2 развиена површина, коишто по денешна пазарна цена на чинење на Водно, ќе тежат над 17 милиони евра“, рече Заев.
Од снимките, вели претседателот на СДСМ, се слуша како Груевски лично и прецизно договарал со Јанакиески каде и колкава да биде парцелата на Водно, на име на фирмата од Белизе, каде што управител бил неговиот кум.
„Прв машки глас: Види, со обзир дека ГУП-от се наближува.
Втор машки глас: Добро.
Прв машки глас: Ако не најдеме купец за ова, знаеш, горе кај ВТ.
Втор машки глас: Добро.
Прв машки глас: Да го претвориме во онакво како што ти кажав, знаеш.
Втор машки глас: Да, да, ама така е направено.
Прв машки глас: Тогаш одма го продавам. Имам више заинтересиран.
Втор машки глас: Така е направено, општо, Ви кажав. Општо е ставено таму.“
Претседателот на СДСМ денеска објави и аудио снимки на кои исто така тврди дека се гласовите на двајцата политичари а на кои тие разговараат за уривањето на Космос на Фијат Цаноски. Во еден од телефонските разговори, гласот за кој се посочува дека е на Груевски вели дека од Цаноски добил информација дека ќе ги тужел градоначалниците на Гази Баба и на Скопје Тони Трајковски и Коце Трајановски поради што тие биле, како што вели, „вознемирени до даска“ и нон стоп му пуштале пораки.
„Прв машки глас: А? Аууу, вака го неам видено никогаш до сега, а и ретко кој вака исплашен ми дошол. Молим те што сакаш да правам, тоа. Ако сакаш Велија да го довлечам еве, дај да ви организирам средба, ја стварно немам со него, ни бизнис, ни сакам да имам бизнис. Децава ни се сега заедно, утре може нема да бидат, нон-стоп се караат. Хахахаха. Молим те, хахахахаха.
Втор машки глас: Барем да ни го смета како услуга.
Прв машки глас: А?
Втор машки глас: Да ни го смета како услуга.
Прв машки глас: Ќе ни го смета како услуга, да, да, да. Е сега ти треба да смислиш причина зошто си го држел. Нешто, појма немам, не мора во детали да му кажувам, до вечер, ја му реков –вечер ќе ти се јавам.
Втор машки глас: Не, одма ќе Ви кажам. Значи, демек, згрешиле службите, правеле анекс, јас сум го пуштил во Катастар, да го проверат до крај. И Катастар демек до утре ќе ми одговори.“
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев ја отфрли можноста да се вратат во собранието ако на дневен ред е интерпелација на Владата и повторно најави дека ќе објават се што поседуваат.